Какво значење има за Вас Први мај?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ОД БРИТАНИЈА
На што помислувате кога ќе се спомне Први мај? На протести и демонстрации? На првомајски игри? На неработни денови?
ИАКО гледиштата за Први мај се разликуваат од земја до земја, сепак тие се поврзани. Еден краток преглед на потеклото на Први мај ќе ни помогне подобро да го разбереме овој празник денес.
Потеклото на Први мај
Во древниот Рим, првиот ден од месецот мај се паѓал во време на празникот Флоралија, наречен така во чест на Флора, божицата на пролетта и цвеќето. Тоа било време на песни, танци и паради со многу цвеќе. Римските проститутки особено уживале во овој празник, зашто Флора ја сметале за своја заштитничка.
Кога Римјаните освојувале други земји, ги носеле и своите обичаи со себе. Меѓутоа, виделе дека првиот ден од мај во келтските земји веќе се славел како празник во чест на Белтан. Кај Келтите, денот започнувал вечерта пред први мај. Тогаш се гаселе сите огнови, а кога ќе изгреело сонцето, луѓето палеле логорски огнови на ридовите или под светите дрвја за да му изразат добредојде на летото и на периодот на обнова на животот. Стоката се изнесувала на пасиштата, а на боговите им биле упатувани молитви да ја заштитат. Наскоро Флоралија и Белтан се споиле и така почнал да се празнува Први мај.
Кај германските и скандинавските народи еквивалент на Белтан бил Валпургис. Празнувањето почнувало на Валпургиската ноќ, кога се палеле логорски огнови за да ги избркаат вештерките и злите духови. И кај другите европски народи настанале слични обичаи за Први мај, а многу се задржале до ден-денес.
Христијанските цркви немале речиси никакво влијание врз овие пагански празници. „Први мај — или Белтан — бил ден во календарот на кој било дозволено речиси сѐ, бил празник што христијанската црква и другите авторитети никогаш не можеле да го контролираат“, наведува англискиот весник Guardian.
Првомајски обичаи
Во средниот век, на овој најпопуларен празник во Англија, му биле придодадени нови обичаи. Мажите и жените ја поминувале ноќта собирајќи цвеќиња и расцветани гранки во околните шуми за да ‚му изразат добредојде на мај‘ в зори.a Според памфлетот The Anatomy of Abuses на пуританецот Филип Стабс, неморалот бил многу раширен. За празникот, учесниците во тие развратни забави поставувале сред село еден мајски кол, околу кој цел ден се танцувало и се играле разни игри. Стабс го нарекол овој кол „одвратен идол“. Луѓето си избирале мајска кралица и мајски крал кои биле главни на празнувањето. Мајските колови и мајските кралици биле вообичаени и во други делови од Европа.
Какво било значењето на овие првомајски обичаи? Encyclopædia Britannica објаснува: „Во почетокот, таквите обреди биле наменети за да се осигура плодна жетва, што би значело и плодност кај стоката и кај луѓето. Но, во повеќето случаи ова значење полека се изгубило, а обичаите се задржале само како популарни празници“.
Популарноста опаѓа и расте
Протестантските реформатори се обиделе да го искоренат она што се сметало за паганско празнување. Во Шкотска, во која преовладувале калвинистичките учења, Први мај бил забранет во 1555 година. Потоа, во 1644 година, англискиот парламент предводен од пуританците го забранил користењето на мајскиот кол. Во периодот на Комонвелтот, кога Англија била без крал, биле забранети „развратните обичаи“ карактеристични за овој празник. Меѓутоа, по обновата на монархијата во 1660 година, мајскиот кол повторно почнал да се користи.
Во текот на 18. и потетокот на 19. век, обичаите поврзани со мајскиот кол полека почнале да ја губат популарноста. Но, подоцна пак станале актуелни и имале поморален призвук. Од овој период датираат многу од обичаите што се сметаа за традиционални првомајски обичаи, како што е танцот на децата околу мајскиот кол со разнобојни ленти. Меѓутоа, оние што ги изучуваат првомајските обичаи од постари времиња, откриваат дека овие обичаи имаат многу пагански елементи.
