Младите прашуваат . . .
Како да се сложувам со мојот цимер?
„Јас сакав кујната да биде чиста. Но, на моите цимерки не им сметаше ако имаше останато чинии или ако оставиле нешто на шпоретот. Едноставно не им беше важно“ (Лин).a
ЦИМЕРИ. „Тие можат да бидат најдобри пријатели или најголеми непријатели“, тврди писателот Кевин Сколери. Можеби ти лично не го чувствуваш тоа толку силно, но неоспорно е дека живеењето со некого може да претставува вистински предизвик.b Несогласувањата меѓу цимерите се толку вообичаени меѓу студентите што, според U.S.News & World Report, многу училишта вложуваат „големи напори“ да им помогнат на цимерите да се сложуваат, вклучувајќи и „програми за посредување во конфликтите“ и семинари.
Да се дели станот со некого може да биде тешко дури и за младите христијани што излегле од дома за да го вршат полновременото дело на евангелизирање. Добра вест е тоа што, применувајќи ги библиските начела и покажувајќи „практична мудрост“, споровите честопати можат да се решат (Пословици 2:7, NW).
Запознајте се
Штом помине возбудата од преселбата, можеби ќе почнеш да копнееш по тоа како ти било дома (Броеви 11:4, 5). Меѓутоа, ако размислуваш за минатото, само ќе ти биде потешко да се приспособиш. Во Проповедник 7:10 ни е даден овој совет: „Не прашувај зошто некогашните времиња биле подобри од овие, зашто тоа не е мудро прашање“. Да, искористи ја својата ситуација најдобро што можеш.
Почни со тоа што ќе вложуваш напори да го запознаеш цимерот. Точно, не е неопходно цимерите да бидат и најблиски пријатели. Всушност, тој или таа можеби не се некој кон кого си посебно привлечен. Сепак, ако мораш да живееш со таа личност, зарем не е разумно да имаш колку што е можно попријателски однос?
Во Филипјаните 2:4 ни се кажува да гледаме „со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите“. Без да се впушташ во нешто што звучи како сослушување, би можел ли да се распрашаш за заднината на семејството на својот цимер, за неговите или нејзините интереси, цели и склоности? Кажи нешто и за себе. Колку повеќе работи дознаете еден за друг, толку повеќе ќе почнете да се разбирате.
Одвреме навреме правете конкретни планови да правите нешто заедно. Ли вели: „Понекогаш со моите цимерки излегуваме да јадеме, или можеби заедно да посетиме некои уметнички галерии“. За христијанските цимери, учеството во духовни активности, како што е подготовката за собраниските состаноци или учеството во делото на евангелизирање, е уште поефикасен начин да ги зајакнат врските на пријателството.
Дејвид вели: „Кога мојот цимер одржа јавно предавање, отидов во неговото собрание за да го поддржам“. Иако тој и неговиот цимер имаат различни вкусови кога станува збор за работи како што се спортот и музиката, нивната љубов кон духовните работи создала една врска. „Водиме многу духовни разговори“, вели Дејвид. „Всушност, можеме да зборуваме со часови на духовни теми.“
Едно предупредување: Немој толку многу да се зближиш со цимерот што ќе пропуштиш да развиваш и други здрави врски. Ако твојот цимер смета дека треба да те викне секогаш кога оди некаде, може да почне да се чувствува задушен. Советот во Библијата е ‚да се рашириш‘ во твоите пријателства (2. Коринќаните 6:13).
Да се живее според Златното правило
Се разбира, додека се запознавате, ќе станувате свесни и за вашите разлики во навиките, вкусовите и гледиштата. Младиот Марк предупредува: „Треба да очекуваш несовршености“. Нефлексибилноста и себичноста создаваат стрес и напнатост. Истото е случај и ако очекуваш твојот цимер да прави големи промени за да ти угоди.
Фернандо го научил следново во врска со цимерството: „Треба да бидеш несебичен и неегоистичен“. Неговата забелешка е во склад со познатото Златно правило, кое гласи: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12). На пример, Фернандо наскоро открил дека тој и неговиот цимер не се сложуваат во поглед на температурата во собата; тој сакал топло, но неговиот цимер повеќе сакал да спие на ниска температура. Решението? Фернандо вели: „Си зедов ќебе“. Да, како што вели Марк, „биди флексибилен. Не мораш да се откажеш од сѐ на што си навикнат, но можеби ќе треба да се откажеш од една или две работи“.
