ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Богатото духовно наследство ме поттикна со цело срце да му служам на Бог
ЕДНА ноќ, јас и еден брат се наоѓавме пред огромната река Нигер, која е широка околу 1500 метри, и е многу брза. Во Нигерија беснееше граѓанска војна и затоа беше опасно по живот да се премине реката. Сепак, моравме да преземеме таков ризик, и тоа повеќе пати. Како се најдов во таква ситуација? Најпрво да ви кажам нешто за моето семејство.
Татко ми, Џон Милс, се крстил во Њујорк во 1913 год., на 25 годишна возраст. Говорот за крштавање го одржал брат Чарлс Расел. Кратко потоа, татко ми отишол во Тринидад, каде што се оженил со Констанца Фармер, која била ревносен Истражувач на Библијата. Татко ми му помагал на својот пријател Вилијам Браунa да ја прикажува „Фотодрамата за создавањето“. Тоа го правеле сѐ до 1923 год., кога Вилијам и неговата жена биле испратени да служат во западна Африка. А татко ми и мајка ми, кои имаа небесна надеж, продолжија да служат во Тринидад.
РОДИТЕЛИТЕ НИ ПОКАЖУВАА МНОГУ ЉУБОВ
Бевме вкупно девет деца — пет браќа и четири сестри. На првото дете, моите родители му го дале името Ратерфорд, според тогашниот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society. Јас се родив на 30 декември 1922 год., и го добив името Вудворт, по Клејтон Вудворт, тогашниот уредник на списанието Златен век (денес Разбудете се!). Родителите се погрижија сите да завршиме основно образование, но особено нѐ поттикнуваа да си поставуваме духовни цели. Мајка ми знаеше многу вешто и уверливо да поучува на темел на Библијата. Татко ми многу сакаше да ни раскажува библиски приказни. Додека го правеше тоа, глумеше разни ликови за да ни ги оживее настаните.
Нивниот труд не беше залуден. Од пет браќа, тројца бевме на Школата Гилеад. Три од сестрите долги години служеа како пионери во Тринидад и Тобаго. Со својата поука и добриот пример што ни го дадоа, нашите родители нѐ посадија „во домот на Јехова“. Охрабрувањето што го добивме од нив ни помогна да останеме блиски со Јехова и да цветаме „во дворовите на нашиот Бог“ (Пс. 92:13).
Нашиот дом се користеше за духовни активности. Пионерите се собираа кај нас и често зборуваа за брат Џорџ Јанг, еден мисионер од Канада кој порано го посетил Тринидад. Моите родители со воодушевеност зборуваа за брачниот пар Браун, кои беа нивни пријатели и поранешни соработници во службата. Овој брачен пар во тоа време служеше во западна Африка. Сето ова ме поттикна да почнам да проповедам кога имав 10 години.
МОИТЕ ПОЧЕТОЦИ ВО СЛУЖБАТА
Во тоа време, нашите списанија многу остро и директно ги разоткриваа лажната религија, алчноста на трговскиот систем и корумпираноста на политичкиот систем. Поради тоа, во 1936 год. свештенството влијаеше врз тогашниот гувернер на Тринидад да ги забрани нашите публикации. Ја скривме литературата, но продолживме да ја користиме сѐ додека не се потрошија залихите. Проповедавме така што на себе носевме плакати и делевме летоци додека се движевме во поворки или возевме велосипеди. Освен тоа, заедно со една група браќа и сестри од Тунапуна, кои имаа автомобил со разглас, проповедавме до најоддалечените места на Тринидад. Беше многу возбудливо! Овие духовни активности ме поттикнаа да се крстам кога имав 16 години.
Групата браќа и сестри од Тунапуна со автомобил со разглас
Добрата духовна средина во која пораснав и тие интересни искуства во мене родија желба да бидам мисионер. Таа желба сѐ уште ја имав кога отидов на островот Аруба во 1944 год., каде што му се придружив на брат Едмунд Камингс. Бевме пресреќни што на Спомен-свеченоста во 1945 год. дојдоа десет луѓе. Следната година, на тој остров беше формирано првото собрание.
Со Орис почнав да му се радувам на животот на поинаков начин
Кратко потоа, ѝ сведочев неформално на една колешка по име Орис Вилијамс. Таа многу се трудеше да докаже дека верувањата за кои била поучувана се исправни. Но, благодарение на проучувањето на Библијата, ја дозна вистината и се крсти на 5 јануари 1947 год. Со текот на времето, меѓу нас се роди љубов и се венчавме. Таа почна со пионерска служба во ноември 1950 год. Со Орис почнав да му се радувам на животот на поинаков начин.
СЛУЖБАТА ВО НИГЕРИЈА
Во 1955 год., бевме поканети на Школата Гилеад. За да можеме да присуствуваме на таа школа, јас и Орис дадовме отказ од работа, го продадовме нашиот дом и други материјални работи, и се збогувавме со Аруба. На 29 јули 1956 год., дипломиравме во 27. клас на Школата Гилеад и бевме испратени во Нигерија.
Со бетелското семејство во Лагос (Нигерија) во 1957 год.
Во една прилика, осврнувајќи се на службата како мисионери, Орис рече: „Јеховиниот дух ни помогна успешно да се справиме со тешкотиите што ги носи мисионерскиот живот. За разлика од маж ми, јас никогаш не сакав да бидам мисионер. Повеќе сакав да имаме свој дом и деца. Но си го сменив ставот кога сфатив колку е итно да се проповеда добрата вест. Кога Школата Гилеад беше при крај, веќе бев потполно спремна и решена да служам како мисионер. Додека се качувавме на бродот Кралицата Мери, брат Ворт Торнтон, кој служеше во канцеларијата на брат Натан Нор, ни посака добар пат и ни кажа дека ќе служиме во Бетел. Јас си реков: ’О, не!‘ Но брзо се навикнав и го засакав Бетел, каде што извршував разни задачи. Најмногу уживав да работам на рецепција. Ги сакам луѓето, и таа задача ми овозможи да бидам во контакт со браќата и сестрите од Нигерија. Многу од нив доаѓаа уморни, гладни, жедни и цели со прашина. Ми беше вистинско задоволство да ги пречекувам и да се грижам за нивните потреби. Сето тоа беше света служба за Јехова, и затоа чувствував голема радост и задоволство“. Навистина, секоја задача ни помогна да растеме во духовен поглед.
Во 1961 год., во Тринидад се собра целото наше семејство заедно со некои стари пријатели. Во таа прилика, брат Браун раскажуваше интересни искуства од Африка. Потоа јас зборував за порастот во Нигерија. Тогаш, брат Браун пријателски ме прегрна и му кажа на татко ми: „Џони, ти не успеа да служиш во Африка, ама Вудворт успеа во тоа!“ А татко ми ми рече: „Само напред, Вудворт! Само напред!“ Таквото охрабрување од овие долгогодишни и ревносни слуги на Јехова ми ја зајакна желбата темелно да ја извршувам службата.
Вилијам Браун (наречен „Браун Библијата“) и неговата сопруга Антонија, многу нѐ охрабруваа
Во 1962 год., имав чест да добијам дополнителна обука на 37. клас на Школата Гилеад која траеше десет месеци. Брат Вилфред Гуч, кој тогаш беше надгледник на подружницата во Нигерија, присуствуваше на 38. клас и беше испратен во Англија. Оттогаш, мене ми беше дадена одговорноста да се грижам за надгледувањето на подружницата во Нигерија. Слично на брат Браун, многу патував и тоа ми помогна да ги запознаам и да ги засакам браќата во Нигерија. Во материјален поглед тие имаа многу помалку од луѓето во поразвиените земји. Сепак, беа радосни и исполнети. Ова беше силен доказ дека среќата во животот не зависи од парите и од материјалните работи. Иако живееја во лоши услови, на состаноците секогаш беа чисти, уредни и убаво облечени. Кога имавме конгреси, многумина доаѓаа со камиони и со автобуси наречени болекаја,b кои немаат прозорци и се произведени локално. Честопати на овие автобуси имаше напишано интересни слогани. Еден од нив беше: „Капка по капка — океан“.
