Децата во криза
„Ако не се инвестира во децата, сите најфундаментални долгорочни проблеми на човештвото ќе останат фундаментални долгорочни проблеми“ (Детскиот фонд при Обединетите нации).
ДЕЦАТА ширум светот се во криза. Убедлив доказ за обемот на оваа трагедија беше изнесен на Светскиот конгрес против сексуална експлоатација на децата за комерцијални цели, одржан во Стокхолм (Шведска) во 1996, на кој присуствуваа претставници од 130 земји. На пример, беше документирано дека во многу делови од светот има милиони млади девојки, некои дури и на возраст од десет години, кои се присилени да работат како проститутки.
Австралијанскиот Melbourne University Law Review забележал дека таквата принудна проституција е означена како „еден од најлошите облици на ропство во современо доба“. После години физичко, ментално и емоционално малтретирање, овие девојчиња се оштетени за цел живот. Во повеќето случаи девојчињата се подложуваат на ваквата бруталност само затоа што сакаат да јадат и да останат во живот. Другата алтернатива е да умрат од глад. За жал, многу од овие бездомници биле принудени на проституција од сопствените родители кои поради сиромаштијата ги продале за пари.
Оваа очигледна трагедија на децата е зголемена со честопати жестоко дебатираното спорно прашање за детскиот труд. Во Азија, Јужна Америка и на други места, како и во некои миграциони населби во Соединетите Држави, дури и децата од пет години се принудени на она што може да се нарече „ропска работа“. Тие работат како мали роботи во ужасни услови кои ги уништуваат нивните млади тела и умови. Повеќето од нив се без образование, родителска љубов, дом во кој ќе се чувствуваат сигурни, играчки и паркови во кои ќе си играат. Голем дел од нив се бездушно експлоатирани од сопствените родители.
Деца-војници и сирачиња
За да биде трагедијата уште поголема, сѐ повеќе се користат деца-војници во герилските војски. Децата може да бидат киднапирани или, пак, купени на пазарите за робови и потоа систематски брутализирани, понекогаш на тој начин што се присилени да гледаат убиства. На некои им било наредено да ги убијат дури и сопствените родители или да земат дрога за да им се засили инстинктот за убивање.
Следи еден пример за последиците од перење мозок што се прави врз илјадници деца-војници во Африка. Овој морбиден разговор го водел еден социјален работник со едно момче-војник кое по сѐ изгледа се обидува да го зачува она што останало од неговата невиност:
„Дали уби некого? ‚Не‘.
Дали имаше пушка? ‚Да‘.
Дали нанишани со пушката? ‚Да‘.
Дали истрела? ‚Да‘.
Што се случи? ‚Тие само паднаа‘.“
Кога ќе ги погледнете војниците, некои од тие млади луѓе се само малку повеќе од деца. Се известува дека уште во 1988, ширум светот имало околу 200.000 деца-војници.
Се вели дека помеѓу 1988 и 1992, од еден дом за сираци во една азиска земја биле избрани 550 деца, повеќето девојчиња, за да умрат со изгладнување. Една лекарка известува: „Тие сирачиња немаа апчиња за да им се смири болката. Дури и кога лежеа умирајќи, тие беа врзани за кревет“.
А што е со Европа? Една земја беше потресена кога се откри меѓународен ланец на детска порнографија преку кој биле грабнувани девојчиња со цел сексуално да се искористат. Некои несреќни девојчиња биле убиени или изгладнети до смрт.
Овие извештаи сигурно покажуваат дека многу земји имаат вистински проблем со злоупотребата и со искористувањето на децата. Но, дали е претерано да се каже дека тоа е проблем од светски размери? Следната статија ќе одговори на ова прашање.
[Слика на страница 4]
Дете-војник во Либерија
[Извор на слика]
John Gunston/Sipa Press
[Слика на страница 4]
Во една фабрика за цигли во Колумбија, децата имаат улога на колички
[Извор на слика]
ФОТОГРАФИЈА НА ОН 148000/Jean Pierre Laffont
[Извор на слика на страница 3]
Фотографија на FAO/F. Botts