Родителите ме напуштија но Бог ме сакаше
РАСКАЖАЛА БЕРНАДЕТ ФИН
Ме оставија во манастир, заедно со моите три постари сестри, кога уште немав наполнето четири години. Брајди (12), Филис (8) и Анамеј (7) се сеќаваат дека неколку седмици постојано плачев по моите родители. Зошто нѐ оставија таму?
РОДЕНА сум во едно големо католичко семејство на 28 мај 1936. Ние, децата, живеевме со нашите родители во една куќичка во Данкормик, грофовијата Вексфорд (Ирска). Јас бев осмото дете и спиев на еден голем кревет заедно со седум постари браќа и сестри. Братчето и сестричката што се родија нешто подоцна спиеја во фиоките на шифоњерот.
Нашиот татко беше трудољубив земјоделски работник. Тој заработуваше малку пари; затоа нашето семејство немаше доволно храна. Во ретки прилики мајка ми успеваше да им подготви нешто за јадење на постарите браќа и сестри за да си понесат на училиште. Врз нашата ситуација директно влијаеше општата сиромаштија што ја погоди цела Ирска и безмилосното владеење на тогашната католичка црква.
Нашето семејство редовно одеше в црква, но мајка ми не беше длабоко заинтересирана за духовните работи. Меѓутоа, моите сестри се сеќаваат дека ја гледале како чита религиозна литература додека седела пред каминот. Таа се обидуваше да ни објасни нешто од она што го читаше.
„Каде е мајка ми?“
Никогаш нема да го заборавам денот кога ме одведоа во манастирот. Моите родители стоеја во ходникот и сериозно разговараа со една калуѓерка, а јас почнав да си играм со другите девојчиња таму, блажено несвесна за разговорот. Одеднаш погледнав околу себе и ме фати ужас кога не можев да ги видам мајка ми и татко ми. „Каде е мајка ми?“, викав на сет глас. Како што спомнав во почетокот, тоа го правев неколку седмици.
Барем моите три постари сестри ми беа некаква утеха. Но, бидејќи беа на друг крај од манастирот, немав многу контакти со нив. Бидејќи навечер тие остануваа два часа подолго од нас помалите, останував будна сѐ додека не ги чуев како одат в кревет. Потоа, кришум извлекувајќи се од креветот, одев до последното скалило за моите сестри да ми мавнат со раката. Секој ден живеев за тој скапоцен момент.
Изгледа дека манастирот не охрабруваше на контакти со родителите, па затоа ретко се гледавме со нив. Тоа отуѓување го доживеав многу болно. Всушност, при единствената посета од моите родители на која се сеќавам, не им се приближив и тие не ми се приближија. Меѓутоа, моите постари сестри се сеќаваат на уште неколку посети.
Со текот на времето, го прифатив манастирот како мое семејство, мој дом, мој свет. Во текот на 12-те години колку што бев таму, само двапати се осмелив да излезам. Овие излети до блиските села беа многу возбудливи, бидејќи гледавме дрвја и животни. Инаку, ние девојките никогаш не гледавме автомобили, автобуси или продавници и, според тоа, ретко гледавме мажи, со исклучок на свештеникот.
Животот во манастирот
Животот во манастирот имаше многу лица — некои беа позитивни, голем број беа негативни. Една многу фина млада калуѓерка нѐ учеше за Бог како што знаеше и умееше. Ни рече дека Бог е татко полн со љубов. Тоа ми се допадна и одлучив од тој ден да гледам на Бог како на мој татко затоа што тој покажуваше поголема љубов и љубезност од мојот вистински татко. Оттогаш често му зборував на Бог со едноставни, детски молитви. Кога излезе од манастирот, таа калуѓерка многу ми недостигаше.
Добив добро основно образование, за кое сум благодарна. Сепак, се сеќавам на таканаречените „дневни девојки“, кои беа привилегирани кога ќе дојдеа на часови во манастирот. Тие беа од богати семејства и кога ќе дојдеа моравме да излеземе од училниците. Калуѓерките постојано нѐ потсетуваа дека ние сме обични сирачиња и дека треба да знаеме каде ни е местото.
Во манастирот имаше многу правила. Некои од нив беа логични и повеќето од нас можеа да сфатат зошто беа потребни. Имавме корисни лекции во поглед на однесувањето, манирите итн. Никогаш не ги заборавив и ми користеа цел живот. Но, некои правила беа безначајни и неправедни, додека други нѐ збунуваа и нѐ вознемируваа. Едно такво правило беше дека следува казна ако некој го намокри креветот ноќе; а друго, ако треба да одиш во тоалет ноќе.
