Нашата љубов спрема градината
ДАЛИ со задоволство би го примиле спокојството на една убава градина како засолниште од буката и забрзаното темпо на животот? Дали тивките паркови со своите тревници, цвеќиња, сенливи дрвја и езерца се околина која би ја претпочитале за пикник со Вашето семејство или за прошетка со некој пријател? Да, колку само градината е успокојувачка, освежувачка, мирна, па дури и терапевтска!
Иако некои можеби избегнуваат да одгледуваат градина, можеби поради недостиг на време, сите ние се одушевуваме на боите, аромите, звуците и плодовите на градината. Томас Џеферсон — архитект, научник, адвокат, пронаоѓач и претседател на САД — ја сакал градината. Тој напишал: „Ниедно занимање не е толку одушевувачко за мене како што е обработувањето на земјата . . . Сѐ уште сум посветен на градината. Иако сум стар човек, сепак сум млад градинар“.
Неговото гледиште го делат многумина. Секоја година милиони посетители нагрнуваат во славните градини на светот — Кју градините (Кралските ботанички градини) во Англија; градините во Кјото, Јапонија; градините на палатата во Версај, Франција; Лонгвуд градините во Пенсилванија, САД — да споменеме само неколку. Многу држави имаат и градски подрачја каде што домовите, сместени долж авении наредени со дрвја, се опкружени со жбунови, дрвја и со жар цветна боја — како минијатурен рај.
Градините можат да го унапредуваат здравјето
Забележано е дека кога луѓето се во контакт со светот на природата, нивното здравје може да биде подобро, иако контактот е само со гледање цвеќиња, дрвја, жбунови и птици преку прозорец. Поради тоа, една болница во Њујорк Сити посадила градина на својот кров. Тоа било „примено фантастично“, рекол еден болнички службеник. „Тоа се покажа како морален потстрек како за пациентите така и за персоналот . . . Гледаме дека има многу терапевтски можности.“ Навистина, проучувањата покажуваат дека луѓето можат да извлечат корист во физички, умствен и емоционален поглед ако ги насладуваат своите сетила на природата.
Освен тоа, духовно настроеното лице може поблиску да се чувствува до Бог кога се наоѓа меѓу Неговото дело. Трагите на овој аспект на градината можат да се следат наназад до најпрвата градина на Земјата, градината Едем, каде што Бог првпат комуницирал со човекот (1. Мојсеева 2:15—17; 3:8).
Љубовта спрема градината е универзална. А како што ќе видиме, тоа е и значајно. Но, пред да дискутираме за тој белег, Ве покануваме да се „прошетате“ низ неколку градини од историјата за да видите колку, всушност, длабоко во срцата на сите народи е копнежот по Рајот.