Успешни семејства — втор дел
Како што беше изнесено во рубриката „Успешни семејства — прв дел“, библиските начела можат да им помогнат на семејствата да останат цврсти и стабилни во тешки времиња.a На секој што живее според неговите мерила, Јехова Бог му ветува: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (Псалм 32:8).
Кога има финансиски проблеми. Парите честопати се главна причина за големи брачни расправии. Но, библиските начела можат да им помогнат на семејствата да гледаат исправно на финансиските проблеми. Исус рекол: „Не бидете загрижени за својот живот, што ќе јадете или што ќе пиете, или за своето тело, што ќе облечете... Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“ (Матеј 6:25, 32).
На 23. страница, Исахар од САД раскажува како тој и неговото семејство се соочиле со финансиски тешкотии откако ураганот Катрина го уништил нивниот дом.
Кога е болен некој во семејството. Сите луѓе се разболуваат. Честопати, болеста трае само извесно време и болниот брзо закрепнува. Но, што ако некој од семејството има хронична болест? Библијата вели дека Јехова може да ги поткрепи оние што лежат болни в постела (Псалм 41:1-3). Како може семејството да биде средство преку кое Јехова ја обезбедува таа грижа?
На 24. страница, Хајиме, еден оженет човек од Јапонија, раскажува како тој и неговите ќерки заеднички се грижат за жена му Норико откако се разболела од една тешка болест.
Кога ќе ти почине дете. Смрт на дете е една од најголемите трагедии за едно семејство. Јехова ветува дека ќе ги избрише солзите што се леат од тага поради една таква тешка загуба (Откровение 21:1-4). Уште денес тој им дава утеха на ужалените (Псалм 147:3).
На 25. страница, Фернандо и Дилма од САД раскажуваат како Библијата им дала сила да се справат со смртта на нивната штотуку родена ќеркичка.
Библијата е сигурен водич за семејствата што минуваат низ тешки периоди, како што ќе ни покажат искуствата на следниве страници.
[Фуснота]
a Види на страници 14-17 од ова списание.
[Рамка/слики на страница 23]
Кога има финансиски проблеми
Раскажал Исахар Николс од САД
„Ураганот Катрина го уништи нашиот дом, оставајќи од него само една бетонска плоча. Училиштето во кое работев беше поплавено еден и пол месец“
ЛЕТОТО 2005 год., мојата жена Мишел и јас, заедно со нашата двегодишна ќерка Сидни, живеевме во Беј Сент Луис (Мисисипи, САД). Како Јеховини сведоци, Мишел и јас имавме цел да учествуваме што повеќе во христијанската служба. Држев стручни курсеви, и училиштето во кое предавав се наоѓаше во блискиот Њу Орлеанс (Луизијана). Работев по три дена во седмицата, па ми остануваше многу време за да ги поучувам другите за Библијата. Сѐ ни беше средено во животот. Но, еден ден јавија дека ураганот Катрина ќе го погоди нашиот крај. Веднаш направивме подготовки за евакуација.
Кога помина бурата, нашиот дом во Беј Сент Луис повеќе го немаше, а и училиштето во кое предавав во Њу Орлеанс повеќе не работеше. Со парите од осигурувањето и од владата зедовме стан под кирија, но ми беше тешко да најдам стабилна работа. Освен тоа, поради загадената вода, жена ми доби вирусна инфекција. Тоа ѝ го ослабна имунитетот, па се зарази и со уште еден вирус преку убод од комарец. Во меѓувреме, трошоците за живот и за осигурување се зголемуваа.
За да се прилагодиме на новата ситуација, научивме да бидеме поштедливи, дури и кога беа во прашање најосновните работи. Јас морав да бидам помалку пребирлив кога барав работа.
Признавам дека не ни беше лесно што изгубивме сѐ. Но, бевме благодарни што останавме живи. Освен тоа, сѐ што доживеавме ни потврди дека материјалните работи немаат трајна вредност. Всушност, се потсетивме на Исусовите зборови: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).
Исто така, сфативме дека, колку и да ни е тешко поради загубата што ја претрпевме, имаше многу луѓе што изгубија уште повеќе — а некои го изгубија дури и животот. Затоа, веднаш по несреќата, се вклучив во акциите за спасување, во кои можев и да ги тешам оние што претрпеле некаква загуба.
Низ тој тежок период, особено нѐ тешеа зборовите од Псалм 102:17. Таму пишува дека Јехова Бог „ќе обрне внимание на молитвата на оние што останаа без ништо, и нема да ја презре нивната молитва“. Ние како семејство ја почувствувавме неговата поддршка!
[Рамка на страница 23]
Откако ураганите Катрина и Рита го погодија Мексиканскиот Залив на САД во 2005 год., Јеховините сведоци веднаш основаа 13 центри за помош, 9 складишта со градежна опрема и 4 пунктови за снабдување со гориво. Речиси 17.000 Сведоци од сите делови на САД и од 13 други земји доброволно дојдоа за да помогнат. Тие поправија илјадници домови.
