Поглед на некои славни градини
ЧОВЕКОВОТО искуство со Рајот започнало во една градина лоцирана во подрачјето наречено Едем, можеби во близината на езерото Ван, во денешна Турција. Една река која се разгранувала на четири реки ја залевала градината за Адам и Ева, кои требало да ‚ја обработуваат и да ја пазат‘. Какво само задоволство би било да се одржува една градина во која изобилувале „секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење“! (1. Мојсеева 2:8—15).
Едем бил совршен дом. Адам и Ева, како и нивните потомци, требало да ги прошират неговите граници, сигурно користејќи ја Божјата извонредна првобитна замисла како свој модел. Со текот на времето, целата Земја би станала рај, удобно исполнета со луѓе. Но своеволната непослушност на нашите прародители довела до тоа да бидат протерани од ова прибежиште. За жал, сите други од човечкото семејство се родиле надвор од овој Едемски дом.
Сепак, Творецот го конструирал човештвото за да живее во Рај. Затоа било природно идните генерации да се обидуваат да се опкружуваат со имитации од него.
Рани градини
Висечките градини на Вавилон се прогласени како едно од чудата на древниот свет. Ги изградил кралот Навуходоносор пред повеќе од 2.500 години за својата мидијанска сопруга која копнеела по шумите и брдата на нејзината татковина. Таа скалеста структура долга 22 метри, составена од богато засадени полукружни сводови, содржела доволно почва за да се одгледуваат големи дрвја. Носталгичната кралица веројатно била утешена додека се шетала низ тоа терасесто подрачје слично на Едем.
Уредувањето градини било проминентно во плодната нилска долина во Египет. „Египет“, вели The Oxford Companion to Gardens, „е изворот на најстарите слики за градините во светот и локација за една исклучително долга . . . традиција на градинарство.“ Еден план за уредување на градина, кој му припаѓа на еден египетски службеник од Теба, а кој датира од околу 1400-тата пр. н. е., содржи базени, авении наредени со дрвја и павилјони. Веднаш после кралските градини, најбујни биле храмските градини со своите шумички, цвеќиња и билки наводнувани преку канали спроведувани од базени и езера кои вриеле од водни птици, риби и водни кринови. (Спореди 2. Мојсеева 7:19.)
Персијците, исто така, рано оставиле свој белег во светот на градините. Толку биле волшебни градините на Персија и Египет што, кога освојувачките војски на Александар Велики се вратиле во Грција во четвртиот век пр. н. е., тие дошле добро снабдени со семиња, растенија и идеи. Во Атина, Аристотел и неговиот ученик Теофраст го составиле сѐ поголемиот инвентар на флора и основале ботаничка градина за да ги проучуваат и класифицираат растенијата. Многу од богатите Грци, како и Египтјаните и Персијците пред нив, имале раскошни градини.
Римските градски жители ја спојувале куќата со градината во ограничениот градски простор. Богатите создавале спектакуларни паркови на задоволсто околу нивните селски вили. Дури и тиранинот Нерон си сакал свој Едем, па затоа безмилосно протерал стотици семејства, ги разурнал нивните домови и направил приватен парк со преку 50 хектари површина околу својата палата. Подоцна, околу 138 н. е., околу вилата на императорот Адријан во Тиволи, римското уредување на градините го достигнало својот зенит. Вилата имала паркови, базени, езера и фонтани кои зафаќале површина од 243 хектари.
И древните Израелци имале свои градини и паркови. Еврејскиот историчар Јосиф пишува за прекрасните паркови кои изобилувале со потоци, сместени во местото наречено Етам, околу 13—16 километри оддалечено од Ерусалим. Парковите на Етам можеби биле меѓу ‚градините, садниците, водостоите и ливадите‘ за кои Библијата вели дека Соломон ‚си ги направил‘ (Проповедник 2:5, 6). На Маслинската Гора, на самиот излез од Ерусалим, се наоѓала градината Гетсиманија, која станала славна по Исус Христос. Исус овде нашол засолниште во кое можел мирно да ги поучува своите ученици (Матеј 26:36; Јован 18:1, 2).
Од арапски до англиски градини
Во седмиот век н. е., кога арапските војски се рашириле на исток и на запад, како и Александар, наишле на градините на Персија. (Спореди Естира 1:5.) „Арапите“, пишува Хауард Локстон, „откриле дека персиските градини се многу слични на рајот кој во Коранот им бил ветен на верните.“ Како и својот персиски модел, типичната арапска градина, од маварска Шпанија сѐ до Кашмир, била поделена на четири делови со четири потоци кои во центарот се влевале во еден базен или фонтана, што потсетува на четирите реки на Едем.
Во северна Индија, покрај езерото Дал во прекрасната долина Кашмир, монголските владетели од XVII век насадиле преку 700 рајски градини. Тие формирале блескава палета од бои обележани со стотици фонтани, тераси и слапови. Павилјонот од црн мермер, кој Шах Џахан (градителот на Таџ-Махал) го изградил на брегот на езерото Дал, сѐ уште го носи натписот: „Ако на лицето на Земјата постои рај, тој е овде, овде, овде“.
