Порторико и неговите богатства
НА 19 НОЕМВРИ 1493 год., на еден раззеленет карипски остров пристигнал Кристифор Колумбо заедно со цела флота шпански бродови. Островот го нарекол Сан Хуан Баутиста (Св. Јован Крстител). По краткиот престој за да ги надополни резервите, тој отпловил од островот и продолжил со своето второ извидничко патување.
За овој истражувач, златните песоци на плажите порабени со палми и бујна тропска вегетација биле од споредно значење. Колумбо барал богатство и поголеми острови.
Понсе де Леон, Шпанец кој наводно бил со Колумбо на тоа патување, одлучил да се врати на овој остров, кој домородците го викале Борикен. Бидејќи имал слушнато дека домородците носат златен накит, верувал дека неговите ридови кријат злато. Петнаесет години подоцна, се вратил за да го најде. Во 1521 год., Шпанците ја основале својата главна населба на северниот брег од овој остров. Бидејќи очекувал овде да најде големо богатство, Понсе де Леон го нарекол новото гратче Порторико, што значи „богато пристаниште“.a
Очекувањата на Понсе де Леон не се оствариле. На Порторико имало само малку злато, кое за кратко време било исцрпено, и политичките проблеми почнале да се зголемуваат. На крајот, Понсе де Леон тргнал кон денешната држава Флорида (САД).
Иако самиот остров не можел да понуди големо рудно богатство, Шпанците наскоро сфатиле дека главното пристаниште на Порторико сепак има позитивни страни. Во 16 век, тие го претвориле главниот град на овој остров во утврдено пристаниште во кое галионите што пренесувале злато од Северна и Јужна Америка во Шпанија биле на сигурно. За кратко време, Сан Хуан станал познат како „најутврденото упориште на Шпанија на тлото на Америка“.
Цврстите ѕидини високи 13 и дебели до 6 метри, како и двете огромни тврдини, се неми сведоци за извонредниот напор што го вложиле жителите на Сан Хуан за да си го заштитат градот. Сан Хуан сѐ уште е омилена дестинација за посетителите на Карибите. Шетајќи се покрај градските ѕидини и набљудувајќи ги старовремските згради, тие лесно можат да си го замислат животот во колонијалниот период.
Посета на стариот Сан Хуан
Обѕиданиот град, кој е познат како стариот Сан Хуан, е чиста спротивност на прометната современа метропола околу него. Стариот Сан Хуан наликува на брод што плови среде океан. Тој е практично опкружен од морето, а неговиот ’рт, односно „клунот“, гордо се издига над Атлантикот. На оваа стратешка положба стои шпанската тврдина Ел Моро, која го штитела влезот на пристаништето. Зад Ел Моро, на двете страни од тесниот ’рт во форма на бродски клун, се протегаат одбранбени ѕидови. На околу 1,5 километар кон исток се издига уште една огромна тврдина позната како Сан Кристобал, која служела за одбрана на „крмата“ од можни копнени напади. Меѓу овие две тврдини е сместен стариот дел од Сан Хуан, кој од 1983 год. е под заштита на УНЕСКО како дел од Светското наследство.
Стариот град беше внимателно реставриран. Жителите ги молерисуваат своите куќи со живи пастелни бои, балконските огради ги украсуваат со разнобојни цвеќиња, а дворовите со тропски растенија. Калдрмата на тесните улици во Сан Хуан е направена од сино-сиви камени коцки донесени од рудниците за железо во Шпанија. Од згурата добиена со претопување на рудата се правеле коцки за калдрма кои се користеле и како баласт во бродовите што пловеле кон Порторико.
На бедемите на Сан Кристобал сѐ уште бдеат стари шпански топови кои се насочени кон пристаништето. Наместо шпански галиони натоварени со злато, во ова пристаниште впловуваат големи луксузни бродови преполни со туристи. Меѓу другото, опуштената атмосфера и пријателскиот однос на островјаните го прават овој град популарна туристичка дестинација. Во стариот дел од градот пешаците сѐ уште имаат предност на минување, па затоа толерантните возачи честопати стрпливо чекаат додека туристите прават фотографии.
Четири скапоцени екосистеми
Иако третина од населението на овој остров живее во или околу Сан Хуан, Порторико има и други интересни обележја. Островот е релативно мал, но поради разноликата клима и релјефот, овде има богата флора и фауна. Ќе наведеме само четири од неколкуте уникатни екосистеми под заштита на државата.
Националната шума Ел Јунке е природен резерват во кој е заштитена една од неколкуте тропски прашуми што сѐ уште постојат на Карибите. Нејзините падини ги красат водопади. Портокаловите цветови на бромелиите се како светли точки во зелената вегетација на прашумата во која растат, а огромните тропски папрати се борат за простор со лијаните и палмите. Благодарение на овој резерват, порториканскиот папагал сѐ уште не е истребен, а маскотата на Порторико, малата зелена жаба коки, ја оживува шумата со своето непрестајно „музицирање“.
Оддалеку изгледа како падините на Ел Јунке да се прекриени со сребрен превез. Оваа боја се должи на листовите на дрвото јагрумо, кое многу се намножи откако ураганот Хуго го опустоши овој предел пред неколку години. Тоа е добар знак. „Шумата може, по некоја елементарна непогода, да се обнови речиси потполно самата од себе“, објаснува еден биолог. „Вистинската закана е човекот.“ Во паркот има околу 225 видови дрвја, 100 видови папрати и 50 видови орхидеи. Поради богатата разновидност на флората, овој парк е еден од природните резервати на Обединетите нации.
Природниот резерват Гуаника. Се проценува дека во целиот свет останал само уште 1 отсто од сушните тропски шуми. Меѓутоа, на само неколку часа возење од Ел Јунке постои една ваква шума. Во Гуаника живеат повеќето птици што ги има само на Порторико, како и 750 видови растенија, од кои 7 отсто се пред истребување. Необичните цветови привлекуваат колибрија и многу пеперутки. На самиот раб од шумата има недопрено крајбрежје на кое зелените и кожестите желки ги полагаат своите јајца.
Корални гребени и мангрови. Покрај брегот на резерватот Гуаника има и појас од мангрови шуми. „Мангровите виреат во нашиот резерват бидејќи во него нема ниту индустриски ниту земјоделски отпад“, објаснува еден од чуварите на паркот. „Тие се омилено мрестилиште за многу риби што живеат на коралните гребени.“ Друга туристичка атракција која зависи од незагадената средина на мангровите се луминисцентните заливи, а неколку вакви заливи има кај Порторико. (Види ја рамката подолу.)
Крајбрежните корални гребени беа заштитени од прекумерно ловење риба, а неколку корални островчиња и подводни гребени беа претворени во национални паркови. Овие подземни градини се рај за очите на нуркачите кои можат одблизу да ги набљудуваат желките, морските крави и многуте видови шарени риби.
Иако Порторико не успеал да го импресионира Колумбо и ги разочарал конквистадорите кои очекувале овде да најдат богатство, денешните посетители се одушевени од овој остров. За нив, Порторико изобилува со природно богатство.
[Фуснота]
a По кратко време дошло до забуна кај картографите. Тие почнале името на островот да го мешаат со неговиот главен град. Оттогаш, островот — а не главниот град, Сан Хуан — е познат како Порторико.
[Рамка/слика на страница 16]
ЕДНА ПОСЕБНА ОПСЕРВАТОРИЈА
Опсерваторијата Аресибо, која се наоѓа на околу 80 километри западно од Сан Хуан, е нешто што вреди да се види. Во неа се наоѓа најголемиот радиотелескоп кој има чинија со пречник од 305 метри. Големината на овој телескоп им овозможува на астрономите да набљудуваат небесни тела што се „невидливи“ за другите телескопи.
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Arecibo Observatory/ David Parker/Science Photo Library
[Рамка/слика на страница 17]
„КАКО ДА СЕ КАПЕШ ВО ЅВЕЗДИ“
На островот Виекес, кој се наоѓа во непосредна близина на Порторико, има едно заливче кое се вика Биолуминисцентен Залив. Името го добило по фосфоресцентните водни организми. Се вели дека на ниедно друго место во светот ги нема во толку голема концентрација како тука. Кога се вознемирени, овие микроорганизми зрачат зеленикаво-сина светлина. На тој начин настанува една од најнеобичните глетки во природата.
Луѓето што ја посетуваат оваа лагуна ноќе, за првпат ја забележуваат оваа светлина кога преплашените риби ќе се разбегаат од чамецот. Притоа во темната вода оставаат светли траги слични на зелени метеори. Кога пливачите ќе влезат во водата, може да се види секое нивно движење бидејќи и тие оставаат светли траги. Кога ќе ги кренат рацете од водата, капките што паѓаат од нив личат на ѕвезди што трепкаат. Еден посетител извика: „Како да се капеш во ѕвезди!“
[Слика на страница 15]
Ел Моро
[Слика на страница 15]
Стариот дел на градот гледан од Сан Кристобал
[Слика на страница 15]
Стариот Сан Хуан
[Слика на страница 16]
Тропски папрат во прашумата Ел Јунке
[Слика на страници 16 и 17]
Крајбрежјето на Гуаника
[Извор на слика]
© Heeb Christian/age fotostock
[Слика на страница 17]
Порторикански папагали
[Слика на страница 17]
Корален гребен
[Извор на слика на страница 14]
Passport Stock/age fotostock
[Извор на слика на страница 15]
Сите фотографии: Passport Stock/age fotostock
[Извори на слики на страница 17]
Папагали: U.S. Geological Survey/Фотографија на James W. Wiley; гребен: © Stuart Westmorland 2005; пливач: Steve Simonsen