Поддршка која многу значи
„МОРАВ да се борам со стравот од смртта и со периоди на депресија“, раскажува Вирџинија, Јеховин сведок од Аргентина. Таа претрпела радикална мастектомија и отстранување на двата јајника во нејзината борба против ракот на дојката.a
Навистина, општ е стравот од смрт како последица на рак на дојката. Тој страв, придружен со стравот поради неспособноста и губитокот кој е тесно поврзан со женственоста и способноста за негување може да создаде емоционален пустош во животот на една жена. Несовладливите чувства на изолираност можат брзо да предизвикаат таа да западне во состојба на длабок очај. Како може да биде поштедена од таквиот емоционален притисок?
Потребата од поддршка
„Потребна ѝ е поддршка!“, одговара Џоан од САД. Мајка ѝ и баба ѝ биле жртви на рак на дојката, а сега и таа се соочува со истиот проблем. Тоа е време кога лојалните членови на семејството и пријателите можат да дадат утешна поддршка и помош. Сопругот на Џоан, Тери, станал нејзин силен позитивен бранител. Тери објаснува: „Мојата положба, како што јас ја гледав, беше да влијаам смирувачки. Ѝ бев потребен на Џоан за да ѝ помогнам да донесува одлуки за нејзиното лекување кои ќе ѝ дадат сигурност и сила да се бори и да не се предава. Моравме да научиме да се бориме со нејзиниот страв од операција од рак, и јас се трудев да внимавам во нашите дискусии со лекарите да разговараме за нејзините прашања и стравови“. Тери додал: „Можеме тоа да го сториме за нашите семејства и за другите христијани кои немаат поддршка од семејството. Можеме да бидеме нивни очи, уши и глас пред медицинскиот персонал“.
Посебно внимание треба да им се посвети на оние кои се самци или овдовени. Дијана од Австралија ни кажува: „Кога пред пет години ми почина сопругот после операција од рак, моите деца ми помогнаа да ја исполнам празнината. Тие беа љубезни, но не и преемотивни. Тоа ми даде сила и сѐ се случи брзо и смирено“.
Ракот на дојката емоционално влијае врз целото семејство. Затоа на сите им е потребна љубезна грижа и поддршка од другите (особено од нивните духовни браќа и сестри доколку се Јеховини сведоци).
Ребека од САД, чија мајка се борела против рак на дојката, објаснува: „Собранието ти е пошироко семејство, и нивните постапки имаат огромно влијание врз твоите емоции. Иако многумина лично не се сложуваа со неконвенционалното лекување кое мајка ми го избра, тие ни дадоа емоционална поддршка преку телефон и посети. Некои дури доаѓаа и ни помагаа да ја подготвуваме нејзината специјална исхрана. Старешините се погрижија да бидеме телефонски поврзани со собранието за никогаш да не ги пропуштиме состаноците. Собранието испрати дури и картичка со паричен подарок“.
Џоан признава: „И ден-денес, кога ќе помислам на љубовта што моите духовни браќа и сестри ја покажаа, ми се ежи кожата. Седум седмици по пет дена во седмицата, моите љубезни сестри се менуваа да ме возат на терапија до болницата и назад. А тоа беше пат од по 150 километри во двата правца! Многу сум му благодарна на Јехова за богатиот благослов на тоа христијанско братство!“
Друг начин на кој можеме сите ние да дадеме охрабрување и поддршка е преку нашите изградувачки коментари. Треба да бидеме претпазливи да не нанесеме ненамерна болка ако постојано зборуваме за негативни работи. Џун од Јужна Африка објаснува: „Не може да се очекува некој кој немал рак да го каже токму она што е потребно. Во мојот случај мислев дека е подобро другите да не споменуваат случаи на рак освен ако се позитивни“. Норико од Јапонија се согласува: „Ако слушнам искуство за некој кој оздравел и болеста не му се појавила повторно, тогаш и јас се надевам дека можеби ќе бидам како него“.
Запомнете дека некои жени не би сакале да зборуваат постојано за своето здравје. Но други, заради нивно добро, имаат потреба да разговараат за своето искуство со ракот на дојката, особено со оние кои им се блиски. Како да се знае што е најкорисно да се прави? Хелен од САД предлага: „Прашај ја дали сака да разговара за тоа и дозволи да зборува“. Да, „биди спремен да слушаш“, вели Ингелизе од Данска. „Едноставно биди покрај неа за да не биде сама со своите тажни мисли“.
