Сексуална експлоатација на деца — светски проблем
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШВЕДСКА
Човечкото општество го потресува еден шокантен облик на злоупотреба на деца кој по обем и по природа не бил нашироко познат сѐ до изминативе години. За да видат што би можело да се стори во врска со тоа, претставници од 130 нации се состанале во Стокхолм (Шведска) на првиот Светски конгрес против комерцијална сексуална експлоатација на деца. Таму беше присутен и еден дописник на Разбудете се! во Шведска.
КОГА Магдалена имала 14 години, била намамена во една работа како „гостилничарка“ во една пивница во Манила (на Филипините). Всушност, нејзината работа вклучувала да ги однесе машките муштерии во една собичка и да го разголува своето тело за тие сексуално да го експлоатираат — во просек по 15 мажи на ноќ, а по 30 во саботите. Понекогаш, кога таа ќе рекла дека повеќе не може да го издржи тоа, нејзиниот газда ја присилувал да продолжи. Честопати го завршувала денот во четири наутро, чувствувајќи се исцрпено, депримирано и бедно.
Сарун бил младо улично сираче во Пном Пен (Камбоџа). Тоа имало сифилис и било познато дека ‚излегува‘ со странци. Му биле дадени простории за живеење во една пагода, каде што требало да биде ‚згрижен‘ од еден екс-монах. Меѓутоа, тој човек сексуално го злоупотребувал момчето и го подведувал на секс со странци. Кога Саруновите простории за живеење во пагодата биле разурнати, почнал да живее со тетка му, но сѐ уште бил принуден да работи на улицата.
Ова се само два примера за ужасниот проблем со кој, на крајот од минатата година, се занимаваше Светскиот конгрес против комерцијална сексуална експлоатација на деца. Колку е раширена оваа практика? Вклучени се стотици илјади деца — всушност, некои велат милиони. Еден делегат го сумираше проблемот: „Децата се купувани и продавани како сексуални и економски артикли. Тие се препродавани во и преку границите како шверцувана стока, затворани во јавни куќи и присилувани да поднесуваат голем број сексуални експлоататори“.
Во својата уводна изјава до собирот, шведскиот премиер Јоран Першон ја жигоса оваа експлоатација како „најбрутална, најварварска и најодвратна категорија на криминал“. Една претставничка на Обединетите нации рече дека тоа „е напад врз децата на сите фронтови . . . тотално е ниско и дека е најпрезриво кршење на човековите права што може да се замисли“. Многу слични изрази на гнев кон сексуалната експлоатација на деца беа искажани од говорницата во текот на конгресот додека беа разгледувани обемот, природата, причините и последиците.
„Неговиот обем е транснационален, неговиот учинок — трансгенерационен“, се изрази еден извор. Друг наведе: „Се верува дека секоја година, според проценката, по 1 милион деца влегуваат на мултимилијардниот илегален секс пазар, изразено во долари“. Со каква последица? „Осетот на децата за достоинство, идентитет и самопочитување е поткопан и нивната способност за доверба — затапена. Нивното физичко и емоционално здравје е ставено на ризик, нивните права прекршени, а нивната иднина ставена на коцка.“
Некои причини
Кои се некои од причините за експлозивниот пораст на овој проблем? Било наведено дека некои деца се „втурнати во проституција поради околностите, како начин да се преживее на улиците, да помогнат во издржувањето на своите семејства или да платат за облеката или за стварите. Други се заведени од бомбардирањето со претстави за потрошувачи преку рекламниот медиум“. Трети, пак, се киднапирани и присилени на проституција. Меѓу причините беа спомнати и брзото поткопување на моралните вредности насекаде, како и општото чувство на безнадежност.
