ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • kl погл. 16 стр. 150-159
  • Како можеш да се приближиш кон Бог

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Како можеш да се приближиш кон Бог
  • Спознание кое води до вечен живот
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЗОШТО ДА СЕ ПРИБЛИЖИМЕ КОН БОГ
  • БАРАЊА ЗА ДА СЕ ПРИБЛИЖИМЕ КОН БОГ
  • ПРИЛИКИ ЗА РАЗГОВОР СО БОГ
  • МОЛИТВИ КОИ ЈЕХОВА ГИ УСЛИШУВА
  • ИСТРАЈ ВО МОЛИТВАТА
  • КОМУНИКАЦИЈАТА СО ЈЕХОВА НЕ Е ЕДНОСТРАНА
  • Зближи се со Бог преку молитва
    Што навистина учи Библијата?
  • Како може да ни помогне молитвата
    Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата
  • „Изнесете му ги своите барања на Бог“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2006
  • Молитвата може да ти помогне да се зближиш со Бог
    Радувај му се на животот засекогаш — интерактивен библиски курс
Повеќе
Спознание кое води до вечен живот
kl погл. 16 стр. 150-159

Поглавје 16

Како можеш да се приближиш кон Бог

1. Какви сличности се очигледни во многу религии?

ЕДНА туристка која била во посета на една ориентална земја, била зачудена од религиозните ритуали што ги посматрала во некој будистички храм. Иако ликовите не биле на Марија или на Христос, голем број од ритуалите личеле на оние од нејзината црква во земјата каде што живеела. На пример, ја забележала употребата на бројници и пеењето на молитви. И други луѓе го забележале истото. И на Исток и на Запад, начините на коишто поклониците се трудат да се приближат кон Бог или на предметот на нивното обожавање, се очигледно слични.

2. Како се опишува молитвата, и зошто многу луѓе се молат?

2 Многумина вложуваат посебен напор да се приближат кон Бог преку молитва. Молитвата се опишува како „чин на комуникација на човекот со духовното или светото, имено со Бог, со боговите, со возвишеното подрачје или со натприродните сили“ (The New Encyclopædia Britannica). Меѓутоа, кога му пристапуваат на Бог во молитва, некои размислуваат само за личната корист од тоа. На пример, некој човек во една прилика запрашал еден Јеховин сведок: „Ако се молиш ти за мене, дали ќе бидат решени моите проблеми во семејството, на работа и со здравјето?“ Очигледно, човекот мислел така, но многумина се молат и увидуваат дека нивните проблеми и понатаму остануваат нерешени. Затоа, би можеле да прашаме: ‚Зошто воопшто би требало да се приближиме кон Бог?‘

ЗОШТО ДА СЕ ПРИБЛИЖИМЕ КОН БОГ

3. До кого треба да ги упатуваме нашите молитви, и зошто?

3 Молитвата не е некаков безначаен ритуал ниту само средство со кое се добива нешто. Главната причина зошто да му пристапуваме на Бог е за да имаме близок однос со него. Затоа, нашите молитви треба да ги упатуваме на Јехова Бог. „Близу е Господ до сите, кои . . . Го призиваат“ — рекол псалмистот Давид (Псалм 144:18). Јехова нѐ повикува да стапиме во мирољубив однос со него (Исаија 1:18). Оние кои се одѕиваат на овој повик, се сложуваат со псалмистот кој рекол: „А мене ми е добро да сум со [да му се приближам на, НС] Бога“. Зошто? Затоа што оние кои му се приближуваат на Јехова, ќе уживаат вистинска среќа и душевен мир (Псалм 72:28).

4, 5. а) Зошто е важно да се молиш на Бог? б) Каков однос можеме да изградиме со Бог преку молитвата?

4 Зошто треба да му се молиме на Бог ако тој ‚знае од што имаме нужда уште пред да сме Го помолиле‘ (Матеј 6:8; Псалм 138:4). Молитвата покажува дека имаме вера во Бог и дека го сметаме за Извор на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17; Евреите 11:6). На Јехова му се угодни нашите молитви (Изреки 15:8, НС). Нему му е драго да ги чуе нашите смисловни изрази на ценење и фалба, исто како што еден татко се радува кога ќе го чуе своето дете како кажува искрени изрази на благодарност (Псалм 118:108). Каде што постои добар однос меѓу таткото и детето, таму има и срдечна комуникација. Она дете кое е сакано, има желба да разговара со татка си. Истото важи и за нашиот однос со Бог. Ако навистина го цениме она што го учиме за Јехова и за љубовта што тој ја покажува кон нас, ќе имаме силна желба да му се отвориме во молитва (1. Јованово 4:16-18).

