Бескрвна хирургија — нејзините користи добиваат признание
ВО 1996, Кралскиот колегиум на хирурзи во Англија објавил една брошура со наслов Code of Practice for the Surgical Management of Jehovah’s Witnesses (Кодекс на пракса за хируршко лекување на Јеховините сведоци). Во таа брошура хирурзите забележуваат: „Поради опасностите од трансфузија на крв, пожелно е да се размислува за алтернативни мерки секогаш кога тоа е можно“.
AHA NEWS, објавено од Американското болничко здружение, исто така извести зошто користите од бескрвната хирургија добиле признание. „Она што започна како религиозно верување прераснува во омилен медицински избор и напредна технологија“, забележа ова седмично списание. „Бескрвната медицина и хирургија, делумно мотивирани од доктрините на Јеховините сведоци, оди далеку над потребите на едно духовно општество во операционите сали низ целата нација.“
Зошто многу лекари ја унапредуваат бескрвната хирургија е тема што беше изнесена во есенското издание од 1997 во еден додаток на списанието Time. „Стравот од СИДА е само една причина“, рекла статијата. Таа известила особено за работата што ја извршува Ингелвудскиот болнички институт во Њу Џерси за унапредување на бескрвната медицина и хирургија, во Ингелвуд (Њу Џерси).
Time забележа: „Овој институт е водечки меѓу повеќе од 50 институции во САД кои сега применуваат бескрвна хирургија. Без да користат крв од некој дарител, тие нудат широк избор хируршки постапки кои обично би вклучувале трансфузии, заедно со техники кои драматично ја редуцираат или практично ја елиминираат загубата на крв“.
Делотворно и безбедно
Воведот во статијата на Time го изнесе искуството на Хенри Џексон кој имал големо внатрешно крвавење при кое изгубил 90 проценти крв и нивото на хемоглобин му се намалило до опасните по живот 1,7 грама на децилитар. Џексон бил однесен во Ингелвудската болница откако една друга болница во Њу Џерси одбила да го лекува без примена на трансфузија на крв.
Во зградата во Ингелвуд, под грижата на д-р Арија Шандер, на Џексон му биле дадени „многу јаки формации од додатоци на железо и витамини, плус ‚индустриски дози‘ од еден лек кој создава крв, синтетички еритропоетин, кој ја стимулира коскената срж да создава црвени крвни зрнца. На крајот му биле дадени интравенозни течности за да ја потстрекнат онаа мала циркулација што преостанала“.
Time извести дека после неколку дена „од првата болница се јавиле да прашаат дали Џексон е мртов. Со нескриено задоволство, Шандер им рекол: ‚Не само што не е мртов туку тој се чувствува добро и подготвен е за да го отпуштиме, а наскоро ќе може да ги извршува и своите секојдневни работи‘“.
Во едно телевизиско интервју од 28 ноември 1997, д-р Едвин Дајч, медицински директор за бескрвната програма на универзитетската болница во Њуарк (Њу Џерси), објаснил како се одвивало истражувањето на полето на бескрвната хирургија: „Јеховините сведоци . . . вложија големи напори во обидот да пронајдат луѓе кои ќе оперираат без крв. Некои од резултатите од таквите студии открија дека тие си поминале подобро отколку што се очекувало, [подобро од] луѓето кои примиле крв“.
Д-р Дајч додал: „Крвта може да го ослабне имунолошкиот систем и да предизвика проблеми со постоперативна инфекција; може да го зголеми ризикот кај некого повторно да се појави рак, па затоа крвта, иако беше добра во извесни околности, излезе дека има и лоша страна“. Во врска со бескрвната хирургија, д-р Дајч заклучил: „Сигурно го подобрува исходот на пациентот да има помалку компликации и кошта помалку. Значи, таа навистина е победник од сите аспекти“.
Затоа, како што рекол Time, „сѐ повеќе пациенти инсистираат на посигурни и поефективни опции од трансфузиите“. Исто така, списанието известило: „Според некои проценки, 25% од трансфузиите во САД не се потребни. Има и показатели дека пациентите не можат да поднесат толку високи нивоа на хемоглобин колку што се мислеше порано и дека особено младите имаат вградена резерва крв . . . [Шандер] е уверен дека недавањето крв е успешен и поомилен избор на повеќето пациенти“.
Иако пренесувањето болести преку трансфузиите на крв е една голема опасност, постојат и други. „Складираната крв, откако ќе се излади и спакува, нема способност да пренесува кислород како свежата крв“, објаснил д-р Шандер. „Штотуку почнуваме да сфаќаме што всушност правиме кога даваме трансфузија.“
„Златен стандард“
„На крајот“, заклучил Time, „тука е и трошокот: со околу 500 долари за секоја трансфузија и плус административните трошоци, вкупната сметка е некаде помеѓу 1 и 2 милијарди долари годишно, повеќе од доволен мотив за да се размислува за алтернативи.“ Изгледа дека зашеметувачкиот трошок за трансфузиите на крв сега е главна причина зошто бескрвната хирургија станала толку популарна.
Шарон Вернон, директорка на Центарот за бескрвна медицина и хирургија при добротворната болница Св. Винсент во Кливленд (Охајо), во врска со лекувањето на пациентите без употреба на крв рекла: „Таа расте затоа што лекарите признаваат дека бескрвната медицина е „златен стандард“ во услови на намалување на трошокот. Нашето искуство покажува дека дури и осигурителните компании кои нормално не соработуваат со нас, ни испраќаат луѓе затоа што тоа им заштедува пари“.
Јасно е дека бескрвната хирургија брзо добива признание во медицинските кругови, и тоа од повеќе причини.
[Рамка на страница 11]
Недамнешни одлуки на судот
Две одлуки на судот донесени во државата Илиноис (САД), во ноември и декември 1997, беа многу значајни. Во првата, на Мери Џонс, Јеховин сведок, ѝ биле исплатени 150.000 долари обештетување затоа што во 1993 ѝ била дадена трансфузија со две единици крв и покрај тоа што таа дала јасен приговор на тој облик на лекување. Ова е најголемата сума што некогаш ја добил некој Сведок поради емоционалната болка што ја претрпел како резултат на несакана трансфузија на крв.
Вториот случај бил со тогаш трудната Дарлен Браун, Сведок, на која сосила ѝ била дадена трансфузија заради нејзиниот фетус од 34 седмици. На 31 декември 1997, Апелациониот суд на Илиноис ја објаснил својата одлука велејќи дека „трансфузијата на крв е насилна медицинска постапка која го прекинува складниот телесен интегритет на еден способен возрасен човек“. Апелациониот суд го сумирал своето решение велејќи дека „под законот на оваа Држава . . . не можеме да наметнеме законска обврска врз една трудна жена да се согласи на насилна медицинска постапка“.
На 9 февруари 1998, Вишиот суд во Токио ја поништил одлуката на еден понизок суд, која гласела дека еден лекар оправдано ѝ дал трансфузија на крв на Мисае Такеда за време на една операција во 1992. Вишиот суд изјавил дека „треба да се почитува правото на пациентката да избере лекување. Било нелегално да се примени трансфузија на крв“. На Мисае Такеда ѝ била платена отштета од 550.000 јени (4.200 долари).