Права без одговорности?
„ПРИЗНАВАЊЕТО на вроденото достоинство, како и на еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човечката фамилија е темел за слобода, правда и мир во светот.“ Така наведува преамбулата на Универзалната декларација за човекови права која во декември 1998 ја одбележа својата 50-годишнина. Но, неодамна 24 поранешни претседатели и премиери, кои ги претставуваа сите континенти, предложија дека, освен таа декларација, Обединетите нации треба да усвојат една универзална декларација за човекови одговорности. Зошто многумина чувствуваат потреба од еден таков проект?
„Правата и одговорностите се сијамски близнаци. За жал, после половина столетие, овој факт е заборавен или, пак, стана недоличен. Многумина ги бараат своите права без да чувствуваат потреба да ги исполнат одговорностите кои се поврзани со нив“, објаснува професорот Жан-Клод Суаја, член на Европската комисија за човекови права. Ваквото запоставување на должностите го чувствуваат многумина. „Постои еден очигледен копнеж, особено меѓу младите, за некаква обединувачка визија, збир од признати идеали со кои ќе се победат и ќе се припитомат силите на алчноста, на себичноста, на губитокот на заедништво, кои изгледа дека го обземаат светот . . . Оваа сѐ поголема дебата за потребата од глобална етика е признавање дека нешто недостига“, забележува парискиот дневен весник International Herald Tribune. Според тоа, политичари, теолози и филозофи дискутираа за еден „универзален етички проект“, како што го нарекува Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, за да се пополни празнината и да се утврди кои се човековите одговорности. Меѓутоа, тие наидоа на тешкотии.
Иако е релативно лесно да се одреди кои човекови права треба да се заштитат, не е секогаш лесно да се дефинира кои човекови одговорности треба да бидат универзално прифатени. Меѓутоа, некои од вредностите во предложената Декларација за одговорности наоѓаат инспирација во безвременското и универзално Златно правило што го дал Исус пред околу две илјади години: „Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7:12).
Иако Библијата честопати била инспирацијата зад законите кои ги штитат човековите права, таа ја нагласува мислата за лична одговорност. „Грев е за оној, кој знае да прави добро, а не го прави“, изјавил ученикот Јаков (Јаков 4:17). Исто онака како што Исус барал начини да им прави добро на другите, и вистинските христијани се трудат да му прават добро на својот ближен. Не се задоволни само со применувањето на своите права, туку сфаќаат дека со правата доаѓаат и одговорности и дека секој од нас е одговорен пред Бог за своите постапки.