Вкусот — подарок од Творец кој е полн со љубов
„ВО ЦАРСТВОТО на [петте] сетила“, рекла Линда Бартошук, водечки истражувач на полето на вкусот, „вкусот е царицата.“ Вкусувањето е едно прекрасно доживување кое нѐ штити со тоа што ни помага да правиме разлика помеѓу она што е прифатливо и она што е штетно.
Чудото на вкусот ни овозможува да уживаме во сладоста на свежиот портокал, освежувачкото студенило на сладоледот од ментол, освежувачката горка арома на утринската шолја кафе и нежната зачинетост на таинствениот сос на главниот готвач. Вкусот има толкаво влијание што со него се поврзани некои карактерни црти.
Можеби за некои луѓе велите дека се благи. Од друга страна, пак, можеби сте рекле дека некој друг е скиснат. За лицето кое негува непријателство кон другиот можеби се вели дека е огорчено. На пример, Библијата зборува за „луѓе кои се горки во душата“, а исто така се осврнува и на „горчлив говор“ (Судии 18:25; Псалм 64:3; 2. Царства 17:8, сите NW).
Вкусот и светската историја
Вкусот бил главен фактор во патувањата на откритија во 15 и 16 век. Пред околу 500 години, Васко де Гама пловел по работ на Африка кон Индија и назад до Португалија, враќајќи се со товар од зачини. Следните три века европските нации влегле во конфликт, бидејќи Франција, Велика Британија, Холандија, Португалија и Шпанија биле конкуренти во контролата на изворите на зачини.
‚Зошто нациите се бореле и умирале поради зачини?‘ можеби се прашувате. За да го задоволат вкусот! Да, вкусот за зачини што го имале Европејците имал толкава моќ. Сѐ до денес вкусот го задоволува современата индустрија, трговија и наука.
Но, што е вкус? И како дејствува тој во комбинација со другите наши сетила?
Улогата на јазикот
Клучен орган во нашето сетило за вкус е јазикот. Повеќето од брадавичките за вкус се сместени на него, иако некои се наоѓаат и во други делови од устата и во хранопроводникот. Внимателно погледнете го својот јазик во огледалото. Забележете ги многубројните мали испакнатини кои му даваат на јазикот кадифест осет. Тие се наречени папили. Ситните брадавички за вкус се собираат на куп во папилите на површината на јазикот. „Секоја брадавичка содржи 100-тина клетки за вкус“, вели списанието Science, „и кога ќе се надразнат, активираат една нервна клетка која го пренесува сигналот до мозокот.“
Бројот на брадавичките за вкус може многу да варира од едно до друго лице и со тоа да влијае врз вкусот. Човечкиот јазик може да има дури и 10.000 брадавички за вкус или, пак, само 500. Инглис Милер, кој ја изучувал анатомијата на брадавичките за вкус, забележал: „Луѓето кои имаат повеќе брадавички за вкус имаат поизострен вкус; луѓето со помалку брадавички за вкус имаат послаб вкус“.
Како функционира вкусот
Вкусот е многу сложено сетило. Строго земено, тој има нешто заедничко со хемијата. Растворените хемиски состојки од храната во нашата уста ги надразнуваат рецепторите за вкус кои се испакнуваат низ порите на јазикот. Рецепторните клетки реагираат и ги надразнуваат нервните клетки (неврони) да испратат сигнали од брадавичката за вкус до мозокот.
Зачудува тоа што една брадавичка за вкус може да активира многу различни неврони, а еден неврон може да добие пораки од повеќе брадавички за вкус. Никој не знае точно како рецепторите за вкус и нивниот комплициран систем го сортираат сето тоа. The Encyclopedia Americana вели: „Осетите што се перцепираат во мозокот очигледно доаѓаат од едно сложено кодирање на електрични импулси кои ги пренесуваат рецепторните клетки“.
Во чувството што го идентификуваме како вкус се вклучени и други сетила. The New Book of Popular Science забележува: „Понекогаш некој едвај знае дали вкусува или помирисува некоја супстанција“. На пример, може да поминеме покрај некоја пекара и да ја вдишеме аромата на свежо испечен леб. Во устата почнува да ни се лачи плунка. А потоа, ако влеземе во продавницата, ако го видиме лебот и ако ја допреме неговата кора, нашите сетила ќе се надразнат уште повеќе. Нетрпеливи сме да го каснеме првиот залак!
Значи, што претставува овој осет за вкус? Списанието Omni објаснува: „Она што некој лаик ќе го опише како вкус, всушност е една заплеткана синтеза од неколку сетила: мирис, вкус, допир, состав, вид, хемиска надразливост (лутината на феферонките, свежината на нането) и температура“.
Од друга страна, пак, како што продолжува статијата, „вкусот . . . е нешто сосема едноставно. Разликуваме четири (и само четири) својства за вкус: слатко, солено, кисело и горчливо“. Иако беше популарно да се подели јазикот на површини кои чувствуваат различен вкус, сега се верува дека само една брадавичка за вкус на кое и да е место на јазикот може да распознае неколку или, пак, сите овие четири својства за вкус.
Сепак, сѐ уште има многу работи кои не се познати во врска со хемијата на вкусот. На пример, не се знае зошто со додавање неколку капки кисел сок од лимон ќе се засили солениот вкус на храната. Интересно е тоа што сетилните својства за слатко, кисело и солено испраќаат електрични сигнали во клетките за вкус, додека горчливото очигледно предизвикува тие клетки да испратат хемиска порака.
Навика за вкус
Веројатно сте се навикнале на вкусот на работите во кои порано не сте уживале. Ова можеби е случај со маслинките, мувлосаниот кашкавал, репката, лутите зачини и горчливите работи. Уште од порано ‚горчливото зелје‘, како што се ендивијата и цикоријата, им давале посебен вкус на јадењата и на салатите. Но, Вашиот вкус треба да биде извежбан за да ужива во горчливото (2. Мојсеева 12:8).
Истражувањата покажуваат дека навикнувањето на вкусот на храната има голема врска со околностите под кои се сретнувате со некоја храна. На пример, една жена никогаш не пробала болоњска салама. Дури и глетката и миризбата од неа ѝ биле неподносливи затоа што мајка ѝ имала голема одбивност кон болоњската салама. Но, еден ден во своите 20-ти години, оваа жена била многу гладна и не нашла ништо друго за јадење освен болоњска салама. Затоа каснала малку и се зачудила кога вкусот ѝ се допаднал!
Значи, ако сакате да се навикнете на вкусот на нешто ново, пробајте го тоа кога сте навистина гладни. А ако сте родител, запомнете дека начинот на кој реагирате на извесна храна, како и околностите под кои ја претставувате, може да влијае врз Вашите деца. Создадете пријатна атмосфера кога воведувате нова храна. Вклучете го Вашето дете. Една писателка предложила:
„За време на подготовката на оброкот чувајте го бебето или малото дете во кујната во дубалче или на столче. Тоа ќе ја гледа и ќе ја мириса семејната храна во една среќна, радосна средина — и ќе учи за неа дури и пред да му дојде време да ја јаде. После неколку месеци ќе можете да му подадете некое залче од она што го подготвувате, сирово или делумно сварено“.
Таа додала: „Можеби ќе биде потребно планирање однапред и дополнително време, но на некој повремен оброк најдете едноставни начини на кои детето може да Ви помогне да направите некој нов или неомилен оброк. Пробувајте за време на подготвувањето. Вашиот помошник ќе биде среќен и гладен кога ќе вкуси — совршени услови за успешно воведување на храната“.
Кога вкусот ќе ослабе
За жал, сетилото за вкус може да ослабе со возраста, како што покажал остарениот пријател на цар Давид, Верзелиј, кога рекол: „Сега сум на осумдесет години . . . Ќе го распознае ли слугата твој вкусот на тоа, што ќе го јаде и ќе го пие?“ (2. Царства 19:35). И други фактори можат да бидат вклучени во слабеењето, па дури и губењето на сетилото за вкус.
Проблемот може да биде резултат на повреда во главата, алергија, инфекција, лекови, изложеност на отровни хемикалии, па дури и обична настинка. Длабочината на очајот на оние кои немаат мирис и вкус трогателно ја забележала една личност која страдала од тоа. Таа напишала: „Толку ја земаме здраво за готово раскошната арома на кафето и слаткиот вкус на портокалите што кога ќе ги изгубиме тие сетила тоа е речиси како да сме заборавиле да дишеме“.
Таканаречениот привиден вкус е едно мачно растројство при кое лицето постојано чувствува вкус на нешто што го нема. Кај пациентите од рак кои се подложуваат на хемотерапија понекогаш доаѓа до промени во сетилата за вкус и за мирис.
Благослов од Бог
Колку само е прекрасно кога имаме остар вкус! Многумина постари со задоволство се потсетуваат на вкусовите во кои уживале додека биле млади — на узреаните плодови набрани од дрвјата или на посебно подготвените оброци. Дека нашиот Творец сака да уживаме во таквите задоволства на вкусот може да се види и од неговото ветување за гозба „од јадења богати со масло, исполнети со срж“ (NW) во неговиот праведен нов свет, кога страдањето, староста и смртта повеќе нема да постојат (Исаија 25:6—9; Јов 33:25; Откровение 21:3, 4).
Вкусот навистина го збогатува нашиот живот. Без него, јадењето би било безлично исто како кога се полни бензин во автомобил. Навистина, тоа е благослов од семудриот Творец кој е полн со љубов!
[Слика на страница 17]
Поучете го Вашето дете да ужива во хранливи оброци