Еден ден, додека се качував по скалите, почнав да зборувам со девојчето до мене. Една калуѓерка ме викна и ме казни затоа што зборував. Казната? Требаше да останам во мојата летна облека во текот на целата студена ирска зима! Јас бев болешливо девојче и често страдав од астма и воспаление на крајниците. Тешко се разболев и добив туберкулоза (ТБЦ), како што беше случај и со многу други девојчиња во манастирот. Иако нѐ ставија во посебна соба, не ни беше укажана медицинска нега и некои умреа, вклучувајќи ја и мојата најблиска другарка.
Некои од нас беа строго тепани заради најситни прекршувања на правилата. За време на еден јавен собир, гледавме како една калуѓерка тепа едно девојче подолго од два часа. Сите плачевме. Се разбира, мора да признаам дека не беа толку лоши сите калуѓерки. Сепак, до ден денес сѐ уште не можам да сфатам како може некој да биде толку суров кон незаштитените деца. Никогаш нема да го сфатам тоа.
Со текот на времето, Брајди и Филис излегоа од манастирот, оставајќи нѐ Анамеј и мене. Една на друга си значевме сѐ на светот. Анамеј ме тешеше со приказни за тоа како еден ден нашите родители ќе дојдат, ќе нѐ земат од манастирот и ќе нѐ одведат на некое место каде што калуѓерките никогаш нема да нѐ најдат. Кога Анамеј излезе од манастирот, бев речиси скршена од болка. Таму останав уште три години.
Учам да живеам надвор
Излегувањето од манастирот на возраст од 16 години беше страшно искуство за мене. Не знаев ништо за светот зад манастирските ѕидови и тој навистина ме збунуваше. Кога се качив на автобус, ми побараа билет, но јас немав поим што е тоа билет. Бидејќи и онака немав пари, веднаш ме истераа од автобусот и морав да одам пеш. Во друга прилика сакав да се качам на автобус, но не дојде ниеден автобус. Не знаев дека мора да се појде на автобуска постојка.
Меѓутоа, со малку храброст и блефирање, постепено сфатив што се очекува од мене. Успеав да добијам скромно вработување, но откако работев неколку месеци, одлучив да се вратам дома и да се видам со мајка ми. Таму првпат се сретнав со некои од моите помлади браќа и сестри — тогаш имав вкупно 14 браќа и сестри. Бидејќи немаше место за мене да останам, моите родители средија да се преселам во Велс и да живеам со сестра ми Анамеј. Татко ми дојде со мене дотаму, но веднаш си замина.
Практично, бев многу сиромашна, но успеав некако да преживеам. Подоцна, во 1953, се преселив во Лондон (Англија), каде што се придружив на Легијата на Марија, световна римокатоличка добротворна организација. Меѓутоа, многу се разочарав кога работев со нив, бидејќи очекував некаков духовен аспект од работата со такви луѓе. Сакав да разговарам за духовни работи, но мојата работа во Легијата на Марија беше световна и изгледаше дека никогаш нема време за духовни дискусии.
Додека живеев во Лондон, се запознав со Патрик, пријател на моите браќа. Се засакавме и се венчавме во 1961. Нашите први две деца, Анџела и Стивен, се родени во Лондон. Подоцна, во 1967 се преселивме во Австралија, каде што се роди нашето трето дете, Андреј. Се населивме во гратчето Бомбала во Нов Јужен Велс.
Конечно духовна храна
Кратко откако пристигнавме во Австралија, еден млад човек по име Бил Лојд дојде кај нас во Бомбала да разговараме за Библијата. Бев восхитена што моите прашања беа одговорени директно од Библијата. Но, иако го препознав звукот на вистината во она што го велеше Бил, многу се расправав со него за да го натерам да остане и да ми објасни нешто повеќе од Библијата. Подоцна, Бил ми донесе за читање Библија и некои списанија.