Неколку векови пред тоа, Европа преминала од средниот век во ренесансата на XIV век. Градинарската традиција на Рим, која била згазена кога средниот век започнал во петтиот век н. е., почнала повторно да цвета — овој пат под власт на црквата. Христијанскиот свет гледал на градината како на ‚привремен рај‘. Еден план за манастир од деветтиот век покажува две градини обележани како „Рај“. Градините на христијанскиот свет набргу станале поголеми и повеличествени, но наместо да одразуваат духовни идеали, многу од нив станале симбол на моќ и на богатство.
Во 1495, кога Шарл VIII од Франција го освоил Неапол (Италија), дома тој напишал: „Не би верувале какви убави градини имам во овој град . . . Изгледа дека фалат уште Адам и Ева за да стане земен рај“. Но, кога Шарл би живеел до XVII век, би ги видел пространите градини на француска почва во сопствеништво на царот Луј XIV. Книгата The Garden тврди дека градините на палатата во Версај „сѐ уште можат да полагаат право за најголеми и највеличествени во светот“.
Меѓутоа, ренесансата имала нова дефиниција за рајот: природата треба да му биде подредена на просветениот човек кој треба да наметне ред во градината со тоа што ќе ја прочисти од секаква дивина. Дрвјата и цвеќињата биле поставени во прецизни геометриски конфигурации. Според тоа, раната римска пејсажна архитектура — уметноста на обликување на дрвја и жбунови со поткастрување и одгледување — уживала чудесна преродба.
Потоа, во XVIII и XIX век, поморското истражување и трговијата откриле нови растенија и градинарски идеи за западниот свет. Сега на Англија ѝ дошол редот за креирање градини. „Во Англија, од XVIII век“, вели The New Encyclopædia Britannica, „човекот станувал сѐ посвесен за природниот свет чиј дел е тој. Наместо на природниот свет да му го наметнува својот геометриски ред што самиот го направил, тој почнал да размислува како да го приспособи својот живот според него.“ Мажи како Вилијам Кент и Ланцелот Браун се истакнале по уредувањето градини. Браун креирал повеќе од двеста поседи во Англија. Двајца мажи кои станале претседатели на Соединетите Држави, Томас Џеферсон и Џон Адамс, направиле една турнеја низ Англија во 1786 за да ги проучуваат англиските градини.
Уредените градини на Исток
За источната цивилизација, градинарската традиција на Кина е она што традициите на Египет, Грција и Рим се за западната. Кинезите во почетокот практикувале анимистичка религија во која на реките, камењата и планините се гледало како на материјализирани духови и затоа требало да се почитуваат. После тоа, таоизмот, конфучијанизмот и будизмот прелетале низ земјата и создале свои облици на градина.
На другата страна од Јапонското Море, јапонските градини развиле свој стил, каде што обликот има предност пред бојата и секој предмет има свое прецизно место. Во обидот да ги долови естетиката и разноликоста на природата во едно ограничено подрачје, градинарот грижливо ги поставува своите камења и внимателно ја сади и одгледува својата градина. Тоа е видливо кај бонсајот (што значи „саксиено растение“) — уметност на одгледување минијатурно дрво или можеби и шумичка со дрвја во еден прецизен облик и пропорционалност.
Иако нејзиниот стил може да се разликува од нејзиниот западен двојник, источната градина исто така одразува копнеж по Рајот. На пример, во периодот хејан во Јапонија (794—1185), пишува Вибе Куитерт, историчар на јапонското градинарство, градинарите се обидувале да предизвикаат атмосфера на „рај на Земјата“.
Универзална љубов
Вклучувајќи ги дури и племињата кои ловат и собираат, а кои живееле во „природни“ градини — џунгли, шуми и тревни површини, љубовта спрема градината е универзална. Во врска со „Астеките од Мексико и Инките од Перу“, Britannica вели дека „конквистадорите известиле детализирани градини со терасести брда, шумички, фонтани и базени за украс . . . не многу различни од современите градини на Западот“.
Да, што ни откриваат древните горички на двете страни од Нилот, уредените градини од Исток, современите градски паркови и ботаничките градини? Копнежот на човештвото по Рај. Забележувајќи ја таа трајна „носталгија по Рај“, писателот Тери Комито навел: „Градините се места во кои луѓето се враќаат дома“. И кој човек не би се радувал да каже: ‚Мојот дом е како Едемска градина‘? Но, дали еден глобален Едем — и не само за богатите — е само сон? Или дали е идна сигурност?
[Слика на страница 7]
Замисла на уметникот на висечките градини на Вавилон
[Слика на страница 7]
Класична градина во Јапонија
[Слика на страница 7]
Версај, Франција
Низ историјата, луѓето копнееле по Рај
[Извор на слика]
French Government Tourist Office/Rosine Mazin