Колку вистинит е тој слоган! Трудот на секој поединец е многу вреден. А јас и Орис се трудевме да го дадеме нашиот дел. Во 1974 год., Нигерија стана првата земја по САД која достигна бројка од 100.000 објавители. Проповедничкото дело беше во полн ек!
Во периодот на овој голем пораст, во Нигерија избувна граѓанска војна, која траеше од 1967 до 1970 год. Со месеци, нашите браќа на бијафриската страна од реката Нигер не можеа да контактираат со подружницата. Затоа, чувствувавме голема одговорност да ги снабдуваме со духовна храна. Како што спомнав во воведот, со молитва и доверба во Јехова, ја преминавме реката неколку пати.
Живо се сеќавам на тие опасни патувања кога ја преминувавме Нигер. Во секој момент можеше да бидеме убиени од војници кои пукаа во сѐ што се движи. Бевме во опасност да добиеме некоја болест, а имаше и многу други ризици. Беше многу опасно да ги минеме контролните пунктови на државната војска, но уште пострашно беше кога се движевме од другата страна на реката која беше под контрола на бунтовниците. Една ноќ, со чамец ја преминав реката Нигер од Асаба до Онича, и оттаму се упатив кон Енугу за да ги охрабрам одговорните браќа од тоа место. На едно друго патување ги зајакнав старешините во Аба, каде што властите издадоа наредба да се гаснат светлата навечер. Во една прилика, додека имавме состанок во Порт Харкорт, државната војска ги проби одбранбените сили на бунтовниците кои беа надвор од градот, и затоа моравме брзо да се помолиме и да го завршиме состанокот.
Овие состаноци беа токму она што им требаше на браќата. Преку нив тие се уверија дека Јехова многу ги сака, а ги добија и неопходните упатства во врска со неутралноста и единството. Браќата од Нигерија останаа верни за време на таа ужасна војна. Тие покажаа љубов која беше посилна од омразата што постоеше меѓу племињата, и така го зачуваа единството. Ми беше голема чест да соработувам со нив во тоа тешко време!
Во 1969 год., брат Милтон Хеншел беше претседавач на меѓународниот конгрес „Мир на Земјата“, кој се одржа на стадионот Јенки во Њујорк. На тој конгрес служев како негов помошник и научив многу од него. Оваа обука ја добив во вистинско време бидејќи во 1970 год. во Лагос (Нигерија) го одржавме меѓународниот конгрес „Луѓе по Божја волја“. Со оглед на тоа што војната во Нигерија штотуку заврши, овој конгрес беше одржан само благодарение на помошта од Јехова. На конгресот беа присутни 121.128 лица, а програмата се пренесуваше на дури 17 јазици. Меѓу присутните беа брат Натан Нор, брат Милтон Хеншел, како и други делегати кои со изнајмени авиони допатуваа од САД и Англија. На тој конгрес се крстија 3.775 лица, што е едно од најголемите крштавања кои се одржале по Педесетница 33 год. од н.е. Со оглед на тоа што помагав околу организирањето на тој настан, можам да кажам дека никогаш не сум бил позафатен во животот. Порастот во бројот на објавители беше вистинска експлозија!
На меѓународниот конгрес „Луѓе по Божја волја“ присуствуваа 121.128 објавители, кои зборуваа на 17 јазици, вклучувајќи го и јазикот Ибо
За време на нашиот престој во Нигерија, кој траеше повеќе од 30 години, одвреме-навреме служев како патувачки надгледник и како зонски надгледник во западна Африка. Мисионерите беа многу благодарни што на секој од нив му беше посветено внимание и секој доби охрабрување! Ми причинуваше огромно задоволство што можев да ги уверам дека не се заборавени! Од таа служба научив дека, за да им се помогне на браќата и сестрите да му служат на Јехова и за Божјата организација да биде духовно јака и обединета, мора да му се покажува личен интерес на секој поединец.
Тешкотиите што ги донесоа граѓанската војна и болестите можевме да ги поднесеме само со помошта од Јехова. Секогаш беше очигледно дека Јехова ни го дава својот благослов. Орис во една прилика рече:
„И двајцата имавме маларија неколку пати. Во една прилика, Вудворт заврши во болница во бессознание. Ми кажаа дека можеби нема да преживее, но за среќа преживеа! Кога се освести, тој му зборуваше за Божјето Царство на болничарот што се грижеше за него. Подоцна со Вудворт го посетивме тој болничар, господин Нвамбиве, за да му помогнеме да дознае нешто повеќе за Библијата. Со текот на времето, тој стана Јеховин сведок и подоцна служеше како старешина во Аба. И јас имав можност на многумина да им помогнам да станат слуги на Јехова. Некои од нив дури беа и ревносни муслимани. Една од работите што ни причинуваше голема радост беше можноста да ги запознаеме и да ги засакаме луѓето од Нигерија, нивната култура, нивните обичаи и нивниот јазик“.
Тоа беше уште една поука што ја научивме: За радосно да ја извршуваме службата во друга земја, требаше да научиме да ги сакаме браќата и сестрите без оглед на тоа колку нивната култура се разликува од нашата.
НОВИ ЗАДАЧИ
Откако служевме во Бетелот во Нигерија, во 1987 год. добивме нова задача да служиме како мисионери на прекрасниот остров Сент Лусија на Карибите. Многу уживавме во оваа нова задача, но имавме и некои тешкотии. За разлика од Африка, каде што еден маж обично беше во брак со повеќе жени, на Сент Лусија проблемот беше тоа што паровите обично живееја невенчано. Но, Божјата Реч поттикна многумина од оние со кои проучувавме да ги направат потребните промени.
Во текот на 68 години, колку што бевме заедно, мојата љубов кон Орис не избледи
Поради староста, силата сѐ повеќе ни слабееше и затоа, во 2005 год., браќата од Водечкото тело покажаа обѕир кон нас и нѐ префрлија во главното седиште во Бруклин (Њујорк). За жал, Орис почина во 2015 год. Таа загуба ми нанесе неопислива болка. Секојдневно му благодарам на Јехова што ме благослови со толку прекрасна сопруга како Орис. Таа беше извонреден животен сопатник и грижлива, мила сопруга со многу убави особини. Во текот на 68 години, колку што бевме заедно, мојата љубов кон неа не избледи. Сфативме дека, ако сакаме да ја зачуваме радоста и во бракот и во собранието, треба да го почитуваме поглаварството, спремно да простуваме, да останеме понизни и да ги покажуваме плодовите на духот.
Кога бевме разочарани или обесхрабрени, го молевме Јехова да ги благослови жртвите што ги правевме. Додека се трудевме постојано да се приспособуваме на разните околности и да правиме промени кај себе, гледавме како работите постојано се подобруваат — а најдоброто допрва доаѓа! (Иса. 60:17; 2. Кор. 13:11).
Во Тринидад и Тобаго, Јехова ја благослови службата на моите родители и на други објавители. Како резултат на тоа, според последните извештаи, таму има 9.892 Јеховини сведоци. Во Аруба, многумина помагаа да се зајакне првото собрание кое беше формирано на тој остров и во кое служев и јас. На островот сега има 14 напредни собранија. А во Нигерија, бројот на објавители достигна бројка од 381.398. На островот Сент Лусија, во службата за Божјето Царство учествуваат 783 објавители.
Сега сум во своите 90-ти. Во Псалм 92:14 пишува дека оние што се посадени во домот на Јехова „ќе цветаат и кога косата ќе им побели, јадри и свежи ќе останат“. Многу сум благодарен за животот што го поминав во службата за Јехова. Богатото духовно наследство што го добив ме поттикна со цело срце да му служам на Бог. Поради неговата верна љубов, Јехова ми дозволи духовно да процветам „во дворовите на [мојот] Бог“ (Пс. 92:13).
a Животната приказна на Вилијам Браун се наоѓа во Годишникот за 2014, на страници 100-101 (срп.).