Најдобар начин да ги задоволите своите духовни потреби
ЗОШТО НА ЛУЃЕТО им треба религија? Некои ќе речат дека луѓето се свртуваат кон духовни работи за да најдат сигурност во еден несигурен свет. Но, тоа не е единствената причина. Една статија во списанието American Sociological Review забележала: „Потребата од сигурност не е единственото нешто што привлекува кон религијата. Луѓето отсекогаш барале одговор на прашањата како што се: ‚Од каде доаѓаме? Каде одиме? Зошто сме овде‘?“
Несомнено ќе се согласите дека овие прашања се многу важни. Според тоа, зарем не бараат веродостојни одговори? Таквите прашања се премногу важни, премногу значајни за да се одговорат на тој начин што едноставно ќе се изберат религиозни верувања од различни традиции затоа што ни се допаѓаат нам лично. За да најдеме цврсти, веродостојни одговори на подлабоките животни прашања, сигурно ни е потребен подобар метод.
Постои ли нешто подобро? Ферар Фентон, преведувач на Библијата, кажал нешто значајно за оваа книга. Тој ја нарекол „единствен клуч што на човекот му ја открива Мистеријата за универзумот и Мистеријата за самиот него“. Да, Библијата дава одговор на прашања во врска со минатото, сегашноста и иднината. Ни кажува од каде сме, која е смислата на животот, како можеме да најдеме среќа и што ни носи иднината. Ниедна друга книга во историјата не извршила толкаво влијание како Библијата; ниту, пак, некоја друга книга преживеала толку жестоки напади. Но, зошто толку многу луѓе ја занемаруваат оваа уникатна книга во својата потрага по одговор на животните прашања?
Многу луѓе не застанале да размислат за длабоките разлики помеѓу Библијата и црквите што им се познати. Виделе како таканаречените христијани се убиваат едни со други во името на Бог. Како што забележал The Guardian, многумина се жалат дека „свештениците денес се позаинтересирани да собираат пари отколку да прават пасторски посети“. Можеби мислат дека Библијата го одобрува или преминува преку таквото однесување. Вистината е дека Библијата им заповеда на христијаните ‚да се сакаат еден со друг‘, а на оние што ја проповедаат речта им кажува: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Јован 13:34; Матеј 10:8). Според тоа, чесно ли е да се просуди Библијата според делата на луѓето што тврдат дека ја почитуваат, но не ја следат?
Многумина веруваат дека Библијата не е научна, дека си противречи и дека е старомодна. Но, едно темелно истражување го покажува спротивното. Навистина, Библијата не е научен учебник. Сепак, кога спомнува теми поврзани со науката — како што е редоследот по кој се појавиле живите суштества на Земјата, обликот на Земјата или исправното лекување на заразни болести — Библијата не кажува ништо неточно. Напротив, содржи изјави што се со векови пред своето време. И, иако Библијата е составена од 66 книги напишани во период од повеќе од 1.600 години, сите тие се во меѓусебен склад. Освен тоа, Библијата покажува извонреден увид во човечката природа и тоа ја прави уште посовремена.
Оваа извонредна книга кажува нешто многу битно за обожавањето на Бог. Таа вели дека таквото обожавање мора да се извршува не на човечки туку на Божји начин (Јован 5:30; Јаков 4:13—15; 2. Петрово 1:21). Но, малку луѓе навистина се држат за тој принцип. Уште од најрани времиња луѓето си создавале религии што им одговарале на нивните сопствени цели. Ова е случај кога луѓето си резбаат свои богови од парчиња дрво и ги обожаваат. Тоа е случај кога верските институции поучуваат доктрини што ги измислиле самите. И зарем тоа не е случај со оние што си кројат лична религија што ќе одговара на нивните лични склоности?
Разгледајте една алтернатива. Зошто не направите како што направил еден главен судија на Врховниот суд на Соединетите Држави? Исто како што ги решавал случаите на суд, тој непристрасно ги испитал доказите за и против вистинитоста на Библијата. Со каков резултат? Тој рекол: „Дојдов до заклучок дека Библијата е натприродна книга, дека таа е од Бог“.
Како можете да направите слично истражување и Вие? Како предлог, би можеле да се обидете со систематско проучување на Библијата, испитувајќи ги нејзините одговори на прашањата поставени во почетокот на оваа статија. Има околу шест милиони Јеховини сведоци во 235 земји кои направиле такво проучување. Тие доброволно го користат своето време за да им го пренесат и на другите она што го научиле. Курсот на домашна библиска студија што бесплатно го нудат тие им помогнал на милиони да пронајдат вера што е повеќе од моден тренд или работа на личен вкус. Вистинското, чисто христијанство што е изнесено во Библијата не е само уште една од многуте религии. Тоа ја претставува вистината за Бог и за неговите намери. Тогаш, зошто да се задоволите со нешто помалку од тоа? (Јован 17:17).
[Слики на страница 10]
Најдобар начин да ги задоволите своите духовни потреби е да научите за Бог од Библијата и да се поврзете со вистинските обожаватели