Неверство — неговите трагични последици
„Си заминав“, рекол гласот на телефонот — веројатно најстрашните зборови кои некогаш ѝ ги рекол сопругот на Пат.a „Едноставно не можев да поверувам во неверството“, вели таа. „Она од што одсекогаш најмногу се плашев — дека мојот сопруг ќе ме напушти заради друга — стана ужасна реалност.“
ПАТ, 33-годишна, навистина сакала својот брак да го направи успешен; сопругот ја уверувал дека никогаш нема да ја напушти. „Си ветивме дека ќе останеме еден покрај друг, што и да се случи“, се сеќава Пат. „Бев уверена дека навистина мисли така. Потоа . . . тој го направи тоа. Сега немам ништо — ниту мачка, ниту златна рипка — ништо!“
Хироши никогаш нема да го заборави денот кога излегла на виделина вонбрачната афера на мајка му. „Имав само 11 години“, се сеќава тој. „Мајка ми влета во куќата. Татко ми беше зад неа, велејќи: ‚Почекај малку. Ајде да поразговараме‘. Можев да почувствувам дека се случило нешто многу лошо. Татко ми беше скршен. Никогаш не закрепнал целосно. Што е уште полошо, немаше кому да му се повери. Затоа ми се обрати мене. Замислете си го тоа: човек во своите 40-ти доаѓа кај својот 11-годишен син за да добие утеха и сочувство!“
Сеедно дали станува збор за скандалозните афери кои разнишале царства, политичари, филмски ѕвезди или религиозни водачи или, пак, за неверството и солзите во нашите сопствени семејства, брачното неверство и понатаму зема трагичен данок. „Прељубата“, наведува The New Encyclopædia Britannica, „изгледа дека е исто толку универзална и, во некои случаи, исто толку вообичаена како и бракот.“ Некои истражувачи проценуваат дека 50 до 75 проценти од луѓето некогаш извршиле неверство. Истражувачот на полето на бракот, Зелда Вест-Мидс, вели дека, иако многу од неверствата остануваат неоткриени, „сите докази укажуваат на тоа дека аферите се во пораст“.
Лавина од чувства
Иако се шокантни, статистичките податоци за неверствата и разводите не го покажуваат целосното влијание врз секојдневниот живот на луѓето. Покрај големите финансиски последици, размислете за силните чувства кои ги содржат тие статистики — потоците пролеани солзи и неизмерната збрканост, жал, тегобна грижа и мачна болка кои се доживеани, како и безбројните ноќи кои членовите на семејството ги минале во бессоно страдање. Жртвите може да го преживеат премрежето, но веројатно долго време ќе ги носат лузните. Болката и штетата не се поправаат лесно.
„Распадот на бракот обично создава огромна ерупција од емоции“, објаснува книгата How to Survive Divorce [Како да се преживее разводот], „ерупција која понекогаш се заканува да Ви го помрачи видикот. Што да правите? Како да реагирате? Како да го надминете сето тоа? Можеби се тетеравите меѓу сигурност и сомневање, меѓу гнев и вина или меѓу доверба и сомнеж.“
Тоа го искусил Педро откако дознал за неверството на својата сопруга. „Кога ќе дојде до неверство“, се доверува тој, „тогаш ве обзема поплава од конфузни емоции.“ Чувството на пораз е прилично тешко за да го разберат и самите жртви — а камоли оние од страна, кои малку ја сфаќаат ситуацијата. „Никој“, тврди Пат, „не сфаќа точно како се чувствувам. Кога ќе помислам дека мојот сопруг е со неа, чувствувам вистинска физичка болка, болка која е невозможно да се опише.“ Таа додава: „Има денови кога мислам дека ќе полудам. Еден ден чувствувам дека сѐ е под контрола; следниот ден не. Еден ден ми недостига; следниот ден се сеќавам на сите сплетки, лаги и понижувања“.