[Рамка/слики на страница 24]
Кога е болен некој во семејството
Раскажал Хајиме Ито од Јапонија
„Омилено ни беше заедно да готвиме — сѐ додека Норико не се разболе. Сега таа не може ниту да јаде ниту да пие преку устата, а не може дури ни да зборува. Мора да лежи во инвалидска количка и дише преку респиратор“
ВО МАЈ 2006 год., кај жена ми Норико се јавија проблеми во зборувањето. Тоа лето стана проблематично дури и да јаде и да пие. Во септември се утврди дека има амиотрофна латерална склероза (АЛС) — прогресивна болест што ги напаѓа нервните клетки на малиот и на ’рбетниот мозок. За само четири месеци, животот сосема ни се промени. А тоа беше само почеток на нејзините проблеми.
По некое време, на Норико ѝ се парализираа јазикот и десната рака. Затоа ѝ направија една интервенција наречена гастростомија, и сега се храни преку цевка. Ѝ направија и трахеостомија — хируршки отвор во душникот за да може да влегува воздух — но оттогаш воопшто не може да зборува. Јасно ми е дека на Норико ѝ беше многу тешко, бидејќи таа отсекогаш беше многу енергична и активна. Ние сме Јеховини сведоци, па Норико и нашите ќерки беа во полновремена христијанска служба. Сега Норико дише само со помош на респиратор и е врзана за кревет.
Сепак, ништо не може да ја запре! На пример, присуствува на христијанските состаноци во инвалидска количка, поврзана со респираторот. Слухот ѝ е влошен, па затоа едната ќерка запишува мисли од состанокот со големи букви за да може Норико да извлече целосна корист од програмата. Иако мораше да прекине со полновремената служба, Норико сѐ уште им пишува писма на луѓето и им ја пренесува библиската порака користејќи специјална опрема вградена во нашиот компјутер (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1-4).
Сите ние како семејство се грижиме за неа. И двете ќерки си најдоа нова работа за да можат повеќе време да помагаат дома. Сега ние тројцата ги извршуваме многуте домашни работи што претходно ги вршеше таа.
Понекогаш, кога наутро ќе ја погледнам, Норико ми изгледа уморна. Си помислувам: ‚Би сакал да ѝ кажам да не се заморува многу денес‘. Но, таа сака да им ја пренесе на другите библиската порака. Кога ќе почнам да ѝ го подготвувам компјутерот, очите ѝ светнуваат од радост! Кога пишува, состојбата ѝ се подобрува! Сфатив колку е добро ‚секогаш да се биде зафатен во делото на Господарот‘ (1. Коринќаните 15:58).
Искуството на Џејсон Стјуарт кој има АЛС, објавено во Разбудете се! од јануари 2006 год., многу ѝ помогна на Норико да не падне во очај. Всушност, кога вработените во болницата ѝ се чудеа што е толкав оптимист, таа им кажа за статијата, и на сите им дадовме по еден примерок од тоа списание. Жена ми многу се охрабрува кога им зборува на другите за својата вера.
Норико и јас сме во брак 30 години, но во изминативе три години почнав да ценам кај неа некои работи што претходно ги земав здраво за готово. Многу сум среќен што сум оженет со неа!
[Рамка/слики на страница 25]
Кога ќе ти почине дете
Раскажале Фернандо и Дилма Фреитас од САД
„Не може да се искаже колку е тешко да ти умре дете. Нема поголема болка од тоа“
НАШАТА ќерка, Мила, почина на 16 април 2006 год. Имаше само десет дена. Некаде во третиот месец од бременоста, се утврди дека нашето неродено дете има сериозен проблем со срцето. Додека наближуваше денот да се роди, стана очигледно дека ќе умре кратко по породувањето — ако воопшто остане живо. Ни беше многу тешко да се помириме со тоа. Имавме три здрави деца и не можевме да поверуваме дека нашето бебенце ќе умре.
Откако се роди Мила, еден искусен специјалист во областа на хромозомски аномалии дијагностицираше кај неа една ретка болест наречена тризомија 18, која погодува само 1 од 5.000 бебиња. Беше јасно дека таа нема да живее долго. Се чувствувавме сосема беспомошни затоа што не можевме да направиме ништо. Единствено што можевме беше да бидеме со неа во она кратко време додека беше жива. Тоа и го сторивме.
Многу сме благодарни за десетте дена што ги поминавме со Мила. За тоа време, ние и нашите три ќерки се приврзавме кон неа. Ја држевме, ѝ зборувавме, ја гушкавме, ја бакнувавме и многу ја сликавме. Зборувавме дури и за тоа на кого личи најмногу. Специјалистот што ја утврди нејзината болест нѐ посетуваше во болницата секој ден. Тој плачеше со нас и ни кажа дека многу му е жал. Дури и ја црташе Мила додека разговараше со нас за да се сеќава на неа. Еден цртеж ни даде и нам.
Бидејќи сме Јеховини сведоци, потполно веруваме дека, како што пишува во Библијата, Бог ќе ги обнови рајските услови на Земјата и дека едвај чека да ги врати во живот на Земјата оние што умреле — вклучувајќи ги и бебињата како нашата Мила (Јов 14:14, 15; Јован 5:28, 29). Со радост го очекуваме денот кога ќе ја држиме в раце и пак ќе ја гушкаме. Секогаш кога ќе го чуеме зборот „рај“, таа надеж нѐ охрабрува! Дотогаш, се тешиме со мислата дека Мила е во Божјето сеќавање и повеќе не страда (Проповедник 9:5, 10).