ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 12/09 стр. 24-27
  • Што ми помогна да не го сакам војувањето

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Што ми помогна да не го сакам војувањето
  • Разбудете се! 2009
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Како посакав да станам војник
  • Вистинското лице на војната
  • Војувањето ми стана опсесија
  • Најдов подобра смисла во животот
  • Го величам мирот наместо војната
    Разбудете се! 2001
  • Немав цел, но најдов смисла во животот
    Разбудете се! 1996
  • Музиката, дрогата и пиењето беа мојот живот
    Разбудете се! 1997
  • Напрегањето на Јеховиниот пат е нашата сила и радост
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
Повеќе
Разбудете се! 2009
g 12/09 стр. 24-27

Што ми помогна да не го сакам војувањето

Раскажал Томас Стабенвол

РОДЕН сум на 8 ноември 1944 год. во Њујорк. Пораснав во Јужен Бронкс, област која во тоа време беше поделена на расни енклави. Како дете, минував многу време на улица и брзо научив да ги почитувам територијалните граници на различните етнички банди. Овие банди сееја страв затоа што се занимаваа со криминал и беа многу насилни.

На 12 години и самиот веќе бев член на банда. Се викавме „Черепи“. Јас и моите другари од бандата провалувавме во товарни вагони и крадевме пакети со путер од кикиритки и други прехранбени производи. Бандите со повозрасни момчиња правеа уште полоши работи. Меѓу таквите банди имаше многу крвави пресметки. Еднаш, еден мој добар другар пред мои очи беше избоден до смрт.

Како посакав да станам војник

Животот што го водев како член на банда не ме правеше вистински среќен. По извесно време, сакав да се иселам од градот. Вујко ми Еди се врати од Корејската војна, каде што служеше во воената морнарица на САД. Бев одушевен од она што ми го раскажуваше за маринците. Дознав дека секој маринец е дисциплиниран водач и издржлив војник обучен одлучно да дејствува. Мотото на маринците, Semper fidelis, што на латински значи „секогаш верен“, го отсликува нивното длабоко чувство на лојалност и оддаденост. Оттогаш моја животна желба беше да бидам вешт маринец.

На 8 ноември 1961 год., кога наполнив 17 години, се пријавив да станам маринец. За помалку од четири месеци, ја поминав обуката во воениот камп за маринци. Со тоа започна мојата 11-годишна кариера во армијата.

Во редовите на армијата стапив додека немаше војна. Сепак, еден маринец мора постојано да тренира. Најпрво бев испратен на Оаху (Хаваи), каде што две години добивав интензивна обука за тактиките на пешадијата и на герилското војување. Станав одличен стрелец и од 450 метри можев да го погодам центарот на мета со пречник од 25 сантиметри. Добив обука за боречки вештини, експлозиви, читање мапи, минирање и воспоставување радиоврски. Уживав во секој момент.

По обуката на Хаваите, бев испратен на мисија во Јапонија. Мојата задача беше да се грижам за подводното оружје во воената база во Ацуги. По кратко време односите помеѓу САД и Северен Виетнам се заострија, и бев испратен да служам како дел од одредот на маринците на носачот на авиони, УСС Рејнџер. Појдовме од заливот Тонкин и се придруживме во воздушните напади врз Северен Виетнам. Конечно, бев дел од една права војна. Сепак, бидејќи бев на брод, сметав дека ја пропуштам вистинската возбуда што ја носи војната на копно.

Вистинското лице на војната

Пролетта 1966 год., додека служев на Рејнџер, ми истекоа четирите години воена служба и добив дозвола да ја напуштам армијата. Повеќето војници на мое место со задоволство ќе се вратеа дома за да го избегнат крвопролевањето што следеше. Но, како оддаден маринец и професионален војник, не ни помислував да се повлечам. Решив повторно да се пријавам.

Сакав да се борам — за тоа бев обучуван. Па, така се пријавив да служам во пешадијата. Не ми беше важно каде служам, сѐ додека бев дел од пешадијата на воената морнарица на САД. Моја животна цел беше да бидам маринец, а војната стана мој бог.

Во октомври 1967 год., бев испратен во Виетнам. Бев полн со трема и возбуда кога нѐ префрлија во првите борбени редови во провинцијата Кван Три. Не помина ни ден, и веќе се најдов среде крвава битка. Бев опкружен со убиени и ранети војници. Непријателските куршуми летаа околу мене. Единствена заштита ми беа неколкуте грмушки. Почнав да пукам. Тоа беше вистински ужас. Мислев дека ќе умрам. Конечно, битката заврши. Јас преживев, но не и војниците што помогнав да ги вратиме назад во базата.

Следните 20 месеци, учествував во најкрвавите судири од целата Виетнамска војна. Седум дена во седмицата, речиси 24 часа на ден или пукав или пукаа на мене, или поставував заседа или ми поставуваа заседа. Поголемиот дел од времето, пукав засолнет во дупки кои брзо се претвораа во калливи јами кога ќе заврнеше дожд. Понекогаш ми беше ладно и страшно неудобно. Во такви дупки и јадев и спиев.

Поради операциите од типот „пронајди и уништи“ постојано влегував и излегував од запурната џунгла и секогаш постоеше опасност некој од непријателските војници да ми скокне од грмушките. Понекогаш со часови татнеа експлозии околу мене. Во битката што се водеше близу Ке Сан, околу 75 отсто од војниците од мојот вод беа повредени или убиени. Преживеавме само 13 души.

На 30 јануари 1968 год. конечно се најдов во воената база, каде што за првпат после една година спиев под шатор. Оваа релативна удобност траеше кратко, бидејќи следното утро ме разбуди заглушувачка експлозија од минофрлач. Бев ранет. Неколку шрапнели ми се зарија во рамото и грбот. Тоа утро непријателските сили започнаа масовна инвазија.

Поради повредите, бев одликуван со медалот Пурпурно срце, но овие повреди не беа доволно сериозни за да ме спречат да се борам. Лекарите ми ги извадија шрапнелите и, по кратко време, тргнав на пат за градот Хуе, каде што се водеше една од најжестоките битки. Бев вистинска машина за убивање. Непријателските војници ги решетав без око да ми трепне. Цели 32 дена одев од куќа до куќа гонејќи го и убивајќи го непријателот.

Во тоа време, немав никаква грижа на совест за она што го правев. Си мислев: ‚Непријателот и онака убива илјадници невини мажи, жени и деца во градот Хуе. Улиците се послани со безброј тела. На секој чекор има нагазни мини — дури и под лешевите. Постојано сме им мета на снајперистите‘. Ништо не ме плашеше. За мене беше сосема исправно да ги убивам непријателите.

Војувањето ми стана опсесија

Некое време по битката кај Хуе, завршив со мојата 13-месечна воена должност. Меѓутоа, војната сѐ уште беснееше и јас сакав да продолжам да се борам. Затоа, се пријавив да останам во Виетнам уште еден рок. Дотогаш веќе бев водник и добив посебна задача да водам одред од маринци низ малите селца во внатрешноста на земјата. Таму соработувавме со цивилите и ги обучувавме како да се заштитат. Постојано бевме на штрек, бидејќи непријателот честопати ќе се измешаше со локалното население. Ноќе се движевме многу тивко додека ги гоневме, ги фаќавме и ги убивавме непријателските војници. Иако тоа ме правеше многу напнат, мојата љубов кон војната постојано растеше.

Вториот рок во Виетнам ми мина многу брзо. Повторно побарав дозвола да останам на бојното поле, но овојпат претпоставените не ми дозволија, најверојатно затоа што забележале дека војувањето ми стана опсесија. Сепак, тоа не беше крај на мојата кариера како маринец. Бев испратен во САД за да ги обучувам новите регрути. Оваа служба ја вршев три и пол години. Имав насобрано големо искуство што сакав да го споделам со регрутите и давав сѐ од себе за да му помогнам на секого од нив да стане воена машина како мене.

Најдов подобра смисла во животот

Еден колега на работа ми стана добар пријател. Жена му само што го беше оставила. Неговата сестра, Кристин Антисдел, која кратко време пред тоа станала Јеховин сведок, му предложи да живее кај него и да му помага околу грижата за неговите две мали деца. Тогаш првпат во животот чув за Сведоците.

Бев воспитан како католик и осум години посетував католичко училиште. Дури и служев во црквата како министрант. Сепак, не знаев речиси ништо за Библијата. Кристин ми помогна да го исправам тоа. Таа ме запозна со некои библиски вистини за кои никогаш порано немав слушнато. Дознав што навистина учи Библијата, а што не.

На пример, дознав дека Библијата не учи дека Бог ги казнува луѓето во пеколен оган по смртта (Проповедник 9:5, 10). Таа не учи дека Бог е дел од некакво тројство (Јован 14:28). Она што го учи Библијата е дека Бог ќе ги отстрани злобата, болката и смртта и дека послушните луѓе ќе живеат засекогаш во рајот на Земјата (Псалм 37:9-11; Откровение 21:3, 4). Ја дознав и вистината за Божјите морални мерила (1. Коринќаните 6:9, 10). Научив дека Бог има име — Јехова (Псалм 83:18). Сето тоа ме одушеви!

Во ноември 1972 год., бев префрлен во друга база, каде што требаше да им помогнам на подофицерите да стекнат воени вештини. Таму почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Одев на состаноци и бев одушевен од пријателската атмосфера и вистинското братство меѓу Сведоците.

Но, колку повеќе учев за Библијата, толку повеќе ме измачуваше совеста. Вистините од Божјата реч се косеа со мојот начин на живот. Животот го имав посветено на унапредување на националистичките интереси преку војување и насилство — работи што Бог ги мрази.

Заклучив дека не можам да бидам маринец и истовремено да му служам на Јехова Бог. Од тој момент, мојата љубов кон војната згасна. Решив да прекинам со професијата. Со месеци морав да вадам документи, да одам на интервјуа и на психијатриски прегледи за да бидам ослободен од должноста, но овој пат поради приговор на совеста. Со тоа заврши мојата 11-годишна служба во воената морнарица.

Сега можев со чист образ да му ги кажам на Јехова зборовите од Исаија 6:8: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ Бев спремен да ги трошам силата и ревноста за да му служам на вистинскиот Бог, а не да служам во воената морнарица. Се крстив како Јеховин сведок на 27 јули 1973 год. Пет месеци подоцна, се оженив со Кристин Антисдел, првиот Сведок што го запознав.

Во текот на овие 36 години брак, јас и Кристин го посветивме својот живот за да им помагаме на другите да дознаат повеќе за Библијата и да станат блиски со Бог. Осум години служевме како мисионери во Доминиканската Република. Последниве 18 години