Многу ми се допаднаа списанијата, но се шокирав кога сфатив дека луѓето што ги издаваат не веруваат во тројство. Затоа ги скрив списанијата за да не се поткопа верата на Патрик ако ги прочита. Одлучив да ги вратам следниот пат кога ќе дојде Бил, но при неговата следна посета ми покажа дека доктрината за три личности што сочинуваат едно божество е во директен судир со библиските науки. Набргу ми стана јасно дека Исус е Божји Син, дека бил создаден од својот Татко, Јехова Бог — и според тоа, имал почеток — и дека Таткото е поголем од Исус (Матеј 16:16; Јован 14:28; Колошаните 1:15; Откровение 3:14).
Наскоро дознав дека се погрешни и други работи што ги имав научено како католик. На пример, Библијата не учи дека луѓето имаат бесмртна душа или дека постои огнен пекол каде што се мачат (Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4). Многу ми олесна кога го дознав тоа! Еден ден танцував низ кујната од неизмерна радост што, конечно, го пронајдов Таткото кого отсекогаш го сакав но никогаш не го запознав. Мојата духовна глад почна да се задоволува. На моја голема радост, и Патрик беше подеднакво воодушевен од овие новопронајдени верувања.
Бил нѐ покани на еден конгрес на Јеховините сведоци во Темора, едно друго гратче. Иако беше оддалечено многу километри, со радост ја прифативме поканата и пристигнавме во Темора еден петок, рано навечер. Во саботата наутро, во конгресната сала се собраа групи за да одат да проповедаат од куќа до куќа. Патрик и јас бевме возбудени заради таквата можност, бидејќи веќе извесно време сакавме да го правиме тоа. Меѓутоа, Бил рече дека нема да може да учествуваме во проповедничкото дело затоа што двајцата сѐ уште пушевме. Сепак, кога замина Бил, Патрик и јас се придруживме на друга група. Тие си мислеа дека сме Сведоци и затоа нѐ зедоа со нив.
Наскоро дознавме кои се библиските барања за да се квалификуваме да учествуваме во проповедањето на добрата вест (Матеј 24:14). Конечно се откажавме од пушењето, па заедно со Патрик го симболизиравме нашето предание на Јехова Бог со крштавање во вода во октомври 1968.
Испити на нашата вера
Како што стекнувавме сѐ поголемо спознание за Библијата и сѐ поблизок однос со Јехова, цврсто ја втемелувавме нашата вера на Божјите ветувања. По некое време, Патрик беше наименуван како старешина во едно собрание на Јеховините сведоци во Канбера, главниот град на Австралија. Дававме сѐ од себе да ги воспитаме децата во Јеховино умствено насочување, справувајќи се со сите вообичаени предизвици на подигањето тинејџери (Ефешаните 6:4).
За жал, кога имаше 18 години, нашиот син Стивен загина во сообраќајна несреќа. И покрај нашата жалост, тоа што Стивен стана обожавател на Јехова ни беше вистинска утеха. Копнееме повторно да го видиме кога Јехова ќе ги воскресне оние што се во спомен-гробовите (Јован 5:28, 29). Следната година, 1983, ѝ се придружив во полновремената служба на нашата ќерка, Анџела, и оттогаш сѐ уште ја извршувам таа служба. Споделувањето на нашата библиски темелена надеж со другите ми помага да задржам позитивен став кон животот и придонесува полесно да ја поднесам болката во моето срце. На моја неизмерна радост, неодамна дознав дека и сестра ми Анамеј почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци во Велс.
Во 1984, кај Патрик се јави една за тоа време мистериозна болест. Подоцна беше дијагностицирана како синдром на хроничен умор. На крајот мораше да се откаже од редовното световно вработување и престана да служи како христијански старешина. За среќа, донекаде се опорави и сега повторно служи како наименуван слуга во собранието.
Моето рано детство ме научи на дисциплина и самопожртвуваност и ме научи како да живеам едноставен живот и да бидам задоволна со малку работи. Но, отсекогаш се прашував зошто 4 од девојчињата, меѓу кои и јас, беа сместени во манастир, а другите 11 деца останаа дома. Се тешам со мислата дека моите родители, кои умреа пред многу години, направиле најдобро што можеле под околностите што веројатно никогаш нема да можам сосема да ги разберам. Тоа беа тешки времиња во кои требаше да се донесат тешки одлуки. И покрај тоа, благодарна сум им на моите родители што ми го подарија животот и што се грижеа за мене најдобро што можеа. Над сѐ, благодарна сум му на Јехова за неговата татковска грижа.
[Слика на страница 20]
Кога бевме младоженци
[Слика на страница 21]
Кога децата ни беа мали
[Слика на страница 21]
Со Патрик денес