Гледиште на Библијата
Дали христијаните треба да очекуваат божествена заштита?
Библијата честопати се осврнува на Божјата способност да ги заштити своите обожаватели од лошо. Цар Давид рекол: „Избави ме, Господи, од злобен човек, заштити ме од човек насилник“ (Псалм 140:1). Денес, многу Божји обожаватели што се соочиле со насилство, криминал или природни катастрофи едвај избегнале смрт или повреда. Некои се прашувале дали Бог со чудо ги заштитил во тие прилики, особено затоа што има и други прилики кога богобојазливи луѓе не се спасиле туку доживеале големи трагедии, дури и насилна смрт.
ДАЛИ Јехова Бог штити некои луѓе од лошо, а други не? Треба ли да очекуваме денес да бидеме избавени со чудо од насилство и катастрофи?
Заштита со чудо во библиските извештаи
Библијата содржи бројни извештаи за тоа како Бог со чудо интервенирал во корист на своите обожаватели (Исаија 38:1—8; Дела 12:1—11; 16:25, 26). Писмото исто така раскажува дека во други прилики Јеховините слуги не биле избавени од неволја (1. Цареви 21:1—16; Дела 12:1, 2; Евреите 11:35—38). Според тоа, очигледно е дека, кога Јехова ќе избере да го направи тоа, тој може да одлучи да се погрижи за заштита бидејќи има некоја одредена причина или намера. Значи, кога поединечни христијани не се избавени од испитите, не треба да заклучат дека Бог ги напуштил. Мораме да ја прифатиме реалноста дека на луѓето ќе им се случуваат лоши работи, дури и кога станува збор за верните слуги на Јехова. Зошто е тоа случај?
Зошто им се случуваат лоши работи на верните Божји слуги
Една причина е тоа што сите сме наследиле грев и несовршенство од Адам и Ева. Затоа, нѐ очекува болка, страдање и смрт (Римјаните 5:12; 6:23). Друга причина е тоа што живееме во последните денови. Библијата опишува дека луѓето од нашево време ќе бидат „без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:1—5). Доказ за ова е раширеноста на насилството, киднапирањето, убиствата и други брутални злосторства.
Многу верни слуги на Бог живеат и работат меѓу насилни луѓе и понекогаш стануваат нивна мета. Можеби ќе се најдеме во ситуација кога животот ни е во опасност едноставно затоа што сме се нашле на погрешно место во погрешно време. Покрај тоа, ја доживуваме вистинитоста на она што го кажал Соломон кога изјавил дека „времето и непредвидениот настан им се случуваат на сите“ (Проповедник 9:11, NW).
Освен тоа, апостол Павле навел дека христијаните ќе бидат предмет на прогонство затоа што го обожаваат Бог. Тој рекол: „Всушност, сите оние кои сакаат да живеат со побожна оддаденост во поврзаност со Христос Исус, исто така ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Во последниве години ова беше случај во повеќе земји.
Затоа, богобојазливите луѓе не се исклучок од последиците на насилството, криминалот, природните катастрофи или ненадејната смрт. Сатана се обидел да го употреби аргументот дека Јехова поставува заштитен ѕид околу својот народ за да не му се случи ништо лошо во животот (Јов 1:9, 10). Тоа не е точно. Меѓутоа, ние можеме да бидеме сигурни дека дури и тогаш кога Јехова не нѐ избавува со чудо од некоја ситуација, тој сепак го штити својот народ.
Како Јехова го штити својот народ денес
Преку својата Реч, Јехова дава божествено водство што го штити неговиот народ. Духовноста и библиското спознание можат да ни дадат добро просудување и здрави мисли, а тоа може да ни помогне да избегнеме да направиме непотребни грешки и да донесуваме мудри одлуки (Псалм 38:4; Пословици 3:21; 22:3). На пример, следењето на библискиот совет за сексуалниот морал, алчноста, гневот и насилството ги поштедило христијаните од многу неволји. Исто така, со тоа што не се дружиме со лоши луѓе, помала е веројатноста да бидеме некаде каде што ќе се случи неволја — на погрешно место и во погрешно време (Псалм 26:4, 5; Пословици 4:14). Оние што живеат според библиските начела имаат многу подобар живот, од кој честопати произлегува подобро душевно и физичко здравје.
Најутешно е сознанието дека дури и ако Бог допушта да се случуваат лоши работи, ќе им ја даде на своите обожаватели потребната сила за да го поднесат тоа. Апостол Павле нѐ уверува: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13). Библијата исто така ветува ‚сила која ја надминува нормалната‘ што ќе ни помогне да ги поднесеме неволјите (2. Коринќаните 4:7).
Бог постапува според својата волја
Треба ли христијаните да очекуваат Бог да ги спаси со чудо во секој случај кога се заканува катастрофа? Библискиот извештај не поткрепува такво очекување.
Се разбира, Јехова Бог би можел да избере да интервенира директно во корист на секој свој слуга. А ако некој верува дека избегнал неволја со божествена интервенција, не треба да биде критикуван. Но, кога Јехова ќе избере да не интервенира, тоа никогаш не треба да се сфати како знак на негово незадоволство.
Да бидеме уверени дека, без оглед на тоа со каков испит или ситуација се соочуваме, Јехова ќе им обезбеди божествена заштита на своите верни слуги со тоа што ќе ја отстрани ситуацијата, ќе ни даде сила да истраеме или, пак, ако умреме, ќе нѐ воскресне за вечен живот во неговиот нов свет (Псалм 37:10, 11, 29; Јован 5:28, 29).