Колку се безбедни авионите?
ВО ЕДНА година, околу еден милион луѓе умираат на патиштата ширум светот. За разлика од тоа, бројот на загинатите во авионски несреќи во 1996 бил 1.945 лица. Во 1997, вкупниот број опадна на 1.226. Според статистиките што ги води производителот Боинг, „патничките млазни авиони се уриваат помалку од 2 пати на секои 1 милион летови“.
Сепак, секое уривање на авион добива голем публицитет, додека секојдневното крвопролевање на патиштата се смета за вообичаено. Во Соединетите Држави, единствено патувањето со автобус се смета за малку побезбедно од патувањето со авион.
Зошто авионот обично е побезбеден од автомобилот? Една очигледна причина е тоа што, за разлика од возилата на патот, авионите обично не летаат близу еден до друг. Друга причина е тоа што повеќето авионски посади се добро обучени и многу професионални во нивниот пристап кон своите одговорности. Капетанот на еден Боинг 747 обично е во своите 50-ти години и има околу 30 години искуство во летањето. Безбедноста е главен фактор за сите членови на посадата. На крајот на краиштата, во прашање се и нивните животи.
Безбедност во пилотската кабина
Ако погледнете во пилотската кабина на еден патнички авион, ќе забележите дека има по два од сите главни инструменти и контроли — еден комплет лево, за капетанот, и друг десно, за копилотот.a Така, според The Air Traveler’s Handbook (Прирачник за оние кои патуваат со авион), „во неверојатниот случај на еден од пилотите да му се слоши, другиот ги има сите потребни контроли за безбеден лет. Во летот, секој пилот може да ги набљудува инструментите на другиот и да проверува дали обете табли ги покажуваат истите податоци“.
Друг фактор на безбедност во пилотската кабина е тоа што како мерка на претпазливост, капетанот и копилотот обично добиваат различни оброци. Зошто? Па, во неверојатниот случај да дојде до труење со храна, само едниот од нив ќе биде погоден.
За да се гарантира контролата над подвижните делови како што се крилцата, тркалата за слетување и сопирачките, „авионите обично имаат два или повеќе хидраулични системи, во случај едниот да откаже“. Удвојувањето, па дури и утростручувањето на системите е стандардно барање за безбедност во повеќето современи авиони.
Што можете да направите?
Еве некои едноставни мерки на претпазливост што можат да ги преземат сите патници: Прочитајте ја картичката со упатства за итни случаи и слушајте ги стјуардесите кога ги објаснуваат безбедносните процедури пред да започне секој лет. Кога ќе седнете, побарајте ја со поглед најблиската врата за излез. А во итен случај, следете ги упатствата на стјуардесите. Сите тие се добро обучени да се справат со тешки ситуации доколку настанат. Кога се даваат упатства, многу е важно патниците да се движат брзо и да не мислат на своите лични работи. Животот е поважен од поседите.
Современите авиони обично летаат над лошите атмосферски услови или, пак, ги заобиколуваат па затоа повеќето летови на големи далечини се многу мирни. Како резултат на тоа, на малку луѓе им се слошува од летањето. Ако се очекува некаква турбуленција, како мерка на претпазливост, капетанот обично им советува на патниците да ги стават безбедносните појаси.
Може ли патувањето со авион да биде побезбедно? Одговорот е да. Но, повеќето патници не би ја поднеле промената што е потребна. А која е таа? Патниците да бидат свртени назад наместо напред! Каква би била предноста од тоа? Патниците би биле потпрени на потпирачот за време на ненадејно успорување, наместо да бидат потпрени само со појасот врзан преку стомакот, кој не е целосна заштита во споредба со повеќето појаси на седиштата на автомобилите кои дополнително се ставаат преку градиот кош. Меѓутоа, луѓето повеќе сакаат да гледаат каде одат наместо да гледаат каде биле!
Страв од летање?
Се проценува дека секој 6-ти возрасен од населението во Соединетите Држави се плаши од летање. Кај некои тоа е повеќе од страв — тоа е фобија, несразмерен страв кој води до панични реакции. Што може да помогне?
Информираноста на патниците може да придонесе многу за да се потисне вознемиреноста. Секоја година ширум светот, околу 15.000 авиони кои користат речиси 10.000 аеродроми, пренесуваат повеќе од 1,2 милијарди луѓе со релативно малку несреќи или инциденти. „Според [осигурителната компанија] Лојд од Лондон, 25 пати е побезбедно да се патува со авион отколку со автомобил.“
Ако имате трема од патувањето со авион, читајте книги за летањето, авионите и за обучувањето на пилотите. Прочитајте за високите стандарди на обучување кои се бараат од пилотите и за правилата по кои работат во поглед на часовите спиење, ограничувањата на пиењето алкохол пред летање и повремените тестирања за дрога. Тука се и полугодишните прегледи кои пилотите мораат да ги поминат во симулатор за летање за да се испитаат нивните реакции во итни случаи. Овие симулации се толку блиски до реалноста, што некои пилоти излегуваат од симулаторот „тресејќи се и облеани во пот“. Ако некој пилот не го положи тестот на симулаторот, може да ја изгуби дозволата да управува со патнички авион.
Овие стандарди се многу повисоки од сите други кои важат за оние кои управуваат со возила. Затоа, колку повеќе ќе научите за авионите и за пилотите, толку повеќе ќе Ви се зголеми довербата.
Од помош може да биде да појдете на аеродром. Забележете ги процедурите за патниците и набљудувајте како реагираат луѓето. Ќе забележите дека повеќето луѓе излегуваат од авион како штотуку да излегуваат од автобус. Патувањето со авион е вообичаено за нив. Набљудувајте како полетуваат и слетуваат авионите. Разберете ги и восхитувајте им се на научните принципи на аеродинамиката кои го овозможуваат и го прават летањето безбедно.
Кога конечно ќе бидете на својот прв лет, кажете ѝ на стјуардесата дека прв пат сте во авион и дека можеби ќе имате малку трема. Тие професионалци знаат како да Ви помогнат да се опуштите и да стекнете доверба во системот. Обидете се да се опуштите. Кога капетанот ќе рече дека може да се оди низ авионот, станете и прошетајте се до кабината. Можеби сте на добар пат да го победите својот страв од летање!
[Фуснота]
a На повеќето авионски линии, капетанот ќе Ви допушти да погледнете во пилотската кабина додека авионот е паркиран. Тој ќе одговори и на Вашите прашања.
[Истакната мисла на страница 17]
„Според [осигурителната компанија] Лојд од Лондон, 25 пати е побезбедно да се патува со авион отколку со автомобил“
[Слики на страница 18]
Ако научите да се опуштите, летањето ќе претставува задоволство
[Извор на слика на страница 16]
Фотографија со љубезна дозвола на авионската компанија Боинг