Неговото срце беше трогнато
„Ние бевме семејство со 13 деца“, пишува Глорија Адаме, „4 момчиња и 9 девојчиња. Тоа беше во 1984. Татко ми се врати дома во Мексико и дозна дека, додека бил на работа во Соединетите Држави, нашето семејство почнало да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тоа воопшто не му се допаѓаше и почна да ни се спротивставува. Изгледаше дека со секој изминат ден, неговото срце станува сѐ потврдо.
Многу го сакавме татко ни и сакавме и нему да му користи животодајното спознание што го добивавме. Од ден на ден, горливо му се молевме на Јехова, преколнувајќи го да ни го отвори патот да му зборуваме на татко ми за Јеховините намери. Јехова ја слушна нашата молба бидејќи ни даде храброст секоја вечер да се собираме во дневната соба, каде што татко ми секоја вечер ја минуваше гледајќи телевизија. Таму, мајка ми и ние девојчињата се среќававме за да го читаме дневниот библиски текст.
Мајка ми ја водеше дискусијата и, откако ќе го прочитавме коментарот, се молевме по ред. Кога се молеше нашата најмала сестра Мари, која имаше само пет години, таа горливо замолуваше: ‚Јехова, те молам омекни му го срцето на тато за да стане и тој твој Сведок‘. Изгледаше како татко ми да не слуша бидејќи го засилуваше гласот на ТВ-то. Меѓутоа, како што одминуваше времето, тој почна да го намалува гласот сѐ додека една вечер потполно не го исклучи.
Таа вечер, како што ни беше обичај, мајка ми праша кој е на ред да го чита текстот. На наше големо изненадување, татко ми рече: ‚Мене ми е редот‘. Ние бевме изненадени, но не рековме ништо. Мајка ми не се противеше ниту, пак, прашуваше нешто, туку му ја подаде брошурата Секојдневно разгледување на Писмото. Откако ја водеше дискусијата за библискиот текст, мајка ми праша кој е на ред да се моли. ‚Мене ми е редот‘, рече татко ми.
Ние бевме шокирани. Среде молитвата, повеќе не можевме да ги контролираме нашите солзи. И татко ми почна да плаче, и го замоли Јехова да му прости што хулел на Него. Исто така, ја замоли мајка ми да му прости што ни се противел.
Така, во 1986 противењето од татко ни престана. Во 1990 нашето семејство се пресели во Тексас во Соединетите Држави. Со текот на времето, татко ми му го предаде својот живот на Јехова и го симболизираше тоа со крштавање во вода, како што направивме и седум од сестрите. Во април 1997, татко ми беше наименуван за христијански старешина. Сѐ до денес, разгледувањето на дневниот библиски текст како семејство има крајна важност за нас, а молитвата до Јехова е темел за нашиот семеен живот.“
[Слики на страница 31]
1. Четири ќерки кои пионерат во Мексико. Марија е напред
2. Хуанита и Исак Адаме, со некои од своите деца. Глорија е на крајот десно