Многуте задачи на мајките
4.50 Бебето Алекс, расплакано и поспано, ги подава рачињата кон Хелен, мајка си. Другите две деца — Пени (5) и Џоана (12) — и сопругот, Ник, спијат. Хелен го подига Алекс и го дои. Не може повторно да заспие.
5.45 Хелен оди на прсти во кујната, прави кафе и чита.
6.15—7.20 Ник станува. Хелен ги буди Пени и Џоана, прави појадок, работи нешто низ дома. Во 7.15 Ник заминува на работа и ја носи Џоана на училиште. Мајка ѝ на Хелен доаѓа за да го чува Алекс.
7.30 Хелен ја остава Пени во градинка. Секојдневното патување на работа ѝ дава време на Хелен да размислува за реалноста на мајчинството. „Тоа е најтешката работа што сум ја имала“, вели таа.
8.10 Хелен ја чека претрупано биро. Загрижена е дека, ако остане повторно бремена, ќе ја изгуби работата. На семејството му треба дополнителната плата.
10.43 Откако Хелен ја спушта телефонската слушалка — повик во врска со децата — колешката Ненси ја теши: „Толку добро се снаоѓаш со нив“. На Хелен ѝ потекуваат солзи низ образите.
12.05 Хелен набрзина зема сендвич и размислува за времето пред да се роди нејзината прва ќерка. Тогаш имала некои планови што сакала да ги оствари кога ќе има „слободно време“. ‚Смешно!‘ заклучува таа.
15.10 По неколку телефонски повици од дома во врска со белјите на Алекс, Хелен ја спомнува посебната врска што ја има со своите деца: „Не сум чувствувала таква љубов кон ниедна друга личност“. Длабочината на ваквите чувства ѝ помогнала да ги надмине почетните, неочекувани тешкотии.
17.10 Откако ја зема Џоана, Хелен патем завршува уште некои работи. Му се јавува на Ник и го потсетува дека тој е на ред да ја земе Пени.
18.00—19.30 Кога си доаѓа дома, Хелен ја ослободува баба од обврските кон Алекс, работи низ дома, подготвува вечера. Кога ја прашавме колкави се барањата на едно бебе, Хелен воздивна: „Бебето бара сѐ од својата мајка: нејзините раце, тело и млеко и ѝ го зема сонот од очите“.
20.30—22.00 Хелен ѝ помага на Џоана со домашното и го дои Алекс. Додека Ник ѝ чита на Пени половина час, Хелен повторно работи низ дома.
23.15 Откако си легнуваат Пени и Џоана, Алекс сѐ уште е буден во рацете на мајка си, но конечно заспива. „Мислам дека е готов за в кревет“, му вели Хелен на Ник, кој е веќе во полусон.