Што вели Библијата
Молитви до Бог — со помош на предмети?
Припадниците на будизмот, хиндуизмот, исламот, јудаизмот, Римокатоличката црква и Источната православна црква се молат со помош на предмети. Милиони луѓе во речиси сите земји на светот веруваат дека таквите предмети им помагаат да му пристапат на Бог, да стекнат негова милост и да добијат благослов. Што вели за тоа Библијата?
ЛУЃЕТО веќе неколку илјади години користат предмети кога се молат. На пример, на местото каде што се наоѓал древниот град Ниневија, археолозите пронашле статуа со „два женски лика со крилја што стојат пред свето дрво и се молат... а во левата [рака] држат нешто што може да претставува венец или бројаници“ (The Catholic Encyclopedia).
За што служат бројаниците? Истата енциклопедија го дава следниов одговор: „Ако некоја молитва треба да се повтори многу пати, тоа се прави со помош на некоја направа, што е полесно отколку да се брои на прсти“.
Молитвените тркала уште повеќе го олеснуваат повторувањето на молитвите. Секој вртеж на тркалото, сеедно дали со рака, ветер, вода или струја, се смета за една молитва. Во молитвените тркала честопати се ставале и мантри — мистични формули и стихови. Разгледај што мисли Бог за тоа.
„Не кажувајте секогаш едно исто“
Исус Христос, кого дури и нехристијанските верници го сметаат за пророк, објаснил како Творецот гледа на молитвите во кои се повторуваат едни исти зборови. Тој рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови“a (Матеј 6:7).
Според тоа, ако на Бог не му е мило да ‚кажуваме секогаш едно исто‘, логично е дека не сака да користиме ни предмети за да повторуваме едни исти молитви. Впрочем, никаде во Библијата не е спомнато дека некој верен слуга на вистинскиот Бог користел бројаници, молитвени тркала или слични предмети. Појасно ќе сфатиме зошто, ако добро разбереме што е молитва и која е нејзината цел.
Молитви што му се допаѓаат на Бог
Во молитвата што ја дал како пример, Исус го нарекол Бог „Татко наш“. Значи, нашиот Творец не е незаинтересиран за нас и не е некаква мистична сила што треба да се успокои преку вражање, ритуали или мантри. Напротив, тој е еден драг Татко кој сака да го знаеме тоа и да имаме љубов кон него. „Го сакам Таткото“, рекол Исус (Јован 14:31). Еден пророк од древниот Израел рекол: „О Јехова, ти си наш Татко“ (Исаија 64:8).
Како можеме да му се приближиме на Бог и да го чувствуваме како наш небесен Татко? (Јаков 4:8). Треба да имаме двонасочна комуникација со него, како што е случај и со секое друго пријателство. Бог ни „зборува“ преку Библијата — неговата пишана Реч во која ни открил што направил во минатото, каква личност е и каква намера има со нас (2. Тимотеј 3:16). А ние му зборуваме преку молитва, која, се разбира, треба да биде искрена и срдечна, а не формална и рутинска.
Размисли за следново: Како комуницира со родителите едно нормално, интелигентно дете ако во неговото семејство владее топла и срдечна атмосфера? Дали повторува едни исти зборови или реченици и брои колку пати ги повторило? Се разбира дека не! Тоа зборува искрено и со почит, а неговите зборови имаат своја содржина и смисла.
Такви треба да бидат и молитвите упатени до Бог. Треба да се чувствуваме слободни да му кажеме за сѐ што нѐ мачи. Во Филипјаните 4:6, 7 пишува: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји... ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“. Се разбира, ако нѐ тишти некој проблем, можеме повеќе пати да се молиме за него. Тоа не би било исто како да повторуваме едни исти зборови (Матеј 7:7-11).
Во Библијата има многу примери за молитви што Бог ги услишил, како што се псалмите и молитвите што ги кажал Исусb (Натписите на Псалм 17 и 86; Лука 10:21, 22; 22:40-44). Една молитва на Исус е запишана во 17. поглавје од Јован. Ако одвоиш неколку минути за да ја прочиташ, ќе можеш да видиш како Исус му кажал на Бог за сѐ што му лежело на срце. Освен тоа, ќе видиш и колку несебично се молел тој бидејќи молитвата покажува дека многу ги сакал своите следбеници. Тој рекол: „Свети Татко, чувај ги... од Злобниот“, односно од Сатана (Јован 17:11, 15).
Сигурно ќе се согласиш дека овие зборови на Исус ни најмалку не звучат ладно или механички. Тој ни дал прекрасен пример во овој поглед. Секој што сака да му се приближи на вистинскиот Бог треба добро да го запознае. А потоа, мотивиран од љубовта на темел на тоа знаење, да ги отфрли религиозните обичаи кои не му се допаѓаат на Бог. На оние што ќе го сторат тоа, Јехова им вели: „Ќе ви бидам татко, а вие ќе ми бидете синови и ќерки“ (2. Коринќаните 6:17, 18).
[Фусноти]
a Во молитвата „Оче наш“, Исус не рекол: „Кажувајте ја оваа молитва“, туку: „Молете се вака“ (Матеј 6:9-13). Што сакал да каже со тоа? Неговата молитва покажува дека духовните работи треба да ни бидат поважни од материјалните.
b Иако псалмите се пееле во различни пригоди, тие не биле рецитирани одново и одново како што се рецитираат мантрите, ниту се користеле во ритуали со бројаници или со молитвени тркала.
ШТО МИСЛИШ?
◼ Дали советот на Исус да не кажуваме едни исти зборови има некаква врска со употребата на бројаници и молитвени тркала? (Матеј 6:7)
◼ Каков став кон Јехова треба да одразуваат нашите молитви? (Исаија 64:8)
◼ Како ќе гледа Бог на нас ако ги отфрлиме религиозните лаги? (2. Коринќаните 6:17, 18)