Гнев и вознемиреност
„Понекогаш“, признава една жртва на неверство, „чувството што те обзема е чист гнев.“ Тоа не е само лутина заради неправдата и повредата што се направени. Наместо тоа, како што објаснила една новинарка, тоа е „огорченост поради она што можело да биде, но било уништено“.
Вообичаени се и чувствата на ниска самопочит и чувствата на недостаточност. Педро се доверува: „Размислувате вака: ‚Зарем не сум доволно привлечен? Дали во некој поглед ми фали нешто?‘ Почнуваш подробно да се анализираш за да ја најдеш грешката“. Во својата книга To Love, Honour and Betray (Да се љуби, почитува и изневери), Зелда Вест-Мидс, од Британскиот национален совет за брачно советување, потврдува: „Една од најтешките работи со кои се справувате . . . е намалената самопочит“.
Вина и депресија
Веднаш по овие емоции обично доаѓа бран на вина. Една очајна сопруга вели: „Мислам дека жените многу страдаат од чувства на вина. Се обвинувате себеси и се прашувате: ‚Каде згрешив?‘“
Еден изневерен сопруг открива друг аспект на она што го нарекува „тобоган од емоции“. Тој објаснува: „Депресијата станува еден нов фактор кој настапува како невреме“. Кога сопругот ја напуштил, една сопруга се сеќава дека не поминувала ниту еден ден без солзи. „Јасно можам да се сетам на првиот ден без солзи неколку седмици откако ме напушти“, раскажува таа. „Тоа беше неколку месеци пред мојата прва седмица без солзи. Тие денови и седмици без солзи станаа пресвртници кои го одбележуваа мојот пат напред.“
Двојно предавство
Она што многумина не го сфаќаат е дека честопати прељубникот му задал горчлив двоен удар на својот сопружник. На кој начин? Пат ни го дава одговорот: „Ми беше тешко. Тој не ми беше само сопруг туку и пријател — мојот најдобар пријател — во текот на многу години“. Да, во повеќето случаи кога ќе се појават проблеми, сопругата му се обраќа на својот сопруг за поддршка. Но сега, не само што тој станал причина за трауматски проблеми туку истовремено престанал да биде и толку потребниот извор на помош. Со еден удар, тој ѝ нанел остра болка и ја лишил својата сопруга од нејзиното доверливо лице.
Како резултат на тоа, длабокото чувство на изневереност и уништената доверба се едни од најпоразителните чувства кои ги доживуваат недолжните брачни партнери. Еден брачен советник објаснува зошто брачното неверство може толку да осакати во емоционален поглед: „Во бракот вложуваме толку многу од себеси, од нашите надежи, сништа и очекувања . . . барајќи некој во кого можеме вистински да ја положиме нашата доверба, некој на кого чувствуваме дека можеме секогаш да се ослониме. Ако наеднаш се одземе таа доверба, тоа може да биде исто како куќа од карти што ја срушил ветрот“.
Како што е забележано во книгата How to Survive Divorce (Како да се преживее разводот), сосема е јасно дека на жртвите „им треба помош во средувањето на емоционалниот метеж . . . можеби им треба помош за да одлучат кои избори да ги направат и како да ги направат“. Но, за какви избори станува збор?
‚Дали е решение да се помириме?‘, можеби се прашувате. ‚Или, пак, да побарам развод?‘ Особено ако бракот бил напнат, можеби лесно ќе бидете ставени во искушение избрзано да заклучите дека разводот е решение за проблемите. ‚На крајот на краиштата‘, можеби резонирате, ‚Библијата допушта развод врз основа на неверство во бракот‘ (Матеј 19:9). Од друга страна, пак, можеби ќе резонирате дека Библијата не инсистира на развод. Затоа, можеби сметате дека ќе биде подобро да се помирите и повторно да го градите и да го зајакнете бракот.
Лична одлука е дали да се побара развод од неверниот брачен партнер или не. Сепак, како можете да знаете што да правите? Најнапред, Ве молиме испитајте некои од факторите кои можат да Ви помогнат да одредите дали е можно да постигнете помирување.
[Фуснота]
a Некои од имињата се променети.