Губење на екстремитет — како можете да го намалите ризикот
ПОВЕЌЕТО случаи на губење на екстремитет можат да се спречат! Тоа е случај дури и кај луѓето кои страдаат од периферно васкуларно заболување (ПВЗ). Како што беше спомнато во претходната статија, ПВЗ честопати е резултат на дијабетес.a За среќа, дијабетесот најчесто може да се контролира.
„Исхраната е темелот за лекување на дијабетичарот, без оглед на тоа дали му е препишан инсулин или не“, вели The Encyclopædia Britannica. Д-р Марсел Мајол, од Kings County Hospital во Њујорк Сити, изјавил за Разбудете се!: „Ако дијабетичарите сериозно ја сфатат својата болест, внимаваат на исхраната и се подложат на лекарски надзор, ќе го намалат ризикот од губење на долен екстремитет“. Дијабетичарите од типот II кои го следат овој совет, со текот на времето можеби ќе доживеат нивните симптоми да се подобрат.b
Важно е да се прават вежби
Важно е и да се прават вежби. Тие му помагаат на телото да го одржи нивото на гликоза, односно шеќер, во границите на нормалата. Кога ќе се појави ПВЗ, вежбањето помага да се одржи витална сила, флексибилност и доток на крв во оштетените подрачја. Исто така, вежбањето помага да се намали повременото накривнување — од болката што заболените од ПВЗ ја чувствуваат во мускулите на листовите кога чекорат или кога вежбаат. Меѓутоа, таквите треба да избегнуваат вежби кои ги оптоваруваат и ги тресат нивните нозе. Посоодветни вежби вклучуваат одење, возење велосипед, веслање, пливање и аеробик во вода. Секогаш треба да се консултирате со лекар пред да држите диета или пред да почнете некоја специјална програма на вежбање.
Се разбира, пушењето е строго забрането за секого кој сака да има добро здравје. ПВЗ е само еден од долгиот список медицински проблеми кои пушењето или ги предизвикува или ги влошува. „Пушењето е еден значаен фактор во ампутациите, особено кога пушачот има дијабетес и ПВЗ“, рекол д-р Бајол. Колку значаен фактор? Еден водич за рехабилитација на ампутирани лица вели дека „има 10 пати повеќе ампутации кај пушачите отколку кај непушачите“.
Нега на болните екстремитети
ПВЗ може да ја намали циркулацијата во долните екстремитети, што може да доведе до заболувањето наречено невропатија — изумирање, односно умртвување на нервите. Тогаш екстремитетите стануваат ранливи на повреди, дури и кога лицето едноставно одмора в кревет. На пример, поради тоа што не може да чувствува болка, заболениот би можел да добие сериозна изгореница ако се прегрее неговото електрично ќебе или електрично перниче! Од таа причина, произведувачите ги предупредуваат дијабетичарите да внимаваат кога ги користат овие производи.
Исто така, болните екстремитети се посклони на инфекции. Само од една мала гребнатинка може да се појават чиреви, па дури и гангрена. Затоа, негата на стапалата е неопходна, а тоа вклучува да се носат удобни, точни чевли и да се одржуваат нозете и стапалата чисти и суви. Многу болници имаат клиники за стапала кои ги едуцираат пациентите како да ги негуваат стапалата.
Кога ПВЗ ќе напредува до степен кога е потребна хируршка интервенција, хирурзите обично се обидуваат да избегнат ампутација. Една алтернативна постапка е балонската ангиопластика. Васкуларниот хирург става катетар со врв од балон. Балонот се дуе, а тоа ја оптегнува стеснетата артерија. Друго решение е бајпас операција — замена на сериозно заболените крвни садови со крвни садови земени од друг дел од телото.
Барбара, која има 54 години, боледува од дијабетес од типот I уште од четиригодишна возраст. По раѓањето на првото дете, добила ПВЗ на стапалата. Некои лекари ја советувале да ги ампутира. Меѓутоа, Барбара нашла некој угледен васкуларен хирург кој користел ангиопластика за да ја подобри циркулацијата на крв до нејзините стапала. Некое време ангиопластиката функционирала, но на крајот на Барбара ѝ требала бајпас операција, која била успешна. Сега Барбара внимателно ги негува своите стапала.
Избегнувајте физички повреди
Физичките повреди се втората водечка причина за губење на екстремитетите. Помалку пребирливи во својот избор на телесни органи, физичките повреди можат да резултираат во уништување на кој и да било телесен орган. Меѓутоа, божественото гледиште за животот може многу да придонесе за да се намали ризикот од физички повреди. Сеедно дали работат, возат или се рекреираат, христијаните треба да гледаат на своето тело како на дар од Бог. Затоа, тие се спремни да ги почитуваат сите барања за безбедност и да избегнуваат да преземат непотребен ризик (Римјаните 12:1; 2. Коринтјаните 7:1).
Што се прави за да се намали ризикот од физички повреди во земјите во кои се расфрлани мини? Во многу земји има програми финансирани од владата за зголемување на свесноста за присуство на мини. Според еден извештај на Генералниот секретар на Обединетите нации, овие програми го поучуваат „загрозеното население . . . како да ги минимизираат шансите да станат жртви додека живеат и работат во минирани подрачја“.
За жал, „луѓето се навикнуваат на присуството на мини и стануваат невнимателни“, вели еден извештај од Обединетите нации. „Понекогаш, религиозни фактори ги охрабруваат [луѓето] да прифатат фаталистичко гледиште кон таквите опасности.“ Меѓутоа, фаталистичкото гледиште не наоѓа поткрепа во Божјата реч. Напротив, Библијата охрабрува на претпазливост и безбедност (5. Мојсеева 22:8; Проповедник 10:9).
Затоа, со покажување претпазливост и преземање разумни чекори за да си го заштитите здравјето, можете многу да го намалите ризикот од губење на екстремитет. Но, што е со оние кои веќе изгубиле екстремитет? Дали тие сепак можат да се радуваат на квалитетен начин на живот?
[Фусноти]
a Васкуларните проблеми во долните екстремитети можат да бидат предизвикани или влошени ако едно лице носи тесна облека во долниот дел од телото, некомотни чевли или, пак, седи (особено со прекрстени нозе) или стои долго време.
b На луѓето со дијабетес од типот I им се препишуваат инјекции инсулин секој ден. Оние со дијабетес од типот II (дијабетес кој не зависи од инсулин) честопати можат да ја контролираат својата болест со исхрана и со вежби. Во Соединетите Држави, 95 проценти од дијабетичарите имаат дијабетес од типот II.
[Слика на страница 4]
Пушењето многу го зголемува ризикот од губење на екстремитет, особено кај оние со васкуларно заболување
[Слика на страница 5]
Соодветните вежби и добрата исхрана придонесуваат за здрав васкуларен систем