Што можеме да научиме од минатото?
„За историчарите нема ништо поважно од прикажувањето на причините и последиците“ (ЏЕРАЛД ШЛАБАК, ДОЦЕНТ ПО ИСТОРИЈА).
ИСТОРИЧАРИТЕ честопати прашуваат: ‚Како и зошто се случиле извесни настани?‘ На пример, историјата ни кажува дека Римското Царство пропаднало. Но, зошто пропаднало? Дали тоа се случило заради корупција или заради стремеж по уживања? Дали било премногу тешко да се управува со него и дали трошокот за неговите војски станал преголем? Дали непријателите на Рим едноставно станале премногу бројни и премногу силни?
Во поново време, комунизмот во Источна Европа, кој некогаш се сметаше за закана на Западот, се рушеше навидум прекуноќ од една во друга земја. Но, зошто? И какви лекции можат да се научат од ова? Историчарите се обидуваат да одговорат на ваквите прашања. Но, кога даваат одговори, до кој степен личните предрасуди влијаат врз нивното просудување?
Може ли да ѝ се верува на историјата?
Историчарите повеќе личат на детективи отколку на научници. Тие истражуваат, доведуваат во прашање и оспоруваат извештаи од минатото. Нишанат на вистината, но нивната мета честопати е замаглена. Дел од причината е тоа што нивната работа главно е поврзана со луѓе, а историчарите не можат да ги читаат мислите — особено не мислите на оние што се мртви. Исто така, историчарите може да имаат однапред создадени идеи и предрасуди. Затоа, понекогаш најдоброто дело всушност е само толкување — и тоа од лична гледна точка на писателот.
Се разбира, тоа што еден историчар има лично гледиште не мора да значи дека неговите дела не се точни. Библиските раскажувања во книгите Самоил, Цареви и Летописи вклучуваат паралелни извештаи што ги напишале пет луѓе, но сепак може да се види дека не содржат значителни противречности или неточности. Истото е случај и со четирите евангелија. Многу библиски писатели ги запишале дури и сопствените пропусти и глупави грешки — нешто што ретко може да се види во световните дела (Броеви 20:9—12; Второзаконие 32:48—52).
Освен можните предрасуди, друг важен фактор кој треба да се разгледа кога се чита некое дело за историјата е мотивот на писателот. „Секој историски настан што го раскажале оние што поседувале моќ, оние што се стремеле по моќ или, пак, нивните пријатели, мора да се разгледува со крајно сомневање“, вели Мајкл Станфорд во A Companion to the Study of History (Прирачник за изучување на историјата). Сомнителните мотиви се очигледни и кога во делата на историчарите се гледа подмолен, па дури и отворен апел на национализам и патриотизам. За жал, ова понекогаш се наоѓа и во школските учебници. Еден владин указ прилично отворено навел дека целта на изучувањето на историјата е „да се зајакнат националистичките и патриотските чувства во срцата на луѓето . . . затоа што познавањето на минатото на својот народ е едно од најважните поттици да се постапува патриотски“.
Прекроена историја
Понекогаш историјата не е само пристрасна туку е и прекроена. На пример, поранешниот Советски Сојуз „го избришал името Троцки од записите и исчезнал фактот дека овој комесар постоел“, вели книгата Truth in History (Вистината во историјата). Кој бил Троцки? Тој бил еден од водачите на руската болшевичка револуција и бил вториот човек по Ленин. По смртта на Ленин, Троцки дошол во судир со Сталин, бил истеран од Комунистичката партија и подоцна бил убиен. Неговото име било избришано дури и од советските енциклопедии. Слични искривувања на историјата, до степен на палење на нонконформистички книги, биле редовна пракса во многу диктаторски режими.
Меѓутоа, прекројувањето на историјата е древна практика, која датира барем од времето на Египет и Асирија. Горди и суетни, фараоните, царевите и императорите се погрижиле да остават ласкаво историско наследство. Затоа, станало рутина нивните успеси да се преувеличуваат, додека на сѐ она што би ги засрамило или обесчестило, како што бил поразот во некоја војна, му се намалувала вредноста, се бришело или понекогаш дури не се ни запишувало. Во остра спротивност со ова, историјата на Израел запишана во Библијата ги содржи и пропустите и славните моменти како на царевите така и на потчинетите.
На кој начин историчарите ја проверуваат точноста на постарите записи? Ги споредуваат со стари даночни регистри, законски кодекси, огласи за аукција на робови, службени и приватни писма и записи, натписи на глинени плочки, бродски дневници и предмети што се пронајдени во гробовите и гробниците. Оваа мешавина честопати фрла дополнителна или поинаква светлина врз службените записи. Онаму каде што остануваат празнини или постои несигурност, добрите историчари обично ќе го кажат тоа, иако можеби ќе понудат сопствени теории за да ги пополнат овие празнини. Како и да е, мудрите читатели консултираат повеќе од едно дело ако сакаат да добијат урамнотежено толкување.
И покрај сите предизвици со кои се соочува историчарот, неговото дело може да понуди многу. Една книга за историја објаснува: „Колку и да е тешко да се напише . . . светската историја е важна, па дури и неопходна за нас“. Освен тоа што ни отвора прозорец кон минатото, историјата може да го прошири нашето разбирање на сегашната човечка состојба. На пример, скоро веднаш откриваме дека и древните луѓе ги имале истите човечки особини што ги имаат и луѓето денес. Овие особини што се повторуваат извршиле големо влијание врз историјата и затоа можеби воделе до изреката дека историјата се повторува. Но, дали ова обопштување е основано?
Дали историјата се повторува?
Можеме ли точно да ја претскажеме иднината врз основа на минатото? Извесни видови настани навистина се повторуваат. На пример, поранешниот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер, рекол: „Секоја цивилизација што постоела, на крајот пропаднала“. Тој додал: „Историјата е приказна на безуспешни обиди, на неостварени стремежи . . . Затоа, како историчар, човек мора да живее со чувство на неизбежност на трагедијата“.
Не постојат две империи кои пропаднале на ист начин. Вавилон паднал преку ноќ од Медијците и Персијците во 539 пр.н.е. По смртта на Александар Велики, Грција се распаднала на повеќе царства, и на крајот отстапила пред Рим. Меѓутоа, падот на Рим останува контроверзен. Историчарот Џералд Шлабак прашува: „Кога паднал Рим? Дали навистина паднал? Нешто се променило во западна Европа меѓу 400 н.е. и 600 н.е. Но, многу работи останале исти“.a Јасно, некои аспекти од историјата се повторуваат, но други не се повторуваат.
Во историјата постојано се повторува лекцијата за неуспехот на човечкото владетелство. Во сите епохи, добрата влада постојано била осуетувана од себичноста, кратковидоста, алчноста, корупцијата, непотизмот и, особено, од страсната желба да се добие и задржи моќ. Значи, минатото е преполно со трки во вооружување, прекршени договори, војни, општествени немири и насилство, неправедна распределба на богатството и пропаднати економии.
На пример, забележи што вели The Columbia History of the World (Колумбиска историја на светот) во врска со влијанието на Западната цивилизација врз преостанатиот дел од светот: „Откако Колумбо и Кортес го разбудија народот на западна Европа во поглед на можностите, сосема се отвори неговиот апетит за преобратеници, профит и слава и речиси во целиот свет беше воведена Западната цивилизација, главно со сила. Опремени со непопустлив порив да се шират и со супериорно оружје, освојувачите го претворија преостанатиот дел од светот во безволен додаток на големите европски сили . . . Народите на овие континенти [Африка, Азија и Америките], накратко речено, беа жртви на безмилосна, непопустлива експлоатација“. Колку само се вистинити зборовите што се наоѓаат во Библијата во Проповедник 8:9: „Човек владее над човек за негова несреќа“!
Можеби овој жалосен извештај поттикнал еден германски филозоф да даде коментар дека единственото нешто што може да се научи од историјата е тоа дека луѓето не учат ништо од историјата. Во Еремија 10:23 пишува: „Патот на човекот не е во неговата власт . . . човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“. Оваа неспособност да ги управуваме своите чекори треба да нѐ загрижува особено денес. Зошто? Затоа што нѐ измачуваат проблеми кои се без преседан во поглед на бројноста и размерот. Тогаш, како да излеземе на крај со нив?
Проблеми без преседан
Во целата историја на човештвото, никогаш порано на целата Земја не ѝ се заканувале комбинираните сили на ископачување на шумите, ерозија на почвата, појава на пустини, масовно истребување на растителни и животински видови, намалување на озонот во атмосферата, загадување, глобално загревање, изумирање на океаните и експлозија во пораст на човечкото население.
„Друг предизвик со кој се соочуваат современите општества е брзината на самите промени“, вели книгата A Green History of the World (Зелена историја на светот). Ед Арз, уредник на списанието World Watch, пишува: „Соочени сме со нешто што е толку туѓо на нашето заедничко искуство што не го ни гледаме, дури и кога доказите се огромни. За нас, тоа ‚нешто‘ е налет на огромни биолошки и физички промени во светот што нѐ одржува во живот“.
Со оглед на овие и слични проблеми, историчарот Пардон И. Тилинхаст наведува: „Правците во кои се движи општеството станаа бескрајно посложени, а за многумина од нас овие дилеми се застрашувачки. Какво водство можат да им понудат професионалните историчари на збрканите луѓе денес? Изгледа дека не многу големо“.
Професионалните историчари можеби се збунети во поглед на тоа што да прават или што да советуваат, но тоа сигурно не е случај и со нашиот Творец. Всушност, во Библијата тој претскажал дека во последните денови светот ќе доживува „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1—5). Но, Бог отишол уште подалеку и направил нешто што историчарите се немоќни да го направат — покажал кој е излезот, како што ќе видиме во следната статија.
[Фуснота]
a Забележувањата на Шлабак се во склад со претскажувањето на пророкот Даниел дека по Римското Царство ќе настане израсток од самото него. Видете ги поглавја 4 и 9 од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Истакната мисла на страница 5]
„Секој историски настан што го раскажале оние што поседувале моќ . . . мора да се разгледува со крајно сомневање.“ — МАЈКЛ СТАНФОРД, ИСТОРИЧАР
[Слика на страница 4]
Императорот Нерон
[Извор на слика]
Musei Capitolini, Рим
[Слики на страница 7]
Во сите епохи „човек владее над човек за негова несреќа“
[Извори на слики]
„Освојувачите“ од Пјер Фрител. Опфатени се (од лево на десно): Рамзес II, Атила, Ханибал, Тамерлан, Јулиј Цезар (во средината), Наполеон I, Александар Велики, Навуходоносор и Карло Велики. Од книгата The Library of Historic Characters and Famous Events (Библиотека на историски личности и познати настани), том III, 1895; авиони: фотографија на USAF