ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g97 8/7 стр. 27-30
  • Конечно ја пронајдов вистината

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Конечно ја пронајдов вистината
  • Разбудете се! 1997
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Екстензивно религиозно обучување
  • Среде метеж
  • Завојуван свет
  • Пронаоѓање на вистината
  • Скапоцена предност
  • Прекрасни благослови
  • И покрај искушенијата, мојата надеж остана светла
    Разбудете се! 2002
  • Научив да се ослонувам на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1998
  • Земја на термални бањи
    Разбудете се! 2008
  • Верата ставена на испит во Словачка
    Разбудете се! 2003
Повеќе
Разбудете се! 1997
g97 8/7 стр. 27-30

Конечно ја пронајдов вистината

Кон крајот на август 1939 година, патувајќи дома кон Будимпешта (Унгарија), застанав во Москва. Германско-советскиот пакт за ненапаѓање беше потпишан неколку дена пред тоа, на 23 август, и ѕидовите на Кремљ беа украсени со нацистички знамиња со кукаст крст. Што барав во Русија и што ме очекуваше дома?

ПРВО, дозволете ми да се вратам во малото унгарско гратче Веспрем, каде што сум роден на 15 јануари 1918 година. Бев најстарото од четирите деца, и нашите родители се грижеа редовно да ја посетуваме црквата. Кога имав пет години, помагав за време на мисата во еден римокатолички женски манастир. Дома глумев дека водам миса за моите браќа и сестри, носејќи облека од хартија што си ја направив за службата.

Кога имав осум години, татко ми го напушти семејството, и мајка ми се грижеше за нас со помош на нејзината мајка. Годината после тоа, мајка ми умре од рак. Во следните години, нас децата нѐ разделија и нѐ ставија во различни сиропиталишта и домови на старатели. Последното сиропиталиште во кое живеев беше во близината на Будимпешта. Го водеа Frères Maristes (Браќата на Марија), еден француско-католички ред на учители. Имав вистинска љубов спрема Бог и затоа, кога наполнив 13 години, ја прифатив понудата за образование во нивниот религиозен ред.

Екстензивно религиозно обучување

Следната година бев испратен во Грција, каде што посетував едно училиште на Frères Maristes кое се водеше на француски и кое ме подготви да бидам учител. После четири години, во 1936, добив диплома која ме квалификуваше да предавам во основно училиште. После дипломирањето станав брат во религиозниот ред, давајќи ја трикратната заклетва на сиромаштво, послушност и чесност. Иако ние браќата носевме религиозна носија и предававме катекизам, никогаш не ја проучувавме Библијата.

Тоа лето поднесов молба да предавам во едно училиште во Кина и бев примен. На 31 октомври 1936, со океански линиски брод заминав од Марсеј (Франција). На 3 декември 1936, пристигнав во Шангај. Оттаму продолжив со воз до главниот град, Пекинг, во северна Кина.

Во еден планински предел на околу 25 километри од Пекинг, религиозниот ред Frères Maristes имаше едно огромно училиште, студентски домови и земјоделски згради. Локацијата се наоѓаше во близината на летната резиденција на царот и опфаќаше прекрасно одгледувани градини и овошни дрвја. Таму се вклучив во интензивно проучување на кинескиот и на англискиот јазик. Но никогаш не ја проучувавме Библијата.

Среде метеж

Во раните 1930-ти години, Јапонија ја зазеде Манџурија — еден дел од Кина. Во јули 1937, јапонските и кинеските трупи се судрија во близината на Пекинг. Победоносните Јапонци формираа нова влада составена од Кинези по свој избор. Тоа доведе до борба против новата влада од страна на кинеските герилци.

Поради тоа што нашиот манастир кој се наоѓаше надвор од Пекинг беше признат како француска територија, беше поштеден од директни борби. Сепак, нѐ погодија залутани топовски ѓулиња и истрели кои ранија неколку од преку 5.000-те Кинези кои беа засолнати во нашиот манастир. Во меѓувреме, кинеските герилци владееја со селското подрачје.

Во септември 1937 година, околу 300 наоружани кинески герилци ги нападнаа нашите згради, барајќи оружје, пари и храна. Јас бев еден од десетте Европејци земени како заложници. Откако нѐ држеа шест дена, бев еден од првите заложници кои беа ослободени. Се разболев, јадејќи заразена храна и така поминав еден месец во болница.

После моето отпуштање од болница, бев префрлен во едно друго училиште кое го водеше религиозниот ред, во едно побезбедно подрачје во Пекинг. Во јануари 1938 бев испратен во Шангај за да предавам, но во септември се вратив во Пекинг за таму да предавам. Меѓутоа, после школската година, не ги обновив моите религиозни завети. Седум години го следев тој религиозен живот и образование, но не успеав да најдам задоволство во мојата потрага по вистината. Затоа, го напуштив религиозниот ред за да се вратам дома во Будимпешта.

Дотогаш, олујните облаци на Втората светска војна се собраа. Моите француски претпоставени ме охрабрија да одам по Транс-сибириската железница, која минуваше низ делови од Советскиот Сојуз. Токму на ова патување, на 27 август 1939, стигнав во Москва и ги видов ѕидовите на Кремљ украсени со нацистички знамиња.

Завојуван свет

На 31 август 1939 стигнав дома во Будимпешта. Следниот ден Германија изврши инвазија на Полска со што започна Втората светска војна. Подоцна, Германија го раскина својот пакт со Советскиот Сојуз за ненапаѓање и, на 22 јуни 1941, војските на Хитлер извршија инвазија на Советскиот Сојуз. Тие продреа сѐ до предградијата на Москва, но не успеаја да го освојат градот.

Гувернерот на Унгарија потпиша мировна спогодба со Германија и на германските војски им беше дадена слобода да поминуваат низ Унгарија. Во 1942 се оженив, а во 1943 бев регрутиран во унгарската армија. Во март 1944 година, Германија изврши инвазија на Унгарија затоа што Хитлер не беше задоволен од поддршката на Унгарија во врска со неговите воени напори. Таа година се роди нашиот син. За да го избегнат тешкото бомбардирање на Будимпешта, мојата сопруга и синот се преселија на село да живеат со нејзините родители.

Текот на војната се промени, советската војска напредуваше кон Будимпешта и пристигна таму на 24 декември 1944 година. Русите ме заробија и станав воен заробеник. Илјадници затвореници бевме присилени да маршираме околу 160 километри до Баја (Унгарија). Таму, нѐ натискаа во товарни вагони за добиток, нѐ префрлија во Темишвар и нѐ ставија во еден огромен логор. Најмалку 20.000 од 45.000 затвореници умреа во почетокот на 1945 година за време на епидемијата на стомачен тифус.

Во август, 25.000-те преживеани во логорот беа однесени на Црно Море. Оттаму, околу 20.000 беа депортирани во Советскиот Сојуз. Меѓутоа, околу 5.000 други кои беа болни, вклучувајќи ме и мене, беа вратени во Унгарија и ослободени. На тој начин, завршија осумте ужасни месеци заробеништво. После неколку седмици, повторно се соединивме со мојата сопруга и синот и се вративме во Будимпешта.

За многумина страдањето продолжи и после војната. Храната беше оскудна, а инфлацијата опустошувачка. Она што во 1938 можеше да се купи за еден унгарски пенго, во 1946 можеше да се купи за повеќе од еден квинтилион (1.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000) пенги! Со текот на времето, животот за нас се подобри кога добив канцелариска работа во железницата.

Пронаоѓање на вистината

Во 1955 година, еден Јеховин сведок, кој живееше во нашата станбена зграда во Будимпешта, почна да разговара со мојата сопруга Ана за Библијата. Мојот интерес се подбуди кога Ана ми кажа дека Библијата не поучува за пеколот како за место на мачење (Проповедник 9:5, 10; Дела 2:31). Како католик, никогаш не ја проучував Библијата, дури ни кога добивав специјално обучување во црковните училишта. Едноставно ги прифаќав небиблиските католички учења, како што е она за пеколниот оган. Сега ги засакав библиските вистини, особено оние во врска со Божјето Царство и како тоа ќе ја исполни Божјата намера да ја направи Земјата рај (Матеј 6:9, 10; Лука 23:42, 43; Откровение 21:3, 4). Чувствував извонредна среќа која никогаш порано не сум ја доживеал.

Во тоа време, Јеховините сведоци во Унгарија беа гонети и затворани затоа што храбро ги поучуваа вистините за Божјето Царство. Ја прочитав целата литература од Сведоците што можев да ја најдам на унгарски и бев во можност да ги добијам и нивните англиски и француски публикации кои не беа преведени на унгарски. Колку само бев благодарен што ги имав научено овие други јазици!

Во октомври 1956, Унгарците се побунија против наметнатата комунистичка влада на Русија. Борбите во Будимпешта беа интензивни. Многумина во затворот беа ослободени, вклучувајќи ги и Јеховините сведоци. Во тоа време мојата сопруга и јас се крстивме за да ја симболизираме нашата предаденост на Јехова Бог. После една седмица, руските трупи ја задушија револуцијата. Сведоците кои беа ослободени, беа вратени в затвор.

Скапоцена предност

Поради тоа што повеќето Сведоци кои беа одговорни за проповедничкото дело беа в затвор, ми пристапи еден сохристијанин и ме праша дали би можел да преведувам нешто од нашата библиска литература. Во почетокот добивав приватни писма од Швајцарија кои содржеа статии од Стражарска кула пишувани на машина на француски. Ги преведував на унгарски, а потоа се правеа копии на преведените статии за сите собранија.

Кога во 1959 беше ослободен унгарскиот слуга на подружницата, Јанош Конрад, после 12 години затвор поради христијанска неутралност, бев именуван како преведувач. Тогаш добивав англиски материјал за преведување. Обично ми го набавуваше еден женски курир чие име ми беше непознато. Така, кога некогаш би ме фатиле и мачеле, не би можел да ѝ го издадам името.

Откако ќе преведев Стражарска кула, брат Конрад ја проверуваше точноста. Потоа, извесни сестри ги пишуваа преведените статии со машина на многу тенка хартија, користејќи индиго за да направат до 12 копии. На тој начин, секој кој присуствуваше на студијата на Стражарска кула понекогаш имаше и свој примерок на лекцијата пишувана на машина. После тоа, своите примероци ги предаваа на друга студиска група. Меѓутоа, честопати можевме да направиме само по една копија на Стражарска кула за секоја студиска група. Тогаш сите присутни мораа да бидат посебно внимателни и да фаќаат прибелешки за да извлечат потполна корист од библиската дискусија.

Од времето кога почнав да преведувам во 1956 до 1978, Стражарска кула се дистрибуираше на унгарски јазик само во примероци пишувани на машина. Од 1978 до 1990, примероците на Стражарска кула беа умножувани на шапирограф. И каков само благослов е што од јануари 1990 ги имаме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! печатени на унгарски јазик во убави четири бои!

Под комунистичкото владеење секој мораше да има световна работа. Затоа, 22 години, сѐ до моето пензионирање од световната работа во 1978, преведував во време кога не бев на световната работа. Тоа обично беше рано наутро и доцна во ноќта. После моето пензионирање, служев полновремено како преведувач. Во тоа време, секој преведувач работеше дома и тешко ни беше меѓусебно да комуницираме поради забраната. Во 1964 година, полицијата во исто време насилно влегуваше во домовите на преведувачите и ги конфискуваше нашите материјали. Со години после тоа, честопати бевме изложувани на официјални посети на полицијата.

Прекрасни благослови

Во 1969, мојата молба за пасош беше уважена и така Јанош Конрад и јас бевме во можност да патуваме од Унгарија до Париз за да присуствуваме таму на Меѓународниот собир на Јеховините сведоци — „Мир на Земјата“. Каков само благослов беше да се сретнеме со други Сведоци од други земји и неколку дена да поминеме во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Берн (Швајцарија)! Во 1970-тите години, многу Сведоци од Унгарија беа во можност да одат за Австрија и Швајцарија на конгресите.

После години ограничувања од владата, во 1986 со одобрение од државата го одржавме нашиот прв конгрес во Младинскиот парк Камараердо, Будимпешта. Преку 4.000-те присутни имаа солзи радосници во очите додека ги поздравуваа своите браќа и сестри и додека го читаа натписот за добредојде на нашиот состанок кој беше испишан над влезот од паркот.

Конечно, на 27 јуни 1989 година, владата им додели законско признание на Јеховините сведоци. Веста беше објавена на унгарската телевизија и на радиото на радост на нашите браќа и сестри. Таа година, без никакви ограничувања, ги одржавме нашите први обласни конгреси откако беше забрането нашето дело пред скоро 40 години. Преку 10.000 лица присуствуваа на собирот во Будимпешта и уште илјадници беа присутни на четири други конгреси во земјата. Колку само бев воодушевен кога го гледав мојот најмал брат Лазло со неговата сопруга додека се крштаваат во Будимпешта!

Потоа, во јули 1991, доживеавме благослов кој не можевме ни да го сонуваме — конгрес на огромниот Непстадион во Будимпешта, на кој присуствуваа преку 40.000 делегати. Таму ја имав предноста да преведувам говори од членови на персоналот на главното седиште во Бруклин.

Денес, Ана и јас, како и преку 40 наши драги браќа и сестри, работиме во прекрасната канцеларија на подружницата на Јеховините сведоци во едно предградие на Будимпешта. Таму служам во нашето преведувачко одделение, заедно со една прекрасна екипа од помлади браќа и сестри, а Ана учествува во домашната работа околу просториите.

И покрај нашите напори да му ја пренесеме библиската вистина на нашиот син, тој не ја прифати кога порасна. Меѓутоа, тој сега е поволно настроен спрема вистината и се надеваме дека со текот на времето ќе му служи на Јехова.

Мојата сопруга и јас навистина сме благодарни што ја пронајдовме вистината за Јехова, нашиот Бог полн со љубов, и што можевме да му служиме веќе преку 40 години (раскажал Ендре Санји).

[Слика на страница 29]

Со мојата сопруга

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели