ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 7/08 стр. 24-25
  • Ситните богатства на Нихау

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ситните богатства на Нихау
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • „Скапоцености“ од морето
  • Изработка
  • Острови во изградба
    Разбудете се! 1998
  • Содржина
    Разбудете се! 2008
  • Големиот остров
    Разбудете се! 2008
  • Шарениот свет на коралните гребени
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Разбудете се! 2008
g 7/08 стр. 24-25

Ситните богатства на Нихау

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! НА ХАВАИТЕ

СЕКОЈА зима, бурните бранови ги заплискуваат бреговите на хавајскиот „забранет остров“ Нихау, при што на одредени места исфрлаат безброј празни, ситни черупки, односно куќички од морски полжавчиња. Нихау има површина од само 180 квадратни километри и е најмал од седумте населени Хавајски Острови. Затоа е сосема на место тоа што на овој вулкански остров можат да се најдат едни од најситните богатства во светот — прекрасните куќички на полжавчињата од Нихау.

За разлика од најблискиот соседен остров Кауај, кој се наоѓа 27 километри на североисток, Нихау е претежно низински и сушен остров. Но, зошто е наречен „забранет“? Нихау е приватен остров на кој не се добредојдени непоканети гости. Бидејќи можат самите да се грижат за своите потреби, жителите на овој остров немаат ни електроцентрала, ни водовод, ни продавници, ни пошта. Во обид да го зачуваат своето културно наследство, тукашните домородци, чиј број се движи околу 230, комуницираат на хавајски јазик. Кога не ги чуваат овците и стоката, повеќето островјани црпат богатство од својот „златен рудник“, односно собираат куќички од полжавчиња и прават накит од нив.a

Во топлите хавајски зимски месеци, семејствата ги преминуваат правливите патишта пеш или со велосипед за да дојдат до недопрените плажи и карпестите заливчиња, каде што по цели денови собираат куќички од полжавчиња. Штом ќе ги соберат, ги распростираат под некоја сенка за да се сушат, а потоа ги подредуваат според големината и квалитетот и од нив прават нежни ѓердани наречени леи. На островите со побујна вегетација, леите обично се прават од цветови, но на Нихау, за таа намена служат куќичките од полжавчиња.

„Скапоцености“ од морето

Празните куќички долго време се користат како накит на Хаваите. При крајот на 18 век, поморските истражувачи — меѓу кои и капетан Џејмс Кук — овде наишле на украси од вакви куќички кои ги спомнале во своите дневници. Со себе понеле и неколку примероци, а некои од нив можеби дошле и од Нихау. Со текот на времето, Хавајките од повисоките класи, меѓу кои и танчерките, па дури и членовите на кралското семејство почнале да ги носат овие убави ѓердани. Во 20 век, продавниците за сувенири, туризмот и војниците кои поминале низ Хаваите за време на Втората светска војна придонеле овие посебни „скапоцености“ да најдат пласман и на странскиот пазар. Прекрасниот накит што некогаш ги разубавувал Хавајките со благородничко потекло сега го носат луѓе од најразлични земји.

За изработка на ѓерданите од Нихау се користат најчесто три вида куќички од полжавчиња кои на хавајски се викаат моми, лаики и кахелелани. „Јувелирите“, кои обично се жени, уживаат додека внимателно ги нижат, комбинирајќи ги нивните најразлични бои и шари. Резултатот е вистинско ремек-дело. Се користат околу 20 различни видови сјајни овални куќички наречени моми, кои ги има во различни бои — од блескавобела до темнокафеава. Многу ценета техника на нижење е леи пикаке. Со својот сјај, куќичките моми, кои се долги само 10 милиметри, прават ѓерданот нанижан на ваков начин да изгледа како венец од миризливите цветчиња на белиот јасмин, кој на хавајски се вика пикаке.

Невестите на Хаваите честопати носат ѓердани со неколку низи од сјајни лаики кои се ситни како ориз. Овие светкави куќички ги има во разни нијанси — од чисто бела преку кремастобела до жолтеникавобеж, а некои од нив имаат и кафеави шари. Куќичките кахелелани, кои можеби го добиле своето име според еден хавајски поглавар од старо време, се долги само 5 милиметри. Ѓерданите од овие нежни куќички во форма на чалма се најскапи бидејќи најтешко се нижат. Бојата може да им биде јака црвеникаво-виолетова, па дури и дречливо розова. Втората е многу ретка, поради што ѓерданите со ваква боја се трипати поскапи од другите.

Изработка

Откако ќе се решат каков ѓердан да направат, оние што ги изработуваат најпрво го отстрануваат сиот песок од куќичките на полжавчињата и им прават дупчиња со остро шило. Но, колку и да се внимателни или вешти, секоја трета куќичка им пука. Тоа значи дека се потребни многу куќички за да се направи само еден ѓердан. За некои ѓердани, потребни се дури и неколку години за да се направат! Куќичките се нижат на најлонски конец премачкан со смеса што брзо се стврднува или со пчелин восок. По традиција, на двата краја од низата се прицврстуваат мали куќички во форма на копчиња, како што се оние на полжавчињата Heliacus variegates или пука (од родот Conus), а со едно до две куќички на полжавчињата од родот Cypraea се спојува целиот ѓердан.

Изборот на техники на нижење ѓердани е речиси ист колку и изборот на самите куќички. Неколку примери се единечните низи од белите моми, долги од 150 до 190 сантиметри, потоа испреплетените леи од стотици нанижани ситни кахелелани и ѓерданите со симетрична геометриска шара, меѓу кои има и такви што се нижени од черупки и семки. Нижењето вакви ѓердани е макотрпна работа што одзема многу време и ги заморува очите. Но, креативните и стрпливи мајстори од Нихау неуморно изработуваат раскошни ѓердани со несекојдневна убавина. Секој ѓердан си е приказна за себе и сосема е јасно зошто можат да чинат и по неколку илјади долари — исто колку и скапоцените камења или наследниот накит.

Во споредба со другите хавајски острови, Нихау е релативно пусто, ретко населено и изолирано островче. Но, благодарение на неговите креативни и надарени жители, во богатствата на Нихау можат да уживаат и луѓето што живеат далеку од сончевите брегови на овој „забранет остров“.

[Фуснота]

a Вакви празни куќички можат да се најдат и на другите хавајски острови, како и на други места во Тихиот Океан, но секаде во различни количини и со различен квалитет.

[Слика на страници 24 и 25]

Сувите черупки се класифицираат, а потоа од нив се нижат нежни ѓердани

[Извор на слика]

© Роберт Холмс

[Слика на страница 25]

Спирален накит од „моми“

[Извор на слика на страница 24]

© drr.net

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели