Божествена интервенција — што можеме да очекуваме?
ВО ОСМИОТ век пр.н.е., 39-годишниот цар на Јуда, Езекија, дознал дека има смртоносна болест. Скршен од веста, Езекија го преколнувал Бог во молитва да го излечи. Бог одговорил преку својот пророк: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи. Ќе те излечам . . . Ќе му додадам на твојот век петнаесет години“ (Исаија 38:1—5).
Зошто Бог интервенирал во таа прилика? Со векови пред тоа, Бог му ветил на праведниот цар Давид: „Твојата куќа и твоето царство ќе траат довека пред Мене, твојот престол ќе стои цврсто засекогаш“. Бог исто така открил дека Месијата ќе биде роден во лозата на Давид (2. Самоил 7:16; Псалм 89:20, 26—29; Исаија 11:1). Кога се разболел, Езекија сѐ уште немал син. Затоа, постоела опасност кралската лоза на Давид да биде прекината. Божествената интервенција во случајот на Езекија послужила со конкретна цел да се зачува семејната лоза која води до Месијата.
За да ги исполни своите ветувања, Јехова бил мотивиран да интервенира во корист на својот народ во повеќе прилики во претхристијанската ера. Во врска со избавувањето на Израел од ропството во Египет, Мојсеј изјавил: „Затоа дека Господ ве љуби и дека ја пази заклетвата со која им се заколна на вашите татковци. Затоа Господ ве изведе со силна рака“ (Второзаконие 7:8).
Во првиот век, божествената интервенција служела за унапредување на Божјите намери. На пример, на пат кон Дамаск, еден Евреин по име Савле добил чудесна визија за да го спречи да ги прогонува учениците на Христос. Преобраќањето на овој човек, кој станал апостол Павле, одиграло многу важна улога во ширењето на добрата вест меѓу нациите (Дела 9:1—16; Римјаните 11:13).
Интервенцијата — норма?
Дали божествената интервенција била правило или исклучок? Писмото јасно покажува дека во никој случај не била норма. Иако ги избавил тројцата млади Евреи од погубување во огнена печка и пророкот Даниел од лавовска јама, Бог не дејствувал за да спаси некои други пророци од смрт (2. Летописи 24:20, 21; Даниел 3:21—27; 6:16—22; Евреите 11:37). Петар бил на чудесен начин избавен од затворот во којшто го фрлил Ирод Агрипа I. Сепак, истиот тој цар дал да биде убиен апостол Јаков, а Бог не интервенирал за да го спречи тоа злодело (Дела 12:1—11). Иако им ја дал на апостолите моќта да ги лекуваат болните, па дури и да воскреснуваат мртви, Бог не се согласил да го отстрани ‚трнот од телото‘ што го измачувал апостол Павле, кој можеби бил физичка болка (2. Коринќаните 12:7—9; Дела 9:32—41; 1. Коринќаните 12:28).
Бог не интервенирал за да спречи еден бран прогонства извршен против учениците на Христос од страна на римскиот император Нерон. Христијаните биле мачени, живи спалувани и фрлани на диви животни. Меѓутоа, ова противење не ги изненадило раните христијани, и во никој случај не ја ослабнало нивната вера во постоењето на Бог. На крајот на краиштата, Исус ги предупредил своите ученици дека ќе бидат изведувани пред судови и дека треба да бидат спремни да страдаат, па дури и да умрат за својата вера (Матеј 10:17—22).
Како во минатото така и денес Бог секако е способен да ги избави своите слуги од опасни ситуации, и не треба да ги критикуваме оние што мислат дека извлекле корист од неговата заштита. Меѓутоа, тешко е со сигурност да се каже дали Бог интервенирал или не во таквите случаи. Неколку верни слуги на Јехова биле повредени во една експлозија во Тулуз, а илјадници верни христијани умреле во нацистичките и комунистичките логори или под други трагични околности без Бог да се вмеша да го спречи тоа. Зошто Бог не интервенира систематски во корист на сите оние што го имаат неговото одобрување? (Даниел 3:17, 18).
„Времето и непредвидените настани“
Кога ќе се случи некоја несреќа, секој може да биде погоден, а решавачки фактор за тоа не е дали некој е верен на Бог или не. За време на експлозијата во Тулуз, од која се спасиле Ален и Лилиен, 30 души умреле а стотици биле повредени, иако не по нивна вина. Гледано во поголеми размери, десетици илјади луѓе се жртви на криминал, невнимателно возење или војни, но не можеме да го сметаме Бог одговорен за нивната несреќа. Библијата нѐ потсетува дека „времето и непредвидените настани го снаоѓаат“ секого (Проповедник 9:11, NW).
Згора на тоа, луѓето се подложни на болест, старост и смрт. Дури и некои што мислеле дека Бог им го спасил животот на чудесен начин или му го припишуваат нивното оздравување од некоја болест, на крајот мораат да се соочат со смртта. Отстранувањето на болеста и смртта и ‚бришењето на секоја солза‘ од очите на луѓето допрва треба да дојдат (Откровение 21:1—4).
За да се случи тоа, потребно е нешто далеку поопсежно и подрастично отколку некоја повремена интервенција. Библијата зборува за еден настан наречен „големиот ден на Јехова“ (Софонија 1:14, NW). За време на оваа интервенција од големи размери, Бог ќе го отстрани сето зло. На човештвото ќе му биде дадена можност да живее засекогаш во совршени услови, во кои ‚поранешните [работи] веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе доаѓаат на ум‘ (Исаија 65:17). Дури и мртвите ќе бидат вратени во живот, ставајќи ѝ со тоа крај на најголемата од сите човечки трагедии (Јован 5:28, 29). Со неговата бескрајна љубов и доброта, Бог тогаш ќе ги реши проблемите на човештвото еднаш засекогаш.
Како Бог интервенира денес
Меѓутоа, ова не значи дека Бог во меѓувреме само рамнодушно набљудува додека неговите созданија се во агонија. Денес, на сите луѓе, без разлика на нивното етничко или општествено потекло, Бог им дава прилика да го запознаат и да развијат личен однос со него (1. Тимотеј 2:3, 4). Исус го опишал овој процес со следниве зборови: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати“ (Јован 6:44). Бог ги привлекува кон себе луѓето со искрени срца преку пораката за Царството што неговите слуги ја објавуваат низ целата земја.
Освен тоа, Бог презема директна акција во животот на оние што се спремни да бидат водени од него. Преку својот свет дух, Бог ‚им ги отвора срцата‘ за да ја сфатат неговата волја и да го применат она што тој го бара (Дела 16:14). Да, со тоа што ни дава прилика да го запознаеме него, неговата Реч и неговите намери, Бог дава доказ дека со љубов е заинтересиран за секој од нас (Јован 17:3).
На крај, Бог им помага на своите слуги денес, не со тоа што ги избавува на чудесен начин туку со тоа што им го дава својот свет дух и „силата која ја надминува нормалната“ за да се справат со која и да било ситуација со која можеби ќе се соочат (2. Коринќаните 4:7). Апостол Павле напишал: „За сѐ имам сила со помош на оној [Јехова] кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13).
Според тоа, ја имаме секоја причина да му бидеме благодарни на Бог секој ден за животот и за надежта што ни ја дава да живееме вечно во еден свет во кој ќе нема никакво страдање. „Што да Му вратам на Господа, за сѐ што стори за мене?“, прашал псалмистот. „Ќе ја земам чашата на спасението и ќе Го повикам Господовото Име“ (Псалм 116:12, 13). Тоа што редовно ќе го читаш ова списание ќе ти помогне да сфатиш што направил Бог, што прави и што допрва ќе направи што може да ти донесе среќа сега и цврста надеж за иднината (1. Тимотеј 4:8).
[Истакната мисла на страница 6]
„Поранешните [работи] веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум“ (Исаија 65:17)
[Слики на страница 5]
Во библиски времиња, Јехова не го спречил каменувањето на Захарија . . .
ниту масакрот на невините од страна на Ирод
[Слика на страница 7]
Близу е времето кога повеќе нема да има страдање; дури и мртвите повторно ќе живеат