Католичката црква и еволуцијата
Од дописникот на Разбудете се! во Италија
НА 26 април 1882 година, во Вестминстерската опатија (Лондон) беше одржан погребот на Чарлс Дарвин. На некои може да им се чини дека една црква е најнепогодното место за да се закопа човекот кој бил обвинет дека со својата еволуциона теорија на природна селекција ‚го соборува Бог од престолот‘. Сепак, Дарвиновиот гроб е таму повеќе од еден век.
Откако во 1859 година била објавена Дарвиновата книга Потекло на видовите, ставот на теолозите постепено се променувал кон еволуцијата. Теологот Карло Молари напишал како една етапа на „отворена војна“ попуштила пред еден „прекин на огнот“ на почетокот од овој век. Потоа, рекол тој, имаше едно „примирје“ во средината на 1900-тите, и конечно денешниот „мир“.
Пред Дарвин
Идејата за еволуцијата, се разбира, не ја започнал Дарвин. Древните филозофи теоретизирале за трансформацијата на еден облик на живот во друг. Првата современа еволуциона теза води потекло од неколкумина натуралисти од 18 век.
Во текот на 18 и 19 век, многу изучувачи предложиле различни еволуциони теории, иако ретко се појавувал зборот „еволуција“. Дарвиновиот дедо, Еразмо Дарвин (1731—1802), изнел неколку еволуциони идеи во едно од своите дела, а тоа дело било наведено во индексот на забранети книги на Католичката црква.
Зошто се развила „отворена војна“
Некои од секуларниот свет виделе во Дарвиновата теорија еден корисен инструмент за да се ослабне моќта на свештенството. Така избувнала една жестока битка. Во 1860 година, германските бискупи тврделе: „Нашите предци биле непосредно создадени од Бог. Со тоа прогласуваме дека сосема спротивен на Светото Писмо и на Верата е судот на оние кои се осмелуваат да тврдат дека човекот, барем што се однесува до неговото тело, произлегува од несовршена природа преку спонтана трансформација“.
Слично на тоа, во мај 1877 година, папата Пие IX го пофалил францускиот физичар Константин Жем за една публикација против еволуцијата а за поддршка на извештајот за создавањето од 1. Мојсеева. Првата етапа од конфликтот достигнала врв со една серија писма објавени од понтификалната библиска комисија помеѓу 1905 и 1909 година. Во едно од нив, комисијата изјавила дека првите три поглавја од 1. Мојсеева се историски и дека треба да се разберат како „вистинита историја“.
„Прекин на огнот“ и „примирје“
Сепак, како што угледот на Дарвиновата теорија растел во академските кругови, католичките теолози, како што бил францускиот језуит Тајар де Шардан, почнале да се преобраќаат кон еволуционизмот. Иако идеите на Шардан се разликувале од идеите на ортодоксните еволуционисти, од 1921 година наваму тој ја сметал „биолошката еволуција . . . за сѐ посигурна и посигурна во поглед на нејзината реалност“. Постепеното движење кон помирување помеѓу католичката вера и еволуционизмот станало сѐ поизгазено.
Во 1948 година, еден друг језуит изјавил: „Повеќе од 20 години постоеше извонреден пораст во бројот на теолози, без никакво сомневање кога станува збор за ортодоксноста, кои прогласуваат дека е возможно помирување [помеѓу еволуцијата и католичката вера] ако се стави во одредени граници“. Отприлика во исто време, понтификалната библиска комисија повлече голем дел од она што го напишала во 1909 година како поддршка на извештајот за создавањето од 1. Мојсеева.
Потоа, во 1950 година, енцикличкото писмо на Пие XII, Humani generis, рекло дека католичките изучувачи би можеле да ја сметаат теоријата на еволуција како прифатлива хипотеза. Сепак, папата рекол: „Католичката вера нѐ обврзува да веруваме дека душите се непосредно создадени од Бог“.
Зошто таканаречениот мир?
Карло Молари забележува дека, со неколку исклучоци, од екуменскиот концил Ватикан II „биле дефинитивно надминати воздржувањата за еволуционите теории“. Значајно е тоа што во октомври 1996 година, папата Јован Павле II изјавил: „Денес, речиси половина век после објавувањето на енцикликата [на Пие XII], новото спознание нѐ води да признаеме дека теоријата на еволуцијата е повеќе отколку хипотеза. Навистина е значајно тоа што оваа теорија постепено беше прифатена од истражувачите“.
Историчарот Лучио Вилари ја нарекол изјавата на папата „одлучно признавање“. Еден ударен наслов во конзервативниот италијански весник Il Giornale гласел: „Папата вели дека можеби потекнуваме од мајмуни“. А списанието Time заклучило дека признавањето на папата „го одразува прифаќањето на еволуцијата од страна на црквата“.
Која е причината за она што е наречено „ова повеќе или помалку снисходливо насочување кон еволуционизмот“ од страна на католичките водачи? Зошто Римокатоличката црква склопила мир со учењето на еволуцијата?
Јасно е дека многу католички теолози ја сметаат Библијата за „слово човечко“, а не за „слово Божјо“ (1. Солунјаните 2:13; 2. Тимотеј 3:16, 17). Католичката црква му придава поголема тежина на словото на современите еволуционисти отколку на словото на Божјиот Син, Исус Христос, кој го потврдил извештајот за создавањето од 1. Мојсеева како точен, велејќи: „Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, ‚маж и жена ги создаде‘“ (Матеј 19:4). Што мислиш, кое мислење заслужува поголема тежина?
[Рамка на страница 30]
Јеховините сведоци и еволуцијата
Јеховините сведоци доследно го поддржувале Христовото учење дека Бог директно ја создал првата човечка двојка и дека „маж и жена ги создаде“ (Матеј 19:4; 1. Мојсеева 1:27; 2:24). Во 1886 година, том I од Millennial Dawn (подоцна наречен Studies in the Scriptures) се осврнал на дарвинизмот како на „неодржлива теорија“, а во 1898 година, џебната брошура The Bible Versus the Evolution Theory го поддржала библискиот извештај за создавањето. Библискиот извештај за создавањето бил застапуван и во книгите The New Creation (1904) и Creation (1927), како и во раните статии објавени во Стражарска кула и Golden Age (Златен век).
Во времето кога папата Пие XII го објавил своето енцикличко писмо Humani generis во 1950 година, Јеховините сведоци ја објавиле Evolution Versus the New World. Оваа џебна брошура содржи научен и историски доказ за библискиот извештај за создавањето и ги осудува обидите на некои свештеници да склопат „сојуз помеѓу еволуцијата и Библијата“. Книгата Da li se je čovjek razvio ili je stvoren? (1984) исто така го поддржува библискиот извештај за создавањето, како и книгата Живот — како је настао? Еволуцијом или стварањем? објавена во 1997 година, како и бројни статии објавени во Стражарска кула и Разбудете се!
Со тоа, Јеховините сведоци им помогнале на многумина да се запознаат со изобилниот доказ дека Бог „нѐ создаде нас, а не ние самите“ (Псалм 99:3).