Градинарството е добро за Вас
УЖИВАТЕ ли да работите во градина? Од Вашето хоби можете да извлечете многу повеќе отколку само задоволство. Истражувачите нашле докази дека „работењето во градина е добро за Вашето здравје, затоа што го намалува стресот, го намалува крвниот притисок, па дури и Ви помага да живеете подолго“, се известува во лондонскиот весник Independent.
„На крајот на еден напорен, стресен ден одлично прибежиште е да си дојдеш дома и да чепкаш нешто во градината“, вели писателот Гај Серч. Градинарството не само што исполнува и е интересно, туку може да биде и подобро од некоја вежба во фитнес клубовите. Како тоа? Според Серч, „активностите како што се копањето и расчистувањето во градината се добра вежба со која се согоруваат повеќе калории отколку со возењето велосипед“.
Особено за постарите е од голема корист ако имаат градина за која ќе се грижат. Исчекувањето да се појави нова фиданка или нова пупка многу им помага попозитивно да гледаат на иднината. Освен тоа, „градината дејствува како мелем за болките и фрустрациите“ на староста, вели д-р Бригид Бордман од Кралското здружение за хортикултура. Постарите луѓе честопати се чувствуваат обесхрабрени поради тоа што сѐ повеќе зависат од другите. Но, како што забележува д-р Бордман, „потребата да имаме контрола над нешто ја задоволуваме со контролата над она што ќе го посадиме, како ќе ја уредиме градината и како ќе ја одржуваме. Повторно сме ја задоволиле потребата да се грижиме за некого или нешто“.
Оние што имаат проблеми со менталното здравје честопати се чувствуваат опуштено кога работат во убава, мирна средина. Освен тоа, одгледувањето цвеќе или храна за другите може да им помогне на таквите лица да си ја повратат самодовербата и самопочитта.
Меѓутоа, од зеленилото не извлекуваат корист само градинарите. Професорот Роџер Улрих од Универзитетот во Тексас вршел експерименти со една група луѓе кои биле изложени на стрес. Тој, според резултатите од мерењата на пулсот и крвниот притисок, открил дека оние што биле одведени на место со многу зеленило и дрвја побрзо закрепнале отколку оние што не биле во природа. Едно слично истражување покажало дека пациентите кои после операција закрепнуваат во болница, подобро се чувствуваат ако се наоѓаат во соба од која можат да гледаат дрвја. Во споредба со другите пациенти, тие „закрепнале побрзо, порано си отишле дома, им требале помалку лекови против болки и помалку се жалеле“.