Мојата љубов кон земјата ќе биде задоволена засекогаш
Раскажала Дороти Конели
Кога бев мала, ми велеа дека ќе одам во пеколот затоа што сум Абориџинка. Со години подоцна, во 1936, слушнав снимка од едно библиско предавање кое фрли вода врз пеколот и запали оган во моето срце. Сега тој оган е пораспламтен од кога и да е порано. Пред да објаснам зошто, дозволете ми да Ви кажам нешто за себе.
РОДЕНА сум отприлика во 1911. Велам „отприлика“ затоа што во тоа време Абориџините воопшто не се оптоваруваа со датуми и со изводи на родените. Моите родители беа богобојазливи луѓе кои многу работеа. Живеевме во малото гратче Спрингшур, во близина на карпестиот, прекрасен ланец Карнарвон во централен Квинсленд (Австралија).
Татко ми беше воспитан во римокатоличката вера од едно семејство белци. Сепак, моите родители Абориџини ги всадија во мене нивните вродени обичаи и љубовта кон земјата. Ловевме кенгури, емуа, желки и змии и фаќавме риба и дебели црви (големи гасеници што се јадат). Но, никогаш не јадев ему. Во нашето семејство тоа ми беше забрането само мене затоа што претставуваше мој личен тотем. Според абориџинската традиција, односно „време на соништата“, секој член на племето си има свој тотем, а забраната за тој предмет ја наложува семејството и племето.
Иако тотемизмот има корени во суеверието, наложувањето на ова табу беше потсетник дека животот е свет. Абориџините не убиваа за забава. Се сеќавам како се тресев од жестокоста на гневот на татко ми кога ме фати како растргнувам на парчиња живи скакулци уште кога бев девојче. „Тоа е страшно!“ викна тој. „Зарем не знаеш дека Бог ја мрази суровоста? Како би ти било кога некој би ти го направил тоа тебе?“
Имавме многу суеверија. На пример, ако тресиопашка (една малечка птица) играше во нашиот логор, тоа значеше несреќа; или ако дење во близина на пенушка седи буф, верувавме дека некој ќе умре. И извесни соништа се сметаа за лоши знаци. На пример, ако се сонува каллива вода, тоа значеше дека некој во семејството е болен. Но, ако водата беше целата тиња, тогаш веројатно некој веќе умрел. Точно е дека бевме католици, но тоа не ги растера сите наши племенски суеверија.
Моето семејство го задржа и нашиот абориџински јазик. Но, сега тој спаѓа во многуте кои се на прагот на изумирањето. Сепак, повремено можам да го користам кога разговарам со другите за Библијата. Сепак, најчесто го користам англискиот или локалниот пиџин.
Скапоцено рано воспитување
Кога имав отприлика десет години, нашето семејство живееше на една фарма за добиток, односно ранч оддалечен 30-тина километри од Спрингшур. Секој ден пешачев по два-три километри до куќата на фармата за да си ги извршам моите домашни должности. Едно лонче (мала лименка) млеко и парче леб беа мојата дневна плата. Нашето семејство живееше во колиби од дрвена кора, традиционални абориџински живеалишта. Кога врнеше, ноќе спиевме во блиските пештери. Дали овој едноставен начин на живот ми беше тежок? Не. Тоа со векови бил абориџински начин на живот и ние го прифативме.
Всушност, радосна сум што животот не ми беше сервиран на сребрен послужавник, така да се каже, и што имав родители кои беа полни со љубов и кои ме држеа во стега, ме тераа да работам и ме поучија како да живеам од земјата. Во 1934, кратко време откако се преселивме во еден резерват во близината на Вурабинда (Квинсленд), првпат заминав од дома и отидов на запад да работам на фармите како слугинка и помошничка за сѐ. На крајот работата ме одведе на исток, во близина на крајбрежниот град Рокхемптон. Таму се запознав со мојот покоен сопруг, Мартин Конели, син на Ирец. Се венчавме во 1939.
Ја дознавам библиската вистина
Отсекогаш чувствував длабоко почитување кон Библијата. Кога бев млада, газдарицата на фармата за добиток ќе нѐ собереше нас децата — Абориџини и белци — и ќе ни кажуваше приказни за Исус. Еднаш го објасни значењето на Исусовите зборови: ‚Не им забранувајте на малите деца да доаѓаат кај мене‘ (Матеј 19:14, King James Version). Првпат откако ми рекле дека сум осудена на пекол, здогледав зрак на надеж за мене.
Подоцна го чув снименото предавање што го спомнав на почетокот, во врска со тоа дека во пеколот не е жешко. Иако тоа ме наведе на размислување, немав понатамошен контакт со Јеховините сведоци сѐ до 1949. Тогаш живеевме во Емералд, околу 250 километри западно од Рокхемптон. Нашиот посетител, Р. Бенет Брикелa‚ зборуваше со нас за Библијата. Потоа нашиот дом стана дом и на Бен секогаш кога тој ќе дојдеше во нашиот крај. Сите ние, вклучувајќи ги Мартин и нашите четири деца, чувствувавме длабоко почитување кон него. Мартин не се интересираше за библиската порака, иако секогаш беше љубезен и гостопримлив кон Сведоците, а особено кон Бен.
Бен ми даде многу помошни средства за проучување на Библијата, но постоеше еден голем проблем — не знаев да читам. Така, Бен трпеливо ни читаше на децата и мене од Библијата и од библиската литература, и додека читаше ни објаснуваше што прочитал. Колкава само освежувачка спротивност беше тој во споредба со свештенството кое, штом ќе завршеше со религиозните формалности, не трошеше ниту пет минути за да нѐ научи да читаме! Бен ни покажа од Библијата дека Сатана и неговите демони се извор на многуте суеверија кои го држат човештвото во пранги, вклучувајќи го и мојот народ. Колку само почнав да ги ценам Исусовите зборови: „Вистината ќе ве ослободи“! (Јован 8:32).
Се воодушевив кога дознав дека Божјата намера е да има еден земен рај за оние кои му се послушни. Над сѐ, почнав да копнеам по воскресението на мртвите; мајка ми умре во 1939, а татко ми во 1951. Честопати со нетрпение го очекувам денот кога ќе ги прегрнам и ќе ги дочекам на Земјата која толку многу ја ценеа. И колку само воодушевувачки ќе биде кога ќе ги поучувам за Јехова Бог и неговото Царство!
Неписмен проповедник
Како што растеше моето библиско спознание, сакав да го споделам. Разговарав со роднините и пријателите, но потоа сакав да ја проширам активноста. Затоа, следниот пат кога Бен дојде во Емералд, ги собрав децата и сите отидовме со него да проповедаме. Тој ми покажа едноставни презентации и ме поучи да се ослонувам на Јехова во молитва. Морам да признаам дека моето излагање не беше многу дотерано, но беше од срце.
Најпрво им велев на станарите дека не знам да читам; а потоа ги замолував да ги прочитаат библиските стихови кои ќе им ги посочев. Ги научив напамет тие стихови. Ќе наидев на изненадени погледи во ова градско подрачје со претежно бели луѓе, но ретко се случуваше луѓето да бидат многу груби. Со текот на времето научив да читам. Колку само тоа ја зголеми мојата доверба и мојата духовност!
Мојот прв конгрес
Во март 1951, кога му го предадов својот живот на Јехова, следеа следните две пресвртници во мојот живот: крштавање во вода и мојот прв конгрес на Јеховини сведоци. Но, тоа значеше дека треба да се патува во големиот град Сиднеј — застрашувачка помисла за една девојка од село. Освен тоа, немав пари за возен билет. Што можев да сторам?
Одлучив да се коцкам за да добијам пари за билет. ‚Ова го правам за Јехова‘, си размислував, ‚и затоа сигурно тој ќе ми помогне да добијам.‘ После неколку круга карти мислев дека тој ми помогнал затоа што имав доволно пари за повратен билет за патувањето.
Бен знаеше за моите планови да одам во Сиднеј, па затоа следниот пат кога ме посети, ме праша дали имам доволно пари. „О, да!“ одговорив. „Се коцкав и добив билет за воз.“ Тој се вцрве како патлиџан и јас веднаш знаев дека реков нешто што не е во ред. Затоа, во брза одбрана додадов: „Што ти е? Јас не ги украдов!“
Кога Бен се смири малку, љубезно објасни зошто христијаните не се коцкаат и, за да ме смири, додаде: „Ти не си виновна. Јас не ти кажав“.
Се чувствувам добредојдена
На тој четиридневен конгрес, 22—25 март 1951, првпат дојдов во контакт со толку многу Сведоци. Познавајќи го само Бен и неколкумина други, не бев сигурна на каков прием ќе наидам. Затоа, можете да си замислите колку бев возбудена кога бев срдечно дочекана од моите идни духовни браќа и сестри, кои не покажаа ниту трошка предрасуда. Навистина се чувствував како дома и бев смирена.
Тој конгрес сѐ уште е жив во моето сеќавање, особено затоа што бев меѓу оние 160 крстени во Ботани Беј. Очигледно јас бев една од првите австралијански Абориџини која стана Јеховин сведок. Мојата фотографија се појави во неделниот весник, а исто така и во филмските новости кои се прикажуваа во кината.
Единствениот Сведок во градот
Еден месец откако се вратив од Сиднеј, нашето семејство се пресели во Маунт Ајза, едно рударско гратче во северозападен Квинсленд. Шест години живеевме во барака како чувари на едно големо парче земја надвор од градот. Ѕидовите на нашата барака ги изградивме од гредите што ги исековме во блискиот честак. Покривот го направивме од стари цилиндри од битумен кои ги расековме од страната и ги израмнивме. Мартин најде работа во железницата, но пиењето на крајот му го уништи здравјето. Тогаш јас станав единствената потпора на семејството. Тој умре во 1971.
Како прво, јас бев единствениот Сведок во Маунт Ајза. Бен нѐ посетуваше речиси на секои шест месеци, бидејќи Маунт Ајза беше дел од неговото широко подрачје на сведочење. Ако се случеше да биде во градот во времето на Меморијалот на смртта на Исус Христос — што беше многу посебна прилика за Бен бидејќи тој имаше надеж за небесен живот — ќе ја прославеше со моето семејство, понекогаш надвор под некое дрво.
Бен обично не остануваше долго, па затоа јас и децата најчесто сведочевме сами. Точно е дека бевме сами; но Јеховиниот дух нѐ зајакнуваше, а исто така и неговата организација која е полна со љубов. Верните патувачки надгледници и нивните сопруги се бореа со ужасната горештина, мувите, правот и нерамните патишта за да дојдат во Маунт Ајза да нѐ охрабрат, иако со години нашата група беше многу мала. Исто така, повремено нѐ посетуваа Сведоци од новооформеното соседно собрание во Дарвин, оддалечено повеќе од 1.200 километри.
Се оформува собрание
Во декември 1953 се оформи собрание во Маунт Ајза. Бен беше наименуван за надгледник, а ќерка ми Ен и јас бевме единствените други кои во тоа време учествуваа во службата. Но наскоро во градот се преселија и други Сведоци. И нашето подрачје почна да дава сѐ поголема жетва од ученици, која со текот на времето вклучи и извесен број Абориџини.
Собранието продолжи да расте и наскоро стана очигледно дека ни треба Сала на Царството во која ќе ги одржуваме нашите состаноци. Во мај 1960, после многу напорна работа, завршивме со изградба на нашата сопствена сала. Во текот на следните 15 години таа се зголеми два пати. До средината на 1970-тите имавме околу 120 учесници во јавната служба, а салата повторно беше претесна. Затоа се изгради една убава Сала на Царството со 250 седишта, која беше свечено отворена во 1981. Поради нејзиниот огромен капацитет, зградата се користеше и за поголеми собири наречени покраински собири.
Пораст меѓу Абориџините
За мене беше возбудливо формирањето на абориџинска и островска група во 1996 која е поврзана со собранието Маунт Ајза. Островјаните се Абориџини кои доаѓаат од островите во близината на австралијанското копно. Најважната цел на оваа група е да им се даде подобро сведоштво на Абориџините, од кои некои не се чувствуваат толку слободни со белите луѓе.
Низ Австралија се распрснати околу 20 други такви групи Абориџини. Освен тоа, собранија со Абориџини се формирани во Аделејд, Кернс, Ипсвич, Перт и Таунзвил. Околу 500 луѓе — вклучувајќи и некои од моето семејство — ги посетуваат овие групи и собранија. Речиси 10 проценти од абориџинските објавители се пионери, односно полновремени министри!
Добив дијабетес во 1975 и со текот на годините оваа болест, од која страдаат толку многу Абориџини, го зема својот данок. Ми станува сѐ потешко да читам. Сепак, Јехова и понатаму ме поддржува и ми дава радост.
Благодарна сум за храбрите министри кои му служеа на моето семејство и мене. Нивната непоколеблива ревност, нивната љубов и духовното богатство што го носеа на велосипедите додека ги минуваа правливите, осамени патишта и патеки во внатрешноста на Квинсленд, овозможија да ја научиме библиската вистина. Сега со доверба го очекувам времето кога мојата љубов кон земјата ќе биде задоволена засекогаш.
[Фуснота]
a Извонредната животна приказна на Бен Брикел се појави во Стражарска кула од 1 септември 1972, страници 533—536 (англ.).
[Карта/слика на страница 15]
Перт
Дарвин
Кернс
Таунзвил
Маунт Ајза
Рокхемптон
Емералд
Спрингшур
Вурабинда
Ипсвич
Сиднеј
Аделејд
Дороти денес
[Слика на страница 13]
Сесија за вежбање со Бен во средината на 1950-тите