Губење на екстремитет — може ли да ви се случи и вам?
Бенјамин бил излезен надвор, уживајќи во пролетното сонце што го греело градот Сараево, кога наеднаш нагазил на копнена мина. Левата нога му била разнесена. „Се обидов да станам“, се сеќава Бенјамин. „Не можев.“ Бенјамин е само еден од 20.000-те луѓе кои секоја година се убиени или осакатени од копнени мини.
НИЗ Ангола има расфрлано дури 15 милиони копнени мини — повеќе од една на секој маж, жена и дете во таа земја. Сега во Ангола има 70.000 луѓе кои загубиле екстремитет. Со осум до десет милиони посеани копнени мини, Камбоџа има највисок процент во светот на лица кои изгубиле екстремитети — според проценката секое 236-то лице. Се вели дека во Босна и Херцеговина има повеќе од три милиони мини — 59 на квадратен километар.
Но, луѓето не губат екстремитети само во завојуваните земји. На пример, во Соединетите Држави има околу 400.000 лица кои изгубиле екстремитет. Кај повеќето возрасни од оваа бројка, губењето на екстремитет е резултат на едно хронично заболување кое општо се нарекува „периферно васкуларно заболување“, односно ПВЗ. Тоа е еден општ термин кој опфаќа неколку заболувања. Taber’s Cyclopedic Medical Dictionary ја дефинира ПВЗ како непрецизен термин кој опфаќа „болести на артериите и вените на екстремитетите, особено оние заболувања кои го спречуваат соодветниот доток на крв до или од екстремитетите“. Водечка причина за ПВЗ е дијабетесот. Според The World Health Report 1998, „случаите на дијабетес кај возрасните во целиот свет ќе се удвојат од 143 милиони во 1997 на 300 милиони во 2025“.
Во Соединетите Држави, физичките повреди — вклучувајќи несреќи со возила, машини, електрични направи и огнено оружје — се втората водечка причина за губење на екстремитет, која е одговорна за 20 до 30 проценти од сите ампутации. Други причини за губење на екстремитети вклучуваат тумори (околу 6 проценти) и вродени маани (околу 4 проценти).
Помислата за губење на скапоцен екстремитет, најблаго речено, е вознемирувачка. Постои ли начин да се намали тој ризик? А ако веќе сте изгубиле екстремитет, како можете да се радувате на квалитетен начин на живот? Следниве статии дискутираат за овие и за други прашања.