Битката на Платеа — една „мечка“ е поразена
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
НЕКОЛКУ безгласни храмски урнатини. Напуштени изгравирани камења и патеки посипани со чакал. Пуста рамнина помеѓу нерамните ридови на бреговите на реката Азопос, 50 километри северозападно од Атина (Грција).
Ништо не открива дека стоиме на истото место каде што се одиграл еден од последните чинови на Персиско-Грчкиот вооружен судир пред околу 2.500 години. Ова било сцена на најголемата копнена битка од Персиските војни — битката на Платеа.
Навестувања за конфронтација
Како едно добро напишано сценарио, библиското пророштво ги претскажало издигањето и падот на светските сили со векови однапред. Како што вели пророштвото, Медо-персиската светска сила, симболизирана со мечка и со овен, зграбила нови територии при она што главно претставувало движење за да се прошири кон запад (Дан. 7:5; 8:4). Но, во кампањата против Грција, персиските сили под цар Дариј I доживеале целосен пораз на Маратон во 490 пр. н. е. По четири години, Дариј умрел.
Пророштвото на Даниел понатаму зборува за ‚тројца цареви кои ќе се издигнат во Персија‘ и потоа за четвртиот персиски цар, кој „ќе ги крене сите против грчкото царство“. Очигледно тој цар бил Ксеркс, синот на Дариј (Даниил 11:2). Настојувајќи да се одмазди за персискиот пораз на Маратон, во 480 пр. н. е. Ксеркс испратил голема сила на грчкото копно. Но, после една скапа победа во Термопил, неговите сили на крајот доживеале тежок пораз на Саламис.a
Мардониј — колеблив борец?
Засрамениот Ксеркс побрзал во Лидија, оставајќи 300.000 свои војници под заповед на искусниот воин Мардониј, задолжен да ги контролира освоените грчки територии. Од својот зимски логор во Тесалија, Мардониј испратил пратеник во Атина со понуда до Атињаните за целосно простување, повторна изградба на запалените храмови, повторно враќање на територијата и рамноправен сојуз како самостоен слободен град. Меѓутоа, Атињаните ја одбиле понудата и се обратиле на Спарта за воена помош.
Отпадничките Грци кои му биле наклонети, го советувале Мардониј дека може да ги победи непокорните Грци ако ги поткупи нивните водачи. Но, Мардониј ја презирал употребата на такви тактики. Тој сѐ уште се обидувал да избегне директно соочување со Грците и повторно понудил да им допушти на Атињаните да се предадат по поволни услови. Сепак, тие останале цврсти во своето одбивање.
Последниот чин
Значи, конечната епизода на соочувањето помеѓу Персија и Грција се одиграла на Платеа, во август 479 пр. н. е. Таму, околу 40.000 грчки пешадијци — меѓу кои имало Атињани, Спартанци и сили од други грчки градови — под водството на генерал Посиниј од Спарта, се соочиле со 100.000 од силните трупи на Мардониј.
Три седмици главнините на двете војски, обете плашејќи се од директен судир, неодлучно влегле во престрелка од другата страна на реката Азопос. Според легендата, гатачите на двете војски им ветиле победа доколку останат да се бранат. Сепак, персиската коњаница постојано ги гонела Грците, заробувајќи една колона со неопходни намирници и труејќи ги бунарите од кои Грците зависеле за вода.
На Мардониј му изгледало како крајот на војната да претстои. Но, овој персиски заповедник ја потценил борбената способност на противникот. Генералот се залажувал со надежта во една брза и спектакуларна победа. Затоа, брзо ја префрлил својата војска на другата страна на реката и нападнал.
Персијците подигнале ѕид од плетени штитови и сместени зад него истуриле роеви од стрели врз противниците. Осумте илјади Атињани биле нападнати од отпадничките грчки сојузници на Персијците, додека повеќето од силите на Мардониј ги нападнале 11.500-те Спартанци. За да се одбранат од облакот од стрели, Спартанците се наведнале зад своите штитови. Но потоа, како фаланга, се впуштиле во дисциплиниран противнапад. Со своите подолги копја и поголема телесна опрема, тие брзо им се приближиле на Персијците.
Фатени во небрано, Персијците се повлекле. Во меѓувреме, Атињаните ги совладале грчките предавници. Војската на Мардониј — под заштита на коњаницата — брзо се вратила на другата страна на реката. Мардониј бил соборен од седлото и убиен. Персиската војска, без својот водач, се распаднала и се разбегала.
Во исто време, на Јонскиот брег на Микала, на другата страна на морето, грчката флота постигнала голема победа над персиската морнарица, која едвај успеала да го преживее поразот на Саламис претходната година. Здружените сили на моќната персиска војска задобиле решавачки удар.
Осакатена „мечка“
Воените сили на Персија никогаш повторно не се бореле на европска почва. Персиската војска била потполно уништена како воена машинерија. Потоа, според книгата A Soaring Spirit, „Ксеркс се повлекол во своите престолнини и во уживањата на својот харем. Одвреме навреме тој ќе се активирал за да ги продолжи градежните проекти на својот татко, додавајќи палати и монументални сали на персиската церемонијална престолнина, Персеполис. Но, тој не постигнал многу други значајни работи“.
Заштитен зад безбедноста на животот во царската палата, некогаш амбициозниот освојувач дозволил неговите интереси да се сведат на мал круг од политичко маневрирање и оговарање на дворот. Но, дури и таму бил разочаран. Во 475 пр. н. е. една политичка група завереници го убила во сопствениот кревет.
A Soaring Spirit коментира: „Во низата персиски цареви кои следеле — барем во очите на грчките писатели кои биле главен извор на информации за таа империја во овој период — никој не ја покажал ниту енергијата ниту брилијантноста на Кир или на Дариј. Под владеењето на синот на Ксеркс, Артаксеркс I, главен инструмент на персиската империјална политика станале парите, а не трупите. Тој ја користел монетата на царството за да се меша во работите на Грција, потплатувајќи го главниот [град држава] а потоа и другите за да направи проблеми . . . Монетите, златни дарици, имале слика на Дариј кој држи лак и футрола со стрели; Грците подбивно ги нарекувале ‚персиски стрелци‘“.
Заверата и убиството и понатаму го валкале со крв царскиот дом на персиската империја сѐ до нејзината конечна смрт. Таа империја почнала постојано да опаѓа, а персиската династија почнала да го губи својот стисок на моќ и способноста да владее.
И покрај напорите со последните сили да го зајакне поредокот, царскиот дом само што не паднал во времето кога Александар Велики — човекот чија империјалистичка визија и амбиции се совпаѓале со оние на Кир — почнал да навлегува на подрачјето на империјата во четвртиот век пр. н. е. Повторно, библиското пророштво ќе биде исполнето до последниот детал.
[Фуснота]
a За натамошни детали видете „Маратонската битка — понижување на една светска сила“ во српското издание на Разбудете се! од 8 август 1995, и „Тежок пораз за Ксеркс“, во изданието на Разбудете се! од 8 јули 1999.
[Рамка/слики на страница 26]
Медо-Персија и Грција — два века судири
539 пр. н. е. Медо-Персија станува четвртата светска сила. Таа зафаќа територија во три главни правци: север (Асирија), запад (Јонија) и југ (Египет) (Даниил 7:5; 8:1—4, 20)
500 пр. н. е. Грците во Јонија (Мала Азија) креваат бунт против персиските владетели
490 пр. н. е. Атињаните ги потиснуваат Персијците на Маратон
482 пр. н. е. Ксеркс ‚ги крева сите против Грција‘ (Даниил 11:2)
480 пр. н. е. Скапа победа на Персијците кај Термопил; Персијците се истерани на Саламис
479 пр. н. е. Атињаните и Спартанците постигнуваат победа над Персијците на Платеа
336 пр. н. е. Александар станува цар на Македонија
331 пр. н. е. Персиската војска е поразена од Александар Македонски кај Гогомела; Грција станува петта светска сила (Даниил 8:3—8, 20—22)
[Слики]
Персиски стрелец
Поворка на грчката коњаница
[Извори на слики]
Музејот Лувр, Париз
Фотографија направена со љубезна дозвола на Британскиот музеј
[Рамка на страница 26]
Конечниот исход од сите човечки борби за власт
„Во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44).
[Слика на страница 25]
Бојното поле Платеа, каде што била уништена персиската воена машинерија