Набљудување на светот
Часовите по музика и меморијата
Едно поново истражување открива дека „децата што добиваат музичко образование имаат многу подобра меморија и речник од децата што немаат такво образование“, се известува во канадскиот весник Globe and Mail. Според д-р Агнес Чан од кинескиот универзитет во Хонг Конг, музичкото образование ја стимулира активноста на левата хемисфера на мозокот, при што се подобрува неговата целокупна функција и му се овозможува подобро да извршува и други задачи — како што е учењето и употребата на зборови. Биле направени тестови на вербалната и визуелната меморија врз 90 ученици на возраст од 6 до 15 години. Оние што имале музичко образование имале значително поголем фонд на зборови од другите ученици. Колку подолго траело нивното музичко образование, толку подобро се изразувале“. „За мозокот тоа е нешто како тренинг во повеќе дисциплини“, рекла Чан. Таа смета дека на оние што стекнуваат музичко образование „веројатно ќе им биде полесно да учат на училиште“.
Низок притисок во гумите
„Секоја 17-та фатална сообраќајна несреќа на автопатиштата е директно поврзана со состојбата на гумите“, наведува еден извештај во француското спсание Valeurs actuelles. Испитувањата што ги направи компанијата Мишелин, која се занимава со призводство на гуми, покажаа дека „во 2002, две третини од возилата имале барем една гума што постојано имала низок притисок“. Според Пјер Менендес, директор на техничките комуникации за Мишелин, „возачите грешат кога мислат дека гумите ќе пукнат ако притисокот е премногу висок и дека тоа е поопасно отколку пренискиот притисок. Но, точно е токму спротивното“. Кога притисокот на гумите ќе падне многу под нормалниот, побавно се кочи, во кривина гумите не се прилепуваат толку добро за патот и, како што забележува истиот извештај, „при нагло свртување на воланот може да се изгуби контрола над возилото“. Освен тоа, кога се намалува притисокот, гумата го менува обликот. Тогаш се загрева, па затоа може ненадејно да откаже.
„Парно греење“ во кошниците
За да ги преживеат студените зими, пчелите создаваат топлина „треперејќи со градните мускули“, известува Frankfurter Allgemeine Zeitung. Но, температурата во кошницата не е насекаде иста. Просечната телесна температура на пчелите во центарот на кошницата изнесува 30 степени Целзиусови, а на краевите се намалува до 12 степени, па дури и помалку. Научниците на универзитетот во Грац (Австрија) откриле дека пчелите во центарот на кошницата треперат многу повеќе од пчелите што се наоѓаат во близина на ѕидовите. На овој начин надвор излегува помалку топлина и затоа се намалуваат нивните потреби за храна во текот на зимата. Останува прашањето: Како можат пчелите што се во топлиот, удобен центар на кошницата да знаат дека мораат да создадат повеќе топлина од пчелите што се поблизу до краевите?
Безвредна храна им се рекламира на децата
Сѐ поголем број нутриционисти ги обвинуваат компаниите за брза храна дека водат „секавична и интензивна војна што ги расипува навиките на исхрана на децата и тие почнуваат да се дебелеат“, стои во една статија објавена во токискиот весник IHT Asahi Shimbun. „Телевизијата и понатаму е најсилниот медиум што се користи за да им се продава на децата“, вели тој извештај. Но, освен неа, прехрамбените компании „наоѓаат секаков можен начин да им го презентираат на децата своето име“. Филмови, игри, Интернет сајтови, учебници по математика и најразлични кукли и играчки содржат реклами на прехрамбени компании. Зошто да им се рекламира на децата? „Тие се најголемиот пазар што постои“, наведува професорот по маркетинг Џејмс Мекнил од универзитетот Тексас A&M. Меѓутоа, професорот Волтер Вилет од Школата за здравствена заштита при Универзитетот Харвард вели: „Поголемиот дел од она што го продаваат е безвредна храна. Колку често гледате реклами на овошје и зеленчук?“
Колку се безбедни шишињата за вода
Едно истражување на Универзитетот во Калгари (Канада) откри „алармантно високи нивоа на бактерии во шишињата за вода што не биле измиени пред да се користат повторно“, известува списанието Better Homes & Gardens. Според ова истражување, повеќе од 13 проценти од шишињата што ги користеле учениците од основно училиште содржеле повеќе бактерии од дозволеното ниво. Во тие бактерии имало и такви што се наоѓаат во фекалиите — веројатно поради тоа што учениците немаат навика добро да си ги мијат рацете. Еден истражувач вели дека шишињата треба редовно да се мијат со жешка вода и детергент и треба потполно да се исушат пред секое полнење.