Објавителите на Царството известуваат
Библиската вистина ослободува една калуѓерка во Боливија
МНОГУМИНА луѓе со искрено срце бегаат од лажната религија, ја запознаваат библиската вистина и доаѓаат да го обожаваат Јехова, вистинскиот Бог. Преку 7.600 сториле така во Боливија, вклучувајќи и една калуѓерка.
Кога имала само девет години, М. го имала првиот контакт со еден од Јеховините сведоци. Таа ја отворила вратата кога Сведокот ја посетил во нејзиниот дом, и за првпат слушнала како се изговара Божјето име, Јехова. Тоа со години останало во нејзините мисли.
Бидејќи била единственото девојче во семејството, решиле да ја дадат за калуѓерка. „Колку бев среќна што одев да му служам на Бог — најпосле тоа е она што си го замислував“, вели М. Но, нејзината радост се претворила во разочарување кога ја видела неправдата и пристрасноста кои се практикувале во манастирот. Таа вели: „Можеби никогаш нема да ги заборавам нападите на депресија и оние психички и духовни порази кои беа толку измачувачки, што ме тераа на Бог да гледам не како на Бог на љубов, туку како на Бог кој казнува без сожалување“.
Таа продолжува: „Од времето кога станав калуѓерка, безуспешно го барав името Јехова во Библијата. Најдов само ‚Јахве‘, и тоа ме збунуваше. Еден ден дури отидов да ги побарам оние луѓе кои зборуваа за Јехова, но никогаш не ги најдов.“
„Времето си минуваше, и еден ден кога бев на пат кон мојот семеен дом, видов натпис „Царска сала на Јеховини сведоци“. Сакав да им кажам дека тие се лажни пророци, но немаше никој во салата. Во неделата дојдов пак. Состанокот беше во тек и повеќемина изгледаа изненадени кога видоа дека е присутна калуѓерка во типична облека. По состанокот се обидов брзо да излезам. Меѓутоа, една од Сведоците ме поздрави, и јас ја прашав: „Зошто хулите на Светиот со тоа што го носите тоа име?“ Моето прашање доведе до библиски разговор и јас направив подготовки таа да ме посети во мојот семеен дом. Моите родители ја исфрлија. Меѓутоа, повторно се сретнавме по два месеци, и таа ме покани на библиска студија во својот дом. Бев импресионирана од податоците што ми ги покажа, докажувајќи ми дека христијаните треба да го употребуваат Божјето име. Тој доказ ми ја даде потребната сила да се одречам од сите безвредни работи за кои размислував како калуѓерка.“
„Се сеќавам на многу работи од мојот живот во манастирот. На пример, еднаш побарав повеќе храна. Затоа им напишав на родителите да ми испратат малку, не сфаќајќи дека писмата беа цензурирани во манастирот. На следниот оброк пред мене беше ставено многу леб и желе, и бев приморана да го изедам сето тоа. Но, тоа беше премногу храна. Им го споменав тоа на моите пријателки, и една ми предложи да го здробам лебот што не можам да го изедам и да го расеам по подот. Штом го сторив тоа една калуѓерка веднаш ме зграпчи и ме фрли на подот и сурово ми нареди да го излижам целиот под со јазикот. Просторијата беше голема. Додека ја извршував наредбата, слушав многу кикотење и смеење — немаше никаков знак на милост.“
„Сега можам да видам колку е прекрасно да се биде слободен од сето тоа. Како што можеше и да се очекува, ова ослободување бараше жртви. Како прво, татко ми ме исфрли од куќата. И покрај тоа, пред да го напуштам манастирот имав предност да им помогнам на други млади калуѓерки да ја запознаат вистината. Ме радува што можам да кажам дека некои од нас му ги предадовме своите животи на Јехова Бог!“
„Откако го напуштив манастирот, на татко ми му беше тешко да сфати зошто одбивав добро платени работни места, а кои одземаа многу време. Но, ми требаше повеќе време за Божјата служба. Сега служам како општ пионер и водам некомплициран и многу наградувачки живот. А на моја голема радост, мајка ми и постарите браќа ми се придружија во службата за Јехова.“
Навистина, библиската вистина ослободува од светскиот лажен религиозен систем, и донесува трајна радост и среќа (Јован 8:32).