Европските иселеници ги повеле со себе своите првомајски обичаи во новите земји, а некои од нивните потомци сѐ уште го слават Први мај на традиционален начин. Меѓутоа, во многу земји Први мај, или првиот понеделник по 1 мај, сега се одбележува како празник на трудот.
Први мај станува Ден на трудот
Протестите и демонстрациите на Први мај почнале во Северна Америка. Зошто баш таму? Со индустриската револуција почнале да се користат нови машини што работеле нон-стоп, што довело до тоа сопствениците на фабриките да бараат од работниците да работат и по 16 часа секој ден освен во недела. Во обид да се подобри животот на работниците, сојузот на трговските и работничките синдикати на Соединетите Дрвжави и Канада барал од 1 мај 1886 година да се воведе осумчасовно работно време. Поголемиот број работодавци одбиле, па така на 1 мај илјадници работници излегле на штрајк.
Во немирите во Чикаго паднале првите жртви од редовите на работниците во Соединетите Држави, а работницие од Англија, Франција, Холандија, Италија, Русија и Шпанија им дале поддршка.b Во 1889 година, на светскиот конгрес на социјалистичките партии одржан во Прага била донесена одлука на 1 мај 1890 година да се одржат меѓународни демонстрации за да се воведе осумчасовно работно време. Оттогаш, на овој датум секоја година работниците ги изнесувале своите барања за подобрување на работните услови.
Во републиките на Советскиот Сојуз, Први мај традиционално се славел со воени паради и со прикажување на технолошките достигнувања. Денес во многу земји на тој ден се одбележува Денот на трудот или Меѓународниот ден на трудот. Меѓутоа, во Соединетите Држави и во Канада Денот на трудот се прославува првиот понеделник од септември.
Врската помеѓу древното и современото празнување
Први мај отсекгаш бил народен празник. За работниците тоа бил неработен ден, сеедно дали работодавците го одобрувале тоа или не. Тој ден, општествените улоги се менувале. Кралот и кралицата за тој ден се избирале од обичниот народ, а владеачките слоеви честопати биле предмет на потсмев. Затоа, Први мај лесно почнал да се поистоветува со работничкото движење, и во 20. век социјалистичката партија го признала за свој празник.
Како што било случај со древниот Први мај, и на Меѓународниот ден на трудот се организираат улични паради. Но, во последниве години, насилството стана неразделен дел од првомајските прослави. На пример, на Први мај 2000 година, низ целиот свет имаше протести против капитализмот. Протестите беа обележани со судири во кои имаше голем број повредени и беше направена голема материјална штета.
Да се задоволи потребата за промена
Реално гледано, можеме ли да очекуваме луѓето да ги направат неопходните промени на светско ниво од кои ќе имаат корист сите искрени луѓе? Не. Во пракса, секогаш одново се потврдува вистинитоста на древната библиска пословица која вели: „Човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23).
Мир на Земјата може да обезбеди само некој кој има далеку поголема моќ од човекот. Изворот на таа моќ е Творецот на Земјата, Јехова Бог. Неговата Реч, Библијата, вели дека тој ‚ја отвора Својата рака, и ја наситува желбата на сѐ живо‘ (Псалм 145:16). Ве повикуваме да дознаете нешто повеќе за прекрасните ветувања на Бог.
Во исполнение на пример молитвата на којашто Божјиот Син, Исус Христос, ги поучил своите следбеници, Божјето Царство ќе дојде, и Божјата волја сигурно ќе се врши на Земјата. Библијата ветува дека Владетелот, Исус Христос, кој е поставен од Бог, „ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот што нема помошник; ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот: Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата“ (Псалм 72:12-14).
[Фусноти]
a Пред воведувањето на грегоријанскиот календар пред нешто повеќе од 400 години, мај почнувал 11 дена подоцна отколку сега, што значи дека времето било потопло и имало бујна вегетација.
b Овие немири избиле дента откако имало тепачка меѓу штрајкувачите и работниците што го бојкотирале штрајкот при што неколку работници загинале.
[Слика на страница 27]
Мајски кол од 16. век што секој Први мај се поставувал пред една црква во Лондон
[Извор на слика]
Од книгата Observations on Popular Antiquities
[Слика на страница 29]
Протести против капитализмот, Први мај 2000, Лондон (Англија)
[Извор на слика]
© Philip Wolmuth/Panos Pictures