Калипсо — уникатната народна музика на Тринидад
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ТРИНИДАД
КОГА ќе чуеш за Република Тринидад и Тобаго, која се состои од два острова, што ти доаѓа на ум? Многумина би помислиле на звуците на металните оркестри и на веселата мелодија на калипсо музиката. Всушност, привлечниот ритам и карактеристичниот стил на калипсото станаа популарни и далеку од местото каде што оваа музика ги доживеа своите почетоци, во јужното Карипско море.a
Според книгата Калипсо калалу, името калипсо може да се однесува на „секоја песна што се пеела некаде по 1898 година на Карневалот во Тринидад, или од славениците по улиците или од полупрофесионалните и професионалните пејачи на претставите“. Можно е да настанало врз основа на стариот обичај на африканските раскажувачи, кој во Тринидад го донеле африканските робови. Потоа, зачуваните елементи од африканската песна, игра и чукање на тапани, помешани со француски, шпански, англиски и други етнички влијанија, ја дале основата за она што денес е познато како калипсо.
Не е познато потеклото на името калипсо. Некои сметаат дека потекнува од западноафриканскиот збор каисо, кој се користел за да се пофали некоја многу добра изведба. Уште пред крајот на ропството во Тринидад и во Тобаго во 1830-тите, мноштвата се собирале во текот на годишните карневалски прослави за да ги слушаат чантвелите (пејачите) како ги величаат сопствените доблести и меѓусебно се исмејуваат во песна. За да се постигне уште поголем ефект, секој калипсонец, како што се познати пејачите на калипсо, си присвојувал свој прекар, или сценско име, и стил по кој ќе бил препознатлив.
Неговиот стил и влијание
Калипсонците отсекогаш биле почитувани поради нивната остра досетливост. Освен тоа, многу пејачи на калипсо ја развиле извонредната способност во моментот да измислат неколку стихови со беспрекорна рима, честопати зачинувајќи ги со живописни зборови кои одлично се вклопуваат со темата на песната. Во почетокот, калипсонците главно биле луѓе од Тринидад со африканско потекло и од посиромашните општествени сталежи, но денес ги има од секоја раса, боја и класа.
Д-р Холис Ливерпул, поранешен директор за култура на Тринидад и Тобаго, е историчар и калипсонец. Во врска со раните пејачи на калипсо, тој за Разбудете се! рече: „Нивната јака страна секогаш бил хуморот, затоа што луѓето доаѓале кај шаторот [за калипсо] првенствено да се забавуваат, да ги слушнат озборувањата, да ги потврдат настаните што ги чуле. Оние од повисоките класи особено доаѓале за да чујат што прават пониските класи, додека гувернерот и неговата придружба доаѓале да видат до каде е нивната политичка популарност“.
Честопати, предмет на исмејување на калипсонците им биле чиновниците и високите класи од општеството. Поради тоа, обичниот народ ги ценел калипсонците како свои херои и бранители, додека власта ги сметала за проблематични. Калипсонците понекогаш компонирале толку остри критики, што на крајот колонијалната влада се чувствувала принудена да донесе закони наменети да ги стават под контрола. Пејачите одговориле на тој начин што почнале да прават текстови со двосмислено значење, а со текот на времето станале вистински уметници во тоа. Двосмисленоста е главна карактеристика на текстовите на калипсото до ден-денес.
Калипсонците не само што го користеле јазикот, туку и го создавале. Всушност, тие многу придонеле за вокабуларот на карипскиот разговорен јазик. Не изненадува тоа што многу луѓе, дури и некои политичари, честопати цитираат калипсонци за да нагласат некоја мисла.
Модерното калипсо
Во поново време се развиле многу жанрови и мешавини на калипсото што се привлечни за различни музички вкусови. Како и со повеќето други видови музика, текстовите на некои калипсо песни не одразуваат многу високи морални вредности. Се разбира, мудро е да бидеме избирливи на каков говор се изложуваме (Ефешаните 5:3, 4). Би можеле да се запрашаме: ‚Дали би се засрамил ако треба да им објаснам некој посебен текст со двосмислено значење на моите деца или на некој што не е запознат со таа музика?‘
Ако дојдеш во Тринидад и Тобаго, без сомнение ќе уживаш во прекрасните плажи и гребени и ќе се воодушевиш од мешавината на раси и култури што ја има на островите. А можеби и ќе уживаш во металните оркестри и во калипсото — живиот и привлечен звук што ја освоил фантазијата на млади и на стари насекаде по светот.
[Фуснота]
a Металните оркестри честопати свират калипсо мелодии, но пејачот на калипсо обично е придружен со други инструменти како, на пример, гитара, труба, саксофон и тапани.
[Слики на страници 24 и 25]
Метални тапани