Потрага по рај без проблеми
„СЀ ШТО сакаме да направиме е да создадеме еден безбеден и можеби старомоден начин на живот каде што луѓето се грижат еден за друг“, објаснила една британска двојка. Тие одлучиле да побараат еден тропски островски рај и таму да воспостават една заедница која мирољубиво ќе живее заедно. Без сомнение, можете да ги разберете нивните чувства. Кој не би ја прифатил брзо и желно приликата да живее во еден рај без проблеми?
Дали изолирањето е одговор?
Идејата да живеат на остров привлекува многу трагачи по рај, затоа што изолирањето нуди извесна мера на безбедност. Некои избираат острови на пацифичкиот брег на Панама или островите на Карибите, како што се оние до Белизе. Други го свртуваат своето внимание кон идиличните локации на Индискиот Океан — на пример Сејшелите.
Логистиката на воспоставување изолирана заедница ја запрепастува имагинацијата. Дури и да има доволно пари на располагање, постоечкото владино законодавство може да го ограничи брзото купување на земјиште. Но, да претпоставиме дека може да се добие идеален тропски остров, дали би биле среќни таму? Дали Вашиот рај би бил без проблеми?
Оддалечените острови околу брегот на Британија сега сместуваат едно сѐ поголемо население. Нивните нови жители воглавно се луѓе кои бараат самотија и мир. Еден човек кој живее сам на островот од 100 хектари, Еорса, на западниот брег од Шкотска, тврди дека никогаш не се чувствува осамено затоа што има толку многу работа грижејќи се за своето стадо од сто овци. Други, пак, кои побарале самотност на островот бргу станале осамени. Некои наводно се обиделе да се самоубијат и било потребно да бидат спасени.
Многу луѓе веруваат дека рај би бил еден идиличен тропски остров. Да живеат во блага клима со малку временски крајности им е привлечно. Но, загриженоста поради можно глобално загревање и подигање на морското ниво како последица на тоа, предизвикало растревоженост кај многу островјани. Жителите на ниско положените корални острови кои ја сочинуваат територијата на Токелау во Западниот Пацифик, како и оние од раштрканите Малдиви во Индискиот Океан, острови кои при висока плима не се издигнуваат повеќе од два метра над морското ниво, исто така се чувствуваат загрозени.
Скоро 40 различни влади се здружиле заедно во Федерацијата на малите островски држави во развој за да лобираат поддршка во нивната неволја. Иако жителите на малите острови обично имаат долг животен век и нивната смртност кај доенчињата е ниска, тие и понатаму се соочуваат со сериозни проблеми поврзани со природната средина. Истурена нафта и валкани мориња ја поткопуваат економијата на некои острови. Други стануваат ѓубришта за токсични отпадоци кои поголемите нации сакаат да ги фрлат.
Па дури и самата пожелност на островите како пристаништа создава закана за трагачите по рај. Како? Туристите кои навалуваат кон сончевите брегови на островите предизвикуваат сериозно пренатрупување и исцрпување на скудните ресурси. Тие посетители, исто така, го влошуваат проблемот со загадувањето. На пример, на Карибите само една десетина од отпадните води што ги создаваат 20-те милиони посетители секоја година, се обработува на некаков начин.
Нешто слично се случува и во други егзотични локации. Земете го случајот со Гоа на западниот брег од Индија. „Масовниот туризам ‚го труе рајот‘“, изјавил лондонскиот Independent on Sunday. Официјалните проценки покажуваат пораст од 10.000 туристи во 1972 на преку милион во почетокот на 1990-тите години. Една група предупредува дека нежната екологија на Гоа и единствената култура се загрозени од алчноста на хотелските сопственици кои се желни да профитираат од приливот на туристи. Еден извештај на индиската влада потврдува дека некои хотели на плажата изникнале илегално. Песокот е изваден, дрвјата се соборени и дините срамнети. Отпадната вода се исфрла на плажата или тече во оризовите полиња кои се во близината, ширејќи загадување.
Без криминал?
Упадите на криминал кои полека напредуваат, го валкаат угледот дури и на најмирните подрачја. Од ситниот карипски остров Барбуда доаѓа еден извештај со наслов „Колеж во рајот“. Тој во детали ги опишал страшните убиства на четворица луѓе на една луксузна јахта која била усидрена на брегот на островот. Ваквите инциденти ја зголемуваат загриженоста поради ширењето на криминалот во регионот.
„Дрогата предизвикува војна меѓу бандите во ‚Рајот‘“, бил ударниот наслов на еден извештај во The Sunday Times од Лондон во врска со една централноамериканска земја. Еден локален уредник се жалел на фактот што мирот исчезнал, коментирајќи: „Сега е вообичаено наутро да се разбудите и да најдете 16-годишен млад човек како лежи во локва крв на улица“.
Оние кои имаат намера да живеат во рајска заедница се надеваат да се обратат кај луѓе кои ќе се согласат да живеат мирољубиво. Но каква е реалноста? Бргу се појавиле несогласувања во случајот со британската двојка спомената на почетокот. Некои од кандидатите кои требало да им се придружат во нивниот потфат јасно дека сакале да заработат пари од проектот. „Не сакаме водачи“, изјавил основачот. „Целта е да ги здружиме нашите средства за сѐ да тргне. Јас го нарекувам тоа утописка заедница.“ Секако дека тоа не е првиот таков проект. (Видете ја рамката „Експерименти на рајски заедници“.)