Да се работи за да се има позитивно гледиште
Терапијата на рак на дојката може да го исцрпува и изморува пациентот со недели, месеци или години. Едно од најголемите искушенија за жена со рак на дојката можеби е соочувањето со фактот дека таа не може повеќе да работи како некогаш. Да се помири со ограничувањата на нејзиното тело ќе значи да биде урамнотежена во своите активности и да се одмора во текот на денот.
Кога ќе падне во депресија, потребно е брзо да се преземат мерки за да се задржи позитивен став. Норико го раскажува своето искуство: „Како резултат од лекувањето со хормони западнав во депресија. Во таква состојба не можев да ги вршам работите кои сакав да ги вршам, и почнав да се чувствувам бескорисна за Јехова и во христијанското собрание. Како што моето размислување стануваше сѐ понегативно, во мислите ми доаѓаа последните моменти на страдање на оние од моето семејство кои умреа од рак. Ќе ме обземеше страв додека се прашував: ‚Можам ли и јас да го поднесам сето ова како нив?‘“
Норико продолжува: „Во тоа време се потрудив да престанам да размислувам за тоа така што ги користев публикациите на Јеховините сведоци за да се натерам да размислувам како Јехова гледа на нашето постоење. Научив дека божествената оддаденост не се покажува преку квантитетот на извршената работа, туку преку мотивот зошто некоја работа се извршува. Бидејќи сакав Јехова да се радува на состојбата на моето срце и моето размислување, одлучив да му служам со радост и со цела душа, па дури и ако помалку учествувам во христијанската служба“.
Долгорочната несигурност на многу жени кои се борат против рак на дојката може да има тенденција да го поткопа позитивното гледиште. Дијана објаснува дека она што најмногу ѝ помогнало било тоа што го полнела срцето и умот со сите убави работи кои Јехова Бог ѝ ги дал: „Моето семејство, пријателите, убавата музика, гледањето во моќното море и прекрасните зајдисонца“. Таа посебно охрабрува: „Кажувај им на другите за Божјето Царство. И развивај вистински копнеж по условите кои ќе преовладуваат на Земјата под Царството, каде нема повеќе да има болест!“ (Матеј 6:9, 10).
Исто така и Вирџинија црпе сила за борба со нејзината депресија така што медитира за нејзината цел во животот: „Сакам навистина да живеам затоа што имам да работам нешто многу скапоцено“. А за периодите кога ќе се појават критични моменти и страв, таа вели: „Имам потполна доверба во Јехова и знам дека тој никогаш нема да ме напушти. И размислувам за библискиот стих во Псалм 114:9 кој ме уверува дека ‚ќе одам со благодарност пред лицето на Господа во земјата на живите‘“.
Сите овие жени својата надеж ја ставиле на Богот на Библијата, Јехова. Во библиската книга 2. Коринтјаните, во 1. поглавје, стиховите 3 и 4, Јехова е наречен „Бог на секоја утеха, Кој нѐ утешува при секоја наша мака“. Дали Јехова ја испружува својата рака за да им даде поддршка на оние на кои им е потребна утеха?
Миеко од Јапонија одговара: „Уверена сум дека, ако останам во неговата служба, ќе добијам Јеховина силна утеха и помош“. Јошико исто така ни кажува: „Иако луѓето можеби не го разбираат моето страдање, Јехова знае сѐ и јас сум убедена дека тој ми помогнал според моите потреби“.
Џоан вели: „Молитвата има моќ да те подигне од очај и да те врати на нозе. Кога ќе помислам на големото излекување што Исус го вршел на Земјата и на комплетното излекување што ќе го направи во новиот свет, колку само ме утешуваат тие зборови!“ (Матеј 4:23, 24; 11:5; 15:30, 31).
Можете ли да си замислите свет без рак на дојката, всушност, без никакви болести? Тоа ветување го дал Богот на секоја утеха, Јехова. Исаија 33:24 зборува за време кога никој на Земјата нема никогаш да рече дека тој или таа е болен. Таа надеж наскоро ќе се оствари кога Божјето Царство под неговиот Син, Исус Христос, потполно ќе завладее на Земјата, бришејќи секаква причина за болест, тага и смрт! Зошто да не прочитате за таа прекрасна надеж во Откровение 21:3 до 5? Бидете храбри да се соочите со иднината, со поддршката која дава вистинска утеха.
[Фуснота]
a Јајниците се главниот извор на естроген кај жените во периодот на предменопауза.