Еве уште едно подрачје на кое можеш да го примениш Златното правило: Научи да бидеш толерантен за вкусовите на твојот цимер. Велиш дека не ти се допаѓа неговата музика? Па, многу веројатно и тој го мисли истото за твојата музика. Затоа, ако музичките вкусови на твојот цимер не се морално деградирачки, би можел да се обидеш да покажеш толеранција. Фернандо вели: „Повеќе би сакал мојот цимер да имаше поинаков вкус за музика. Но, се навикнувам на тоа“. Од друга страна, пак, некој може да ужива во својата музика со слушалки за да не му пречи на цимерот, кој можеби проучува.
Применувањето на Златното правило може да спречи и непотребни караници за личните материјални работи. На пример, ако имаш навика да се послужуваш со сѐ што е во фрижидерот — но ретко го надоместуваш тоа — може да се појави огорченост. Во исто време, нема да унапредиш добри односи ниту ако се лутиш или ако погледнеш ладно кога твојот цимер се послужува со нешто што си го купил ти. Библијата нѐ охрабрува да ‚бидеме дарежливи, спремни да делиме‘ (1. Тимотеј 6:18). Ако чувствуваш дека другиот те искористува, не се повлекувај во молчење. Смирено и љубезно кажи ја својата замерка.
Имај почит кон личните работи на другиот. Дрско е да земеш назаем нешто без прашање (Пословици 11:2, NW). Исто така, биди обѕирен за потребата за приватност на твојот цимер. Биди учтив во едноставни работи како, на пример, да тропнеш пред да влезеш во неговата или во нејзината соба. Кога покажуваш почит, твојот цимер веројатно ќе возврати на ист начин. „Нема проблем кога некој од нас проучува дома“, вели Дејвид. „Двајцата потполно го почитуваме тоа и ќе бидеме тивки. Но, понекогаш јас одам да проучувам во библиотека доколку мојот цимер сака да прави нешто друго.“
Применувањето на Златното правило исто така вклучува да бидеш одговорен кога станува збор за работи како што е навреме да го платиш твојот дел од киријата или да го направиш твојот дел во домашните задачи.
Излегување на крај со расправиите
Во библиски времиња, помеѓу двајца почитувани христијански мажи по име Павле и Варнава дошло до „жесток излив на гнев“ (Дела 15:39). Што ако се случи нешто слично помеѓу вас двајцата? Можеби постои судир на карактери или, пак, некоја лична навика што те нервира ја става на испит твојата стрпливост. Дали едно несогласување или вжештена дискусија неопходно значи дека треба да престанете да живеете заедно? Не секогаш. Павле и Варнава очигледно успеале да ги средат своите несогласувања. Можеби можеш да го сториш истото пред да преземеш некој драстичен чекор како, на пример, да се иселиш. Еве некои библиски начела што можат да помогнат.
● ,Не правете ништо од кавгаџиство ниту од егоизам, туку со понизност на умот сметајте ги другите за подобри од себе‘ (Филипјаните 2:3).
● „Нека се отстрани од вас сета злобна горчина и лутина и гнев и викање и навредлив говор заедно со сета лошотија. Наместо тоа, бидете љубезни еден спрема друг, нежно сочувствителни, спремно простувајќи си еден на друг токму како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Ефешаните 4:31, 32).
● „Ако, значи, го носиш својот дар на олтарот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред олтарот и оди си; прво помири се со брат ти, а потоа, кога ќе се вратиш, принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24; Ефешаните 4:26).
Користите
Многу млади (и не толку млади) христијани што имаат цимер, од прва рака ја научиле вистинитоста на зборовите на мудриот цар Соломон: „Подобро им е на двајцата отколку на еден“ (Проповедник 4:9). Навистина, мнозина утврдиле дека им користело искуството што го стекнале живеејќи заедно со некого. „Научив подобро да се однесувам со луѓето и да се приспособувам“, вели Марк. Рене додава: „Учиш многу за себе. Истовремено, цимерите можат да си влијаат позитивно“. Лин признава: „Бев многу разгалена кога се преселив кај моите цимерки. Но, научив да не бидам толку крута. Сега сфаќам дека, само затоа што некој ги прави работите поинаку од мене, не значи дека не е во право“.
Навистина, сложувањето со цимерот бара напор и жртви. Но, ако работиш напорно на примената на библиските начела, можеш да сториш повеќе отколку само да живеете во мир; можеби дури и ќе утврдиш дека е уживање да имаш цимер.
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Види ја статијата „Зошто ми е толку тешко да живеам со мојот цимер?“, што излезе во нашето издание од 8 август 2002.
[Слика на страница 16]
Може да се појави напнатост ако се послужуваш со работи што не се твои
[Слика на страница 17]
Покажувајте обѕир еден кон друг