Младите прашуваат . . .
Можам ли да постигнам подобар успех на училиште?
„Оценките се сѐ за моите родители. ‚Каква оценка доби на тестот по математика? Каква оценка доби на писмената задача по англиски?‘ Го мразам тоа!“ (13-годишниот Сем).
СЕМ не е осамен во својата дилема. Всушност, авторите на книгата „Could Do Better“ пишуваат: „Допрва треба да сретнеме родител кој мисли дека нивното дете постигнува онолку добар успех колку што е способно да постигне на училиште“. Но, многу млади, како Сем, сметаат дека нивните родители вршат преголем притисок врз нив да ја подобрат својата работа на училиште — па можеби дури и да бидат одлични. Тие можеби се соочуваат со дополнителен притисок во училницата. „Наставниците не се доволно стрпливи“, се жали еден тинејџер. „Тие сакаат веднаш да разбереш сѐ, а ако не разбираш, те прават да мислиш дека си глупав. Затоа, јас дури не се ни трудам.“
Младите кои пропуштаат да ги исполнат очекувањата на родителите и наставниците, честопати се наречени ученици кои работат под своите можности. А речиси сите ученици на училиште работат под своите можности во некој поглед. Зошто? Интересно е што причината за тоа не е секогаш мрзливоста или неспособноста да се учи.a
Зошто некои работат под своите можности
Вистина е тоа дека, кога станува збор за училишните задачи, изгледа дека некои млади се задоволни само со тоа лесно да поминат. „Ако можам да го направам минимумот за да се провлечам“, признава 15-годишниот Херман, „го правам токму тоа.“ Но, мора да се признае дека кон учењето не се рамнодушни баш сите овие млади. Можеби едноставно не ги привлекува некој предмет. Потоа, има некои на кои им е тешко да ја увидат практичната вредност на она што го учат. Рубен, 17-годишен, вака се изразил во врска со тоа: „Има некои предмети за кои сум сигурен дека никогаш нема да ми користат откако ќе излезам од училиштето“. Недостигот на интерес или на поттик лесно може да води до работа под своите можности.
Постојат и други фактори. На пример, ако темпото на наставникот е пребрзо за тебе, ти ќе се фрустрираш. Ако е пребавно, ќе ти биде здодевно. И притисокот од врсниците може да влијае врз тоа колку добар успех постигнуваш на училиште. Книгата Kids Who Underachieve објаснува: „Ако едно бистро, академски способно дете сака да биде прифатено од група врсници која не е академски ориентирана, може да се чувствува принудено да работи под своите можности“. Така, еден тинејџер се жалел дека, кога напорно работел во своите рани школски години, другите биле љубоморни и го исмејувале. Да, еден младинец може да се соочи со реалноста на начелото во Изреки 14:17 (NW): „Човекот со способности за размислување е омразен“.
Понекогаш, корените на работењето под своите можности одат подлабоко. За жал, некои млади израснуваат со негативна слика за себе. Тоа може да биде резултат на тоа што детето постојано било бомбардирано со нељубезни прекари, како што се влечко, глупчо или мрзливко. За жал, таквите етикети можат да станат самоисполнети пророштва. Како што се изразил еден лекар, „ако Ви речат дека сте глупав и Вие поверувате во тоа, тогаш и ќе постапувате согласно на тоа“.
Најчесто, поттикнувањата од страна на родителите и наставниците се добронамерни. Меѓутоа, дури и тогаш младите може да сметаат дека од нив се бара премногу. Ако тоа е случај и со тебе, биди уверен дека твоите родители и наставниците не се обидуваат да те излудат. Веројатно тие само сакаат да го достигнеш својот целосен потенцијал. Сепак, неспокојството од споредувањето би можело да те наведе да посакаш едноставно да се откажеш. Но, не се предавај: Ти можеш да постигнеш подобар успех на училиште.
Мотивирање
Првиот чекор е да се мотивираш! За да го постигнеш тоа, треба да ја увидиш целта на она што го учиш. Библијата вели: „Оној што ора, треба да ора со надеж, и кој што врши, да врши со надеж, за да го добие она, што го очекува“ (1. Коринтјаните 9:10). Не е секогаш лесно да се увиди вредноста на „орањето“ низ некои училишни предмети. На пример, би можел да речеш: ‚Сакам да бидам програмер на компјутери. Затоа, зошто морам да учам историја?‘
Навистина, можеби не изгледа важно сѐ она што е во твојот наставен план — барем не сега. Но, обиди се да стекнеш едно подалекусежно гледиште. Општото образование за различни предмети ќе го збогати твоето разбирање на светот околу тебе. Многу млади меѓу Јеховините сведоци откриле дека едно комплетно образование им помогнало ‚да станат сѐ за сите‘, давајќи им поголема сестраност во презентирањето на пораката за Царството на луѓето од различни животни профили (1. Коринтјаните 9:22). Дури и ако изгледа дека школскиот предмет има мала практична вредност, ќе ти биде од корист ако го совладаш. Во најмала рака, ќе ја зголемиш својата „способност за размислување“, нешто што долгорочно многу ќе ти користи (Изреки 1:1—4, NW).
Училиштето може да послужи и за да ги откриеш своите скриени таленти. Апостол Павле му напишал на Тимотеј: „Да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе“ (2. Тимотеј 1:6). Очигледно Тимотеј бил наименуван за некоја посебна служба во христијанското собрание. Но, неговата способност дадена од Бог — неговиот „дар“ — требало да се негува за да не остане неактивен и да не пропадне. Се разбира, твоите образовни способности не ти се директно дадени од Бог, како што бил дарот на Тимотеј. Меѓутоа, способностите што ги имаш, сеедно дали во уметноста, музиката, математиката, науката или на некое друго поле — се посебни за тебе, а училиштето може да ти помогне да ги откриеш и да ги развиеш таквите дарови.
Добри работни навики
Но, за да имаш најголема корист од училиштето, ќе ти биде потребна добра работна рутина. (Спореди Филипјаните 3:16, NW.) Испланирај доволно време за да обработиш обемен материјал, но допушти си повремена пауза за да можеш да се освежиш. Ако во твоето учење е вклучено и читање, најнапред разгледај го материјалот за да можеш да добиеш еден општ преглед за него. Како следно, состави си прашања на темел на насловите на поглавјата или главните поднаслови. Потоа прочитај го, барајќи ги одговорите на прашањата додека читаш. На крајот, види дали можеш да го кажеш напамет она што си го научил.
Она што го учиш поврзи го со она што веќе го знаеш. На пример, некој предмет од науката може да биде прозорец низ кој Божјите „невидливи особини јасно се гледаат“ (Римјаните 1:20, NW). Историјата може да ти помогне да си ја докажеш вистинитоста на изјавата: „Знам, Господи, дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Додека се посветуваш на учењето, веројатно ќе откриеш дека учењето ти станува полесно, па дури и позабавно! Соломон забележал: „Разумниот до знаењето лесно доаѓа“ (Изреки 14:6).
Задржи позитивен став
Но, понекогаш работењето под сопствените можности има врска со изборот на пријатели. Дали твоите пријатели те охрабруваат на успех или, пак, и тие самите работат под своите можности? Една библиска изрека гласи: „Кој се состанува со мудри, мудар ќе биде; а кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Затоа, мудро избирај ги своите другари. Дружи се со оние кои имаат позитивен став за училиштето. Не двоуми се лично да разговараш со својот наставник за твојата цел да ги подобриш оценките. Без сомнение, наставникот ќе вложи дополнителен труд за да ти помогне во тоа.
Кога си потопен со негативни мисли за своите способности, размислувај за примерот на апостол Павле. Кога луѓето ја критикувале неговата говорничка способност, тој одговорил: „Иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум“ (2. Коринтјаните 11:6). Да, Павле се сосредоточил на своите јаки страни наместо на своите слабости. Кои се твоите јаки страни? Ако не можеш да ги издвоиш, зошто не разговараш со некој возрасен кој ќе те поддржи? Таквиот пријател може да ти помогне да ги идентификуваш своите јаки страни и најдобро да ги искористиш.
Напредување и покрај проблемите
„Посвети го сето свое внимание, сета своја енергија, на овие работи за твојот напредок да биде јасен за да го видат сите“ (1. Тимотеј 4:15, Phillips). Како еден татко кој му зборува на својот син, Павле го охрабрил веќе успешниот Тимотеј и понатаму да напредува во својата служба. Во библиските времиња, грчкиот глагол „напредок“ дословно значел „сечење напред“, што потсетува на некој кој си го пробива патот сечејќи грмушки. Понекогаш, минувањето низ училиштето можеби изгледа така. Но, многу полесно ќе биде да се помине патот низ училиштето доколку мислиш на тоа дека трудот на крајот се исплати.
Трудот, мотивацијата и учењето одат рака под рака. Да илустрираме: Помисли на некој кој свири музички инструмент. Ако тој ужива во него, ќе свири повеќе. Колку повеќе свири толку подобар станува, а тоа за возврат ја зголемува неговата радост. Колку повеќе учиме толку полесно ќе ни биде да научиме уште повеќе. Затоа, не се обесхрабрувај во поглед на твојата работа на училиште. Вложувај го потребниот напор, дружи се со оние кои ќе ти помогнат да бидеш одличен и земи ги при срце зборовите кои Азарија му ги упатил на древниот крал Аса: „Рацете ваши да не ослабуваат, зашто ќе има награда за делата ваши“ (2. Летописи 15:7).
[Фуснота]
a Младите кои имаат намалена способност за учење можеби се соочуваат со посебни предизвици во овој поглед. За повеќе информации, видете Разбудете се! од 8 октомври 1996, страници 28—30.
[Слика на страница 21]
Не двоуми се да разговараш со својот наставник за твојата цел да ги подобриш оценките
[Слика на страница 22]
Дури и ако изгледа дека еден предмет има мала практична вредност, ќе ти биде од корист ако го совладаш