Многу девојчиња и момчиња се вовлекле во секс занаетот поради злоупотреба во семејството — насилството и инцестот во домот ги тераат на улица. Таму, тие се изложени на ризикот да бидат злоупотребени од страна на педофили и некои други, а се чини дури и од некои полицајци. Еден извештај за проблемот, со наслов Kids for Hire (Деца за изнајмување), зборува за шестгодишната Катја од Бразил. Неа ја фатил еден полицаец, ја присилил да извршува срамни постапки и ѝ се заканувал дека ќе ѝ го убие семејството ако каже на неговиот шеф. Следниот ден се вратил со пет други мажи, и сите барале од неа да им ја изврши истата сексуална услуга.
Една шведска институција, Правен бранител на деца, на делегатите им кажа: „Кога беа направени студии за тоа што ја предизвикува детската проституција, нема сомнение дека [секс] туризмот е една од најголемите причини“. Еден извештај гласеше: „Неверојатното проширување на детската проституција во последниве десет години е директно предизвикано од туристичкиот занает. Детската проституција е најновата туристичка атракција која ја нудат земјите во развој“. „Секс турите“ од Европа, Соединетите Држави, Јапонија и други места, создаваат една голема побарувачка од деца проститутки низ светот. Една европска воздухопловна компанија, за да продава секс тури, употребила една карикатура на која било нацртано едно дете во сексуално отворена поза. Патничките агенции договараат секс тури за илјадници лица секоја година.
Исто така, на долгата листа причини е и меѓународното унапредување на индустријата на детски секс преку новата технологија. Се известува дека Интернетот, комбиниран со други сродни компјутерски технологии, е единствениот најголем извор на порнографија. На сличен начин, ефтината видеоопрема го олеснува производството на детска порнографија.
Кои се тие?
Многу од возрасните кои сексуално злоупотребуваат деца се педофили. Педофилот има изопачена сексуална склоност кон деца. Според Правниот бранител на деца од Шведска, „не мора да значи дека тие се остарени, неуредни мажи со мантили или, пак, насилнички мачо типови. Еден типичен педофил е добро образован човек на средни години, честопати работи со деца како наставник, лекар, социјален работник или свештеник“.
Шведската група го изнесе примерот на Розарио, 12-годишно филипинско девојче кое било сексуално злоупотребувано од некој секс турист, лекар од Австрија. Како последица на злоупотребата, тоа умрело.
Карол Белами, извршен директор од УНИЦЕФ (Детски фонд при Обединетите нации) во Женева, во врска со 12-годишното филипинско девојче го наведе следново: „Честопати самите возрасни на кои им е доверена грижата и заштитата на децата се тие кои ја дозволуваат и ја продолжуваат оваа неподнослива практика. Постојат учители, здравствени професионалци, полициски офицери, политичари и членови на свештенството кои го користат нивниот престиж и авторитет за сексуално да ги експлоатираат децата“.
Вмешана е религијата
Еден делегат од Римокатоличката црква на конгресот во Стокхолм изјави дека експлоатацијата на децата е „најгнасниот криминал“ и е „резултат на длабоко искривување и пад на вредностите“. Сепак, Католичката црква е тешко погодена од таквите практики меѓу сопственото свештенство.
Во изданието на Newsweek од 16 август 1993, статијата со наслов „Свештеници и злоупотреба“ известила за „најлошиот свештенички скандал во современата историја на Католичката црква во САД“. Таа навела: „Иако од 1982 се поднесени тврдења против околу 400 свештеници, некои свештени лица предвидуваат дека 2.500 свештеници напаствувале деца или тинејџери . . . Освен пари, скандалот ја чинел црквата тежок срам — како и нешто од нејзиниот морален авторитет“. Другите религии низ светот се во истата ситуација.
Реј Вајр, консултант за секс криминал од Обединетото Кралство, на конгресот во Стокхолм кажа за две момчиња кои биле садистички злоупотребувани од еден свештеник. Едно од момчињата сега води една агенција за жртви од злоупотреба на деца од свештеници, а другиот и самиот е злоупотребувач.
