Моето куче слуша за мене!
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО БРИТАНИЈА
„НЕ ЗНАМ што би правела без моето кученце!“, извикна Дороти, нежно гледајќи го малиот црнобел териер од вкрстена раса Џек Расел, кој задоволно лежеше под нејзината столица. „Ја имам Твинки само неколку месеци, но веќе ми вдахна нов полет за живот!“
Кога погледнав поблиску, видов дека Твинки носи тесна жолта запрега на телото, на која со масни црни букви пишуваше: „КУЧЕ ШТО СЛУША ЗА ГЛУВИТЕ“. ‚Колку необично животно!‘, се сеќавам дека си помислив. ‚Што може да направи тоа?‘
Се сретнавме случајно меѓу 44-те илјади кои минатиот јули присуствуваа на Меѓународниот конгрес „Божјиот пат на живот“ на Јеховините сведоци во Лондон (Англија). Седејќи близу до еден звучник, Дороти можеше да ја слуша програмата, па затоа, зошто ѝ беше потребно куче за глуви? Додека седевме и разговаравме за време на паузата за ручек, Дороти ми ја кажа својата приказна.
Улогата на Твинки
Дороти е со тешко оштетен слух како последица на ревматската грозница што ја добила кога имала три години. По смртта на нејзиниот сопруг, пред 23 години, таа живее сама но, објаснува Дороти, како што станувала постара ѝ требало нешто повеќе од друштво. „Глувите луѓе кои се на моја возраст, можат да се чувствуваат многу несигурни“, рече таа. „Имам 74 години и живеам во стан кој е обезбеден со надзорник, но кога чуварот ќе дојде кај мене, не можам да го чујам влезното ѕвоно. Мислејќи дека можеби не ми е добро, понекогаш ќе влезеше без да знам и тоа ме преплашуваше. Но, сега Твинки го слуша ѕвоното, доаѓа, ме тапка по ногата и ме носи до влезната врата. Исто така, кога Твинки ќе го чуе зуењето на тајмерот на рерната, дотрчува до мене и јас одам по неа. Во случај да има аларм за дим или за пожар, Твинки е тренирана да ми го привлече вниманието и потоа легнува за да укаже на потенцијалната опасност. Секогаш кога ќе ми помогне, ја наградувам со посебно изненадување — некое вкусно залче.“
Тренирање со вештина
Бев љубопитен. „Како го добивте кучето, и кој го истренира?“, прашав јас. Тоа беше прилика Дороти да ми каже нешто за кучињата што слушаат за глувите луѓе, добротворно дело чија цел е да им помогне на глувите во Британија да стекнат поголема независност и со тоа да го подобрат квалитетот на својот живот. Од 1982, стотици кучиња беа сместени кај глуви луѓе во Британија. Штом ќе биде целосно истренирано, кучето се преместува кај својот нов сопственик со усвојување, и тоа бесплатно.
Кучињата што се избрани обично се скитници кои честопати се земаат од центрите за спасување ширум земјата, иако некои се подарок од одгледувачи. Потребни се 12 месеци за да се истренира едно куче. Трошокот честопати го покрива некој спонзор, сеедно дали е компанија или група луѓе чии помали прилози се здружуваат. Дороти ми рече дека некој клуб за слабеење со љубезност ја спонзорирал Твинки.
Штом ќе биде избрано, секое потенцијално куче за глуви, на возраст од седум недели до три години, се тренира за да одговара на извесни звуци. Меѓутоа, на почетокот му се доделува на социјализатор — доброволец кој го зема кучето дома два до осум месеци, во зависност од возраста и искуството на кучето. Социјализирањето може да вклучува основно домашно дресирање, но главната цел е кучето да се запознае со јавните места и транспорт и да добие големо искуство со луѓе на сите возрасти, вклучувајќи деца и бебиња. Целта е кучето да се истренира да се однесува прифатливо под сите околности во кои би можело да се најде.
Освен тоа, дознав дека други организации користат кучиња за да им помогнат на оние кои имаат посебни потреби. Освен тоа што се истренирани да слушаат наредби, овие кучиња се изложени на посебни глетки и миризби. Еден птичар кој се грижи за една жена која е врзана за инвалидска количка, научил да ја крева телефонската слушалка, да ги собира писмата и да лепи марки на пратките! Едно друго куче одговара на 120 наредби, земајќи дури и конзерви и кутии од полиците во супермаркетите. Сопственикот, кој е инвалид, користи ласерски зраци за да ги покаже предметите што ги избрал, а потоа неговото куче му ги донесува.
Среќно партнерство
„Дали сите ја ценат вредноста на Твинки?“, прашав јас. „Еден дуќанџија не го пушти кучето да влезе“, одговори Дороти. „Мислам дека тоа беше затоа што имаше храна на излогот, но неговиот став навистина беше исклучок, бидејќи не сфати зошто ми е потребна Твинки.“
Сега сфаќам колку вреди во домот да има куче за глуви, но имам уште едно прашање. Од каква вредност е Твинки кога Дороти радосно се меша со толку многу сохристијани? „Можам добро да читам од усни и мојот апарат за слушање ми помага да разговарам“, објасни Дороти. „Кога луѓето ќе го видат жолтото палтенце на Твинки, веднаш знаат дека сум глува. Тогаш зборуваат директно со мене, обично колку што можат појасно. Така, јас не морам да ја објаснувам мојата инвалидност, а тоа многу ми го олеснува животот.“
Конгресните сесии требаше повторно да започнат, а Твинки требаше да се прошета пред да се смести за попладнето. Пред да си заминам, се наведнав за да ја погалам. Твинки ги отвори своите сјајни очи и потоа погледна во Дороти и замафта со опашката. Толку послушно, корисно пријателче — и нивниот меѓусебен однос беше потполн!
[Слика на страница 24]
Помошта на Твинки е непроценлива на конгресите