Контрола на летање — што прави за твојата безбедност?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ФИЛИПИНИТЕ
ДАЛИ некогаш, додека си летал со авион, си се прашувал како знае пилотот каде оди? Веројатно не ти била пријатна мислата дека десетици, па дури и стотици авиони летаат по небото во исто време. Како не се судруваат?
Нормално е на патниците да им доаѓаат вакви прашања. Меѓутоа, статистиката покажува дека патувањето со авион е доста безбедно,a всушност, побезбедно отколку патувањето со мотоцикл или автомобил. Важен фактор што придонесува за безбедноста на летањето е системот за контрола на летање.
Безбедно водење на летот
Првенствено капетанот, односно претпоставениот пилот, е одговорен за безбедноста на летот. Меѓутоа, има многу ситуации кога тој не може да ги види другите авиони што летаат околу него и не е свесен дека се во негова близина. Од таа причина, повеќето држави имаат систем за контрола на летање. На земјата има контролори кои ја следат секоја фаза од летот на разни авиони кои се водени со помош на разни инструменти.
Семјуел, кој веќе 13 години работи како контролор на летање во Калифорнија, вели: „Контролорите на летање играат многу важна улога во безбедноста на воздушниот сообраќај. Главна цел е да се одржува безбедно растојание помеѓу авионите“. Мелба, шеф на контрола на летање, го дава ова објаснување: „Безбедноста е пред сѐ, но освен за безбедноста, се грижиме и воздушниот сообраќај да се одвива брзо и уредно“. Значи, освен што помагаат да не дојде до судир, контролорите на летање помагаат авионите лесно да се движат низ воздушниот простор.
Ова значи дека, додека пилотот ги извршува своите задачи во пилотската кабина, многу очи и уши на земјата го следат летот. Преку радиоврска, пилотот не комуницира само со контролорите на аеродромот од кој полетал и аеродромот на кој треба да слета, туку и со контролорите на неколку пунктови попат.
Денес има многу брзи авиони, па затоа е важно да се следи сето она што пилотот не може да го види. Замисли си два авиона да летаат директно еден кон друг. Кога пилотите ќе забележат што се случува, можеби ќе имаат само неколку секунди за да го избегнат судирот! Контролорот на летање има одговорност да не дозволи да дојде до ваква ситуација. Долго пред пилотите да се видат, ќе добијат упатства кои ќе им помогнат да бидат на безбедно растојание.
Следење на летот
На земјата има навигациони радиопредаватели кои даваат сигнали што го водат авионот. Пилотот има контролна табла на која се отчитуваат сигналите од предавателите и му кажуваат каде точно се наоѓа. Бидејќи предавателите се распоредени на одредени места, авионите летаат од едно до друго такво место сѐ додека не стигнат до своето одредиште. Всушност, овие навигациони инструменти имаат создадено конкретни воздушни рути.
Контролорите ги следат авионите на овие воздушни рути. Пред да полетаат, од пилотите се бара да приложат план на летање кој покажува по која рута планираат да летаат. Контролорот има копија од листот со планот на летање и други важни информации. Салвадор Рафаел, шеф на контрола на летање, објаснува зошто ова е корисно: „Има точки на кои воздушните рути се сечат. Кога пилотот ќе дојде до една таква точка, мора да го извести контролорот. Контролорот си го забележува тоа на својот лист со планот на летање“. Така има претстава по која патека се движи авионот.
За да добие вакви информации, контролорот користи уште еден инструмент — радиоврската. Тој знае каде се наоѓа авионот и му дава упатства на пилотот кои му помагаат да биде на безбедно растојание од другите авиони. Контролорите и пилотите обично имаат на располагање повеќе радиоврски и фреквенции. Во случај да откаже некоја, можат да користат друга.
Но, како е со меѓународните летови на кои можат да се слушнат различни јазици? За да се избегнат опасностите до кои би дошло поради недоразбирања, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство го избра англискиот јазик како јазик на кој ќе се комуницира во авијацијата. Исто така, бидејќи некои зборови, букви и броеви звучат слично кога се пренесуваат преку радиоврска, контролорите на летање се обучени да користат стандардни фрази и изговор кога им даваат упатства на пилотите. Заради уште поголема безбедност, пилотите треба да повторат извесни упатства што ги добиваат од контролорите.
Друг инструмент што го користат контролорите е радарот. Радиобрановите што се одбиваат од авионите доаѓаат до радарската антена. Тогаш на радарот авионите се појавуваат како објекти, или мети. Многу авиони се опремени со транспондер, кој му враќа на радарот сигнал што го идентификува авионот. Кога на овој сигнал ќе се додадат информациите од компјутерот, на радарот се покажува авионот заедно со бројот на летот, брзината, висината и типот на авионот.
Ако контролорот увиди дека треба да го наведува авионот за да не дојде до судир, тоа може да го направи на неколку начини. Може да му даде упатство на пилотот да го смени 1) движењето, односно правецот. Исто така, може да му даде упатство да ја смени 2) брзината, на пример, кога еден авион претекнува друг. Многу често, авионите се држат на безбедно растојание еден од друг со промена на 3) висината.
За да се зголеми нивото на безбедност, многу радарски системи можат да му дадат сигнал на контролорот кога ќе дојде до опасна ситуација. На пример, ако системот забележи дека два авиона се преблиску еден до друг, се вклучуваат визуелни и звучни аларми. Друг аларм се вклучува ако некој авион лета преблиску до земјата.
Безбедноста — главна цел
Веќе се спроведуваат планови да се подобри системот за контрола на летање. Навигационите системи на земјата честопати ги ограничуваат авионите да летаат по конкретна рута и на конкретна надморска висина. Како резултат на ова, голем дел од воздушниот простор е неискористен и авионите мораат да летаат по подолги рути. Во иднина летовите уште повеќе ќе зависат од сателитските системи, како што е Глобалниот систем за позиционирање (GPS), со помош на кои авионите ќе имаат пофлексибилни рути и полесно ќе се контролираат прекуокеанските летови.
Како што гледаме од овој краток преглед на работата на контролата на летање, пилотот не е единствениот што знае каде се наоѓа авионот во секој момент од летот. Всушност, уште неколкумина други на земјата внимателно го следат. Овој систем е создаден за да има што помалку опасности и што поголема безбедност. Не е ни чудо што бројот на авионски несреќи е многу мал!
Значи, ако леташ со авион, нема причина да се плашиш. Следниот пат кога ќе тргнеш на некој долг лет, сети се дека контролорите на летање будно внимаваат на твојата безбедност. Затоа, навали се на седиштето, опушти се и уживај во летот!
[Фуснота]
a Во една од изминативе години, патничките авиони во САД прелетаа околу 11 милијарди километри, а во просек имаше само една несреќа на секои 334.448 часови летање.
[Графикон на страници 14 и 15]
(Види во публикацијата)
СЛЕДЕЊЕ НА ЛЕТОТ
GPS
Систем за контрола на летање
Навигациони радиопредаватели на земјата
Радиопредавател
Радарска антена
[Слика на страница 15]
Контролна кула
[Слика на страница 15]
Контролори на летање
[Слика на страница 15]
Центар за контрола на летање
[Извори на слики на страница 15]
Кула и контролори: NASA Ames Research Center; Центар за контрола: U. S. Federal Aviation Administration