Метанандо Бику, будистички научник од Тајланд, извести дека „извесни видови будистички обреди ја делат одговорноста за комерцијалната сексуална експлоатација на деца во Тајланд, на неколку нивоа. Во локалните села во Тајланд, калуѓерите понекогаш имаат корист од парите што на заедницата ѝ ги враќаат деца кои биле присилени на проституција“.
Што може да се стори?
Д-р Џулија О’Конел Дејвидсон од универзитетот Лестер во Обединетото Кралство, го повика конгресот да го оспори оправдувањето на експлоататорите за нивното однесување. Злоупотребувачите честопати се сосредоточуваат на наводната сексуална распуштеност и неморалност на детето, аргументирајќи дека детето веќе е нечисто и расипано. Други експлоататори го користат извртеното и лажно тврдење дека од нивните постапки нема да произлезе никаква штета и дека детето имало корист.
Еден одбор кој се занимава со проблемот со секс туризмот препорача негово сузбивање преку образование во школскиот наставен план. Освен тоа, информациите против сексуалната експлоатација на децата треба да ги достигнат патниците во текот на целото патување — пред поаѓањето, за време на патувањето и на дестинацијата.
Со оглед на новите технологии на комуникација, еден одбор предложи на нациите да им бидат обезбедени упатства за отстранување на материјалот кој ги експлоатира децата. Беше разгледано основањето на една единствена меѓународна агенција за координирање на активноста на ова поле. Друг одбор препорача компјутерски создадената детска порнографија и поседувањето детска порнографија, воопшто, да бидат класифицирани како криминални престапи во сите земји, со казнивост пропишана со законот.
Што можат да сторат родителите? Еден одбор кој се занимава со улогата на медиумите предложи родителите да ја преземат одговорноста да ги заштитат своите деца. Тој наведе: „Родителите не можат само да ги водат своите деца додека се развиваат како медиумски корисници, туку да обезбедат и додатен контекст, објаснување и разновидност на изворите на информации за да го урамнотежат учинокот на медиумите и да му помогнат на детето да расте во разбирањето“.
Една шведска ТВ-програма која известуваше за конгресот ја нагласи потребата родителите подобро да ги надгледуваат своите деца и да ги предупредат на опасностите. Меѓутоа, таа советуваше: „Немојте да ги предупредувате децата само против ‚нечисти стари мажи‘ бидејќи децата . . . на тој начин мислат дека треба да се пазат само од постари, неуредни мажи, додека едно лице кое извршува такви криминални дела всушност би можело да биде облечено во униформа или уредно одело. Затоа, предупредувајте ги против странци кои покажуваат необичен интерес за нив“. Се разбира, децата треба да бидат предупредени — и поттикнати да ги известат властите — за кое и да е друго лице кое непристојно им се додворува, вклучувајќи и луѓе кои ги познаваат.
Единствено решение
Она што не можеше да предложи конгресот во Стокхолм беше како да се совладаат причините за сексуална експлоатација на децата. Тие вклучуваат брзо нагризување на моралните вредности насекаде; сѐ поголема себичност и желба за материјални работи; растечкото непочитување кон законите донесени за да ги заштитат луѓето од неправда; сѐ поголемото занемарување на благосостојбата, достоинството и животот на другите; брзото растурање на семејното уредување; раширената сиромаштија која се должи на пренаселеноста, невработувањето, урбанизацијата и миграцијата; растечкиот расизам кон странци и бегалци; сѐ поголемото производство и препродавање на дрога, како и изопачените религиозни гледишта, практики и традиции.
Иако сексуалната експлоатација на деца е шокантна, таквата злоба не ги изненадува грижливите читатели на Библијата. Зошто? Поради тоа што сега живееме во она што Библијата го нарекува ‚последни денови‘ и, според Божјата Реч, тука се ‚времињата тешки [со кои тешко се излегува на крај, НС]‘ (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Тогаш, дали е за некакво чудење тоа што моралот оди од лошо на полошо?
Сепак, Библијата понатаму укажува на единственото решение на огромните светски проблеми — тотално чистење од страна на Семоќниот Бог. Наскоро тој ќе ја покаже својата моќ и ќе ги отстрани сите оние на Земјата кои не живеат според неговите праведни начела и закони: „Праведните ќе живеат на земјата, и непорочните ќе опстанат на неа; а беззакониците ќе бидат истребени од земјата“ (Изреки 2:21, 22; 2. Солунјаните 1:6—9).
Во оние кои ќе бидат „истребени“ спаѓаат сите кои од децата прават проститутки, како и расипаните луѓе кои злоупотребуваат деца. Божјата Реч наведува: „Ни блудниците . . . ни прељубодејците . . . ни мажеложниците [мажи кои легнуваат со мажи, НС (или со момчиња)] . . . нема да го наследат Царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). Таа додава дека „поганите [оние кои се одвратни во својата нечистотија, НС] . . . и блудниците“ ќе бидат предадени на „втората смрт“ — вечно уништување (Откровение 21:8).
Бог ќе ја исчисти Земјата и ќе воведе еден целосно нов и праведен систем на ствари — „ново небо и нова земја“ (2. Петрово 3:13). Потоа, во новиот свет на неговото создавање, расипаните, перверзни луѓе нема никогаш повеќе да ги искористуваат недолжните. И никогаш повеќе недолжните нема да мораат да се плашат дека ќе бидат малтретирани, зашто „никој нема да ги плаши“ (Михеј 4:4).
[Истакната мисла на страница 12]
„Најварварска и најодвратна категорија на криминал“ (шведскиот премиер).
[Истакната мисла на страница 13]
„Секоја седмица, 10 до 12 милиони мажи посетуваат млади проститутки“ (The Economist, Лондон).
[Истакната мисла на страница 14]
Секс туризмот е главна причина за експлоатирање на децата во земјите во развој
[Рамка на страница 13]
Секс туризам — зошто?
(Некои причини зошто туристи се впуштаат во секс со деца)
1) Анонимноста која ја ужива туристот го ослободува од општествените ограничувања дома
2) Поради малото или никаквото разбирање на локалниот јазик, туристите можат лесно да бидат заведени во верувањето дека плаќањето за секс со дете е прифатливо или дека е начин да им помогне на децата да излезат од сиромаштијата
3) Расистичките ставови ги наведуваат посетителите да ги експлоатираат другите кои тие ги сметаат за инфериорни
4) Туристите се чувствуваат богати кога гледаат дека сексуалните услуги се лесно допуштливи во земјите во развој
[Рамка на страница 15]
Светски обем на проблемот
(Следниве проценки се од различни владини авторитети и други организации)
Бразил: најмалку 250.000 детски проститутки
Индија: 400.000 деца вклучени во секс индустријата
Источна Европа: 100.000 деца на улица. Многу се испратени во јавни куќи во Западна Европа
Канада: илјадници тинејџерки се проституирани од организирани кругови на макроа
Кина: од 200.000 до 500.000 проституирани деца. Во изминативе години, околу 5.000 кинески девојчиња биле намамени преку границата и продадени како проститутки во Мјанмар
Колумбија: бројот на децата кои се сексуално експлоатирани на улиците на Богота се зголемил за петпати во последниве седум години
Мјанмар: секоја година, по 10.000 девојчиња и жени се транспортирани во јавни куќи во Тајланд
Мозамбик: агенциите за помош обвиниле мировни трупи од ОН за сексуална експлоатација на деца
Соединетите Држави: официјални извори зборуваат за повеќе од 100.000 вклучени деца
Тајван: вклучени 30.000 деца
Тајланд: вклучени 300.000 деца
Филипини: вклучени 40.000 деца
Шри Ланка: 10.000 деца на возраст од 6 до 14 години се заробени во јавни куќи, а 5.000 на возраст од 10 до 18 години работат независно во туристичките одморалишта