Писма од читателите
Подобри родители? 7 чекори до успехот (август 2007) Ова списание беше одговор на моите молитви. Имам 4-годишна ќеркичка што го сака Јехова. Сепак се плашам дека ќе направам некаков пропуст како мајка. Затоа секој ден го молам Јехова да ми помогне да ја воспитам. Многу ви благодарам што се грижите за нас, родителите.
Ј. М. А., Мексико
Овие статии беа како прирачник наменет исклучиво за нашето семејство. Во нив беа обработени многу од проблемите што ми тежеа на душата! Ова беше уште еден доказ колку се грижи Јехова за својот народ. Тој ми ги сослушува молитвите, ги гледа моите солзи и знае колку многу ми беа потребни овие информации.
Џ. М., САД
На само неколку страници успеавте да дадете корисно водство и практична поука. Сега треба само да ги следиме овие упатства!
Е. Л., Финска
Може ли оптимизмот да ти го подобри здравјето? (септември 2007) Оваа статија многу ми помогна бидејќи честопати се обвинував кога ќе ми се јавеше некој проблем. Почнав да си мислам дека не сум добра мајка, и бев под голем стрес. Иако не ми е лесно да бидам оптимист, овие информации ми ги олеснија грижите. Многу сум ви благодарна за интересот што го покажувате преку ваквите статии.
А. С., Еквадор
Долгата и болна историја на забоболката (септември 2007) Работам како професор по стоматологија и како стоматолог. Импресиониран сум од вашата извонредна и добро напишана статија. Таа е одлично резиме на историјата на стоматологијата. Им ја покажав на многу мои пријатели и колеги.
Ц. Р., САД
Дали Бог е виновен? (септември 2007) Со пријателите неколку пати се собравме приватно и разговаравме како практично да се подготвиме за итен случај. Додека уживавме во закуската, дискутиравме за точките од рамката „Дали си спремен да бегаш?“, во оваа статија, и разгледавме каква опрема за итни случаи подготвиле некои од нас. Исто така зборувавме и за тоа колку е важно да сме урамнотежени во овој поглед. Свесни сме дека, како слуги на Бог, не треба да ни биде најважно да планираме што да понесеме во случај на катастрофа. Наместо тоа, треба да бидеме посветени на проповедањето на добрата вест за Божјето Царство за да им кажеме на другите за Божјето прекрасно ветување дека на Земјата нема да има никакви катастрофи — ниту природни ниту предизвикани од човечки фактор.
Р. Г., САД
Заштитете ги своите деца! (октомври 2007) Јас бев сексуално злоупотребувана од многу мала возраст. Сѐ уште не можам да им кажам на родителите што се случи. Затоа, овие статии многу ме утешија. Искрено се надевам дека родителите ќе го прочитаат ова списание и ќе ги заштитат своите деца. Многу сум му благодарна на Јехова што ни ги дава овие неопходни информации. Тие се многу утешни за нас, кои бевме жртви на сексуална злоупотреба.
Р. И., Јапонија