5 Кога му пристапуваме на Највишиот Бог, треба да имаме длабоко почитување, иако нема потреба да бидеме претерано загрижени околу самите зборови што ги употребуваме (Евреите 4:16). Секогаш имаме пристап до Јехова. А каква само предност е што можеме во молитва ‚да му го отвориме своето срце‘ на Бог! (Псалм 61:8). Ценењето кон Јехова води до срдечен однос со него, каков што уживал верниот Авраам како Божји пријател (Јаков 2:23). Но, кога му се молиме на Суверениот Господ на вселената, мораме да се потчиниме на неговите барања за да можеме да му пристапиме.

БАРАЊА ЗА ДА СЕ ПРИБЛИЖИМЕ КОН БОГ

6, 7. Иако Бог не бара пари за да ги услиши нашите молитви, сепак што бара од нас кога се молиме?

6 Дали ни се потребни пари за да му пристапиме на Бог? Многу луѓе им плаќаат на свештениците за да се молат за нив. Некои дури веруваат дека нивните молитви ќе бидат услишени сразмерно на прилозите што ги даваат. Меѓутоа, Божјата Реч не вели дека од нас се бараат парични прилози за да му пристапиме на Јехова во молитва. Неговите духовни подготовки и благословите од односот со него преку молитва се достапни бесплатно (Исаија 55:1, 2).

7 Тогаш, што е потребно? Едно од суштинските барања е исправниот став на срцето (2. Летописи 6:29, 30; Изреки 15:11). Мораме во срцето да имаме вера во Јехова Бог дека тој е ‚Слушач на молитви‘ и „наградувач на оние кои сериозно го бараат“ (Псалм 65:2; Евреите 11:6, обата НС). Мораме да имаме и понизно срце (4. Царства 22:19; Псалм 50:17). Во една од своите илустрации, Исус Христос покажал дека кога му пристапувале на Бог, покорниот даночник со понизен став во срцето се покажал поправеден од арогантниот фарисеј (Лука 18:10-14). Кога му пристапуваме на Бог во молитва, да запомниме дека „секој горделив по срце е одвратен пред Господа“ (Изреки 16:5а).

8. Од што мораме да се исчистиме ако сакаме Бог да одговори на нашите молитви?

8 Ако сакаме Бог да ни одговори на молитвите, мораме да се исчистиме од грешното однесување. Кога ученикот Јаков ги охрабрувал другите да се приближат кон Бог, тој додал: „Исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани!“ (Јаков 4:8). Дури и престапниците можат да стапат во мирољубив однос со Јехова, доколку се покајат и го напуштат нивниот поранешен начин на живот (Изреки 28:13). Не можеме да бидеме прифатени од Јехова ако само се преправаме дека духовно сме се исчистиле. „Очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови — кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние, кои прават зло“ — вели Божјата Реч (1. Петрово 3:12).

9. Преку кого треба да му пристапуваме на Јехова, и зошто?

9 Библијата наведува: „Нема праведник на земјата, кој прави добро и никако да не греши“ (Проповедник 7:20). Затоа, би можел да прашаш: ‚Тогаш, како можеме да му пристапиме на Јехова Бог?‘ Библијата одговара: „Ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, праведникот“ (1. Јованово 2:1). Иако сме грешници, можеме да му пристапиме на Бог со слобода на говор преку Исус Христос, кој умрел како откупнина за нас (Матеј 20:28). Тој е единствениот канал преку кого можеме да му пристапиме на Јехова Бог (Јован 14:6). Не смееме заслугата на Исусовата откупна жртва да ја примаме здраво за готово и намерно да правиме грев (Евреите 10:26). Меѓутоа, ако понекогаш згрешиме, и покрај тоа што вложуваме сериозен напор да се воздржуваме од она што е лошо, сепак можеме да се покаеме и да го замолиме Бог да ни прости. Кога му пристапуваме со понизно срце, тој ќе нѐ услиши (Лука 11:4).

ПРИЛИКИ ЗА РАЗГОВОР СО БОГ

10. Како можеме да го имитираме Исус кога станува збор за молитвата, и кои се некои од приликите за лична молитва?

10 Исус Христос многу го ценел својот однос со Јехова. Затоа, тој одвојувал време да разговара со Бог преку лична молитва (Марко 1:35; Лука 22:40-46). Би било добро да го имитираме Исусовиот пример и редовно да му се молиме на Бог (Римјаните 12:12). Прикладно е да го започнеме денот со молитва, а пред да појдеме в кревет, можеме со право да му благодариме на Јехова за дневната активност. Во текот на денот, постави си за цел да му пристапуваш на Бог „во секое време“ (Ефесјаните 6:18). Можеме да се молиме дури и во себе, знаејќи дека Јехова може да нѐ чуе. Личниот разговор со Бог ни помага да го зацврстиме нашиот однос со него, а секојдневната молитва ни помага да му се приближиме уште повеќе.