Некои други трагачи по рај веруваат дека ќе ја достигнат својата цел ако добијат на лотарија. Но, финансиската добивка постигната на овој начин ретко донесува среќа. Во февруари 1995, The Sunday Times известил дека фамилијата на најголемиот британски добитник на лотарија до овој момент поднела огорчени внатрешни борби; добивањето не им донело ништо друго освен „огорченост, карање и разочарување“. Тоа не е необично во таквите ситуации.
Во една студија за човековата потрага по утопија, журналистот Бернард Левин коментира за „сонот на инстантно богатство“, и тврди: „Како и многу соништа, кошмарот не е далеку. Постојат преголем број докажани приказни за инстантно богатство кои водат до тотална катастрофа (вклучувајќи самоубиство) за да се отфрлат како коинциденција“.
Што е со сектите на страшниот суд?
Други рајски проекти имаат позлокобни призвуци. Известувајќи за опсадата на комплексот згради на огранокот Давидијанци уште во 1993 од страна на владини агенти за спроведување на законот во Вако (Тексас), еден весник коментирал за „експлозивната смеса пиштоли, контрола на умот и пророк на судниот ден“ кои довеле до пропаста. За жал, тоа не е изолиран инцидент.
Следбениците на неодамна починатиот Багван Шри Рајнеш, индиски духовен водач, поставиле заедница во Орегон, но го повредиле моралниот сензибилитет на своите соседи. Богатството на нивниот водач и сексуалното експериментирање кое го вршеле, го поткопале нивното тврдење дека воспоставиле „една прекрасна оаза“.
Многу култови водени од луѓе со рајски надежи изискуваат нивните следбеници да практикуваат чудни ритуали, кои понекогаш водат до насилни конфронтации. Новинскиот колумнист Иан Броуди објаснува: „Култовите нудат прибежиште и структуирано општество за оние кои чувствуваат дека живеат во еден вакуум или кои не можат да се справат со притисоците на вистинскиот свет“. Сепак, неговите зборови сведочат за фактот дека многу луѓе ќе го поздрават живеењето во рај.
Рај без проблеми
Се чини дека листата на проблеми е бескрајна: загадување, криминал, злоупотреба на дрога, пренаселеност, етнички конфликти, политички пресврти — а да не зборуваме за оние проблеми кои се заеднички за сите луѓе — болест и смрт. Мора да се заклучи дека никаде на планетава нема рај сосема без проблеми. Како што признава Вернард Левин, „во досието на човечкиот род постои една црна дамка и изгледа дека е таму скоро онолку долго колку и човечкиот род. Таа поприма облик на неспособноста среќно да се живее во тесна близина со повеќе од неколку други човечки суштества“.
Меѓутоа, ќе има еден глобален рај кој навистина ќе биде без проблеми. Неговото траење е гарантирано од една натчовечка моќ. Навистина, преку пет милиони луѓе уште сега работат на тоа и веќе меѓусебно уживаат скапоцено единство и една средина која е релативно без проблеми. Каде можете да ги најдете нив? Како можете да ја делите истата надеж и користите кои тие сега ги уживаат? И колку долго ќе трае тој претстоен рај?
[Рамка на страница 6]
Експерименти на рајски заедници
Во почетокот на 19 век, францускиот социјалист Етјен Кабе (1788—1856) и 280 придружници основале заедничка населба во Нову (Илиноис) темелена на неговите идеали. Но за осум години, во заедницата се појавил таков раздор што набргу била распуштена, како што биле распуштени слични групи во Ајова и Калифорнија.
Еден друг Французин, Шарл Фурије (1772—1837), развил идеи за една кооперативна земјоделска заедница со променливи улоги на сите нејзини членови. Секој поединец требало да добие плата врз основа на успехот на групата во целина. Но, заедниците темелени на тој правец, во Франција и во Соединетите Држави, биле краткотрајни.
Скоро во исто време, велшкиот социјален реформатор Роберт Овен (1771—1858) предложил кооперативни села каде што стотици луѓе би живееле заедно со заедничка кујна и простории за јадење. Поединечните семејства би живееле во свои сопствени апартмани и би се грижеле за своите деца додека достигнат до тригодишна возраст. После тоа, нивната грижа би ја преземала целата заедница. Но експериментите на Овен пропаднале и тој изгубил голем дел од неговото лично богатство.
Џон Нојес (1811—1886) станал основач на она што The New Encyclopædia Britannica го нарекува „најуспешната од утописките социјалистички заедници во Соединетите Држави“. Кога неговите следбеници ги напуштале моногамните бракови и допуштале сексуални односи, едноставно по меѓусебен договор на сите, Нојес бил уапсен за прељуба.
Ласа Фар Сити, еден вид „капиталистичка утопија“ во Централна Америка, е неодамнешен обид да се создаде една таква утописка заедница, известува The Sunday Times од Лондон. Проектот барал инвеститори. Привлечени од изгледот да живеат во „градот — чудо на 21 век“, трагачите по рај биле повикани да испратат по 5.000 долари и да се придружат во еден вид пирамидално продавање, барајќи луѓе со слично мислење кои од своја страна би ги инвестирале своите пари. Наводно, таа сума пари само го плаќа авионскиот билет за да се разгледа проектот „кога некоја земја би била наговорена да им даде простор за градење и кога би се изградил таму мал хотел“, коментирал весникот. Нема никаква реалистична надеж дека таму некогаш ќе се воспостави „рај“.
[Слика на страница 7]
Островот им е привлечен на многу трагачи по рај. Но денес криминалот ги валка дури и најмирните предели