11. а) Зошто треба семејствата да се молат заедно? б) Што значи „Амин“ на крајот од молитвата?

11 Јехова ги слуша и молитвите што се изговорени во корист на групи луѓе (3. Царства 8:22-53). Можеме да се приближиме кон Бог како семејство, при што главата на семејството ќе го преземе водството во молитвата. Тоа ја зајакнува семејната врска, а Јехова станува реален за младите кога слушаат како нивните родители понизно се молат на Бог. А како е кога некој застапува цела група во молитва, можеби на некој состанок на Јеховините сведоци? Ако сме во публиката, треба внимателно да слушаме за да можеме на крајот на молитвата со цело срце да речеме „Амин“, што значи „Така нека биде“ (1. Коринтјаните 14:16).

МОЛИТВИ КОИ ЈЕХОВА ГИ УСЛИШУВА

12. а) Зошто Бог не услишува некои молитви? б) Зошто не треба да се концентрираме само на личните потреби кога се молиме?

12 Некои можеби мислат дека Бог не одговара на нивните молитви, иако му се молат преку Христос. Меѓутоа, апостол Јован рекол: „Ако просиме нешто по [Божјата] волја, Он нѐ послушува“ (1. Јованово 5:14). Затоа, треба да молиме во согласност со Божјата волја. Со оглед на тоа дека тој е заинтересиран за нашата духовна благосостојба, сето она што влијае врз нашата духовност е прикладна тема за молитва. Мораме да се спротивставуваме на искушението да се концентрираме само на телесните потреби. На пример, иако е исправно да молиме за увид и душевна сила за да поднесеме некоја болест, грижите околу здравјето не треба да ги истиснат духовните интереси (Псалм 40:1-3). Откако станала свесна дека е прекумерно загрижена за своето здравје, една христијанка го молела Јехова да ѝ помогне да има исправно гледиште за својата болест. Како резултат на тоа, нејзините здравствени проблеми станале многу помала грижа, а таа почувствувала дека ѝ била дадена „силата која е над она што е нормално“ (2. Коринтјаните 4:7, НС). Зајакнала нејзината желба да им биде од духовна помош на другите и така станала полновремен објавител на Царството.

13. Како што е покажано во Матеј 6:9-13, кои се некои прикладни теми што можеме да ги вклучиме во нашите молитви?

13 Што можеме да вклучиме во нашите молитви за да бидат радо услишени од Јехова? Исус Христос ги поучил своите ученици како да се молат. Во пример–молитвата, забележана во Матеј 6:9-13, тој изложил еден модел на теми за кои можеме со право да молиме. Што треба да биде од главен интерес во нашите молитви? Името на Јехова Бог и Царството мораат да имаат највисок приоритет. Прикладно е да молиме за нашите материјални потреби. Исто така, важно е да се молиме и за простување на нашите гревови, како и за ослободување од искушенијата и од злобниот, Сатана Ѓаволот. Исус не сакал да ја пееме таа молитва или да ја повторуваме секогаш одново и одново, рецитирајќи ја без да размислуваме за нејзиното значење (Матеј 6:7). Каков однос би бил тоа ако едно дете, секогаш кога му зборува на својот татко, ги употребува истите зборови?

14. Освен молби, какви молитви треба да кажуваме?

14 Освен молби и преколнувања од срце, треба да принесуваме и молитви на фалба и благодарност (Псалм 33:1; 91:1; 1. Солунјаните 5:18). Можеме да се молиме и за другите. Молитвите за нашите духовни браќа и сестри кои се ожалостени или прогонувани, го покажуваат нашиот интерес за нив, а на Јехова му е угодно да чуе како ја изразуваме таквата грижа (Лука 22:32; Јован 17:20; 1. Солунјаните 5:25). Всушност, апостол Павле напишал: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7).

ИСТРАЈ ВО МОЛИТВАТА

15. Што треба да запамтиме ако се чини дека нашите молитви остануваат неуслишени?

15 Иако сега стекнуваш спознание за Бог, можеби мислиш дека твоите молитви понекогаш остануваат неуслишени. Тоа би било случај затоа што можеби не е Божје време да одговори на некоја конкретна молитва (Проповедник 3:1-9). Јехова може да дозволи некоја ситуација да потрае извесно време, но тој ги услишува молитвите и знае кога е најдоброто време за тоа (2. Коринтјаните 12:7-9).

16. Зошто треба да истраеме во молитвата, и како може тоа да влијае врз нашиот однос со Бог?

16 Нашата истрајност во молитвата го открива нашиот најискрен интерес за она што му го велиме на Бог (Лука 18:1-8). На пример, можеме да го молиме Јехова да ни помогне да совладаме некоја слабост. Ако истраеме во молитвата и постапуваме во склад со нашите молби, ќе покажеме колку сме искрени. Во нашите молби треба да бидеме конкретни и искрени. Особено е важно да се молиме горливо кога доживуваме некакво искушение (Матеј 6:13). Додека продолжуваме да молиме, трудејќи се да ги контролираме своите грешни нагони, ќе видиме како Јехова ни помага. Тоа ќе ја изгради нашата вера и ќе го зајакне нашиот однос со него (1. Коринтјаните 10:13; Филипјаните 4:13, НС).

17. Каква корист ќе извлечеме ако имаме молитвен став при служењето на Бог?

17 Ако негуваме молитвен став при извршувањето на светата служба за Јехова Бог, ќе сфатиме дека не му служиме со наша сопствена сила. Јехова е тој кој ни дава сила за да му принесуваме служба (1. Коринтјаните 4:7). Свесноста за ова ќе ни помогне да бидеме понизни и ќе го збогати нашиот однос со Бог (1. Петрово 5:5, 6). Да, имаме здрави причини да истраеме во молитвата. Нашите искрени молитви и скапоценото спознание за тоа како да се приближиме кон нашиот небесен Татко полн со љубов, ќе ни го направат животот навистина среќен.

КОМУНИКАЦИЈАТА СО ЈЕХОВА НЕ Е ЕДНОСТРАНА

18. Како можеме да го слушнеме Бог?

18 Ако сакаме Бог да ги услиши нашите молитви, мораме да слушаме што кажува тој (Захарија 7:13). Тој повеќе не ги испраќа своите пораки преку божествено инспирирани пророци и сигурно не користи спиритистички средства (5. Мојсеева 18:10-12). Но, можеме да го слушнеме Бог ако ја проучуваме неговата Реч, Библијата (Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16, 17). Исто како што можеби треба да развиваме апетит за физичката храна која е добра за нас, така сме поттикнати и да ‚копнееме по нерасипаното млеко кое ѝ припаѓа на речта‘. Развивај апетит за духовната храна преку секојдневно читање на Божјата Реч (1. Петрово 2:2, 3, НС; Дела 17:11).

19. Каква корист ќе извлечеш ако медитираш за она што го читаш во Библијата?

19 Медитирај за она што го читаш од Библијата (Псалм 1:1-3; 76:11, 12). Тоа значи да размислуваш за материјалот. Ова би можел да го споредиш со варењето на храната. Духовната храна можеш да ја свариш на тој начин што прочитаното ќе го поврзеш со работите што веќе ги знаеш. Размисли како влијае тој материјал врз твојот живот, или размисли што открива тој за Јеховините особини и постапки. На тој начин, преку личната студија можеш да ја земаш духовната храна што ја дава Јехова. Тоа ќе те приближи кон Бог и ќе ти помогне да излезеш на крај со секојдневните проблеми.

20. Како ни помага посетувањето на христијанските состаноци да се приближиме кон Бог?

20 Можеш да се приближиш кон Бог и така што ќе ја слушаш неговата Реч која се дискутира на христијанските состаноци, исто како што Израелците внимателно слушале кога се собирале да го чујат јавното читање на Божјиот Закон. Подучувачите од тоа време го објаснувале она што го читале од Законот и со тоа им помагале на своите слушатели да го разберат и да бидат поттикнати да го применуваат она што го чуле. Тоа доведувало до голема радост (Неемија 8:8, 12). Затоа, нека ти биде навика да присуствуваш на состаноците на Јеховините сведоци (Евреите 10:24, 25). Таа ќе ти помогне да го разбереш, а потоа и да го применуваш спознанието за Бог во својот живот, и ќе ти донесе среќа. Ако бидеш дел од светското христијанско братство, тоа ќе ти помогне да останеш близу до Јехова. А како што ќе видиме, меѓу Божјиот народ можеш да најдеш вистинска сигурност.

ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ

Зошто треба да се приближиш кон Јехова?

Кои се некои од барањата за да се приближиме кон Бог?

Што можеш да вклучиш во своите молитви?

Зошто треба да истраеш во молитвата?

Како можеш денес да го слушаш Јехова?

[Слика на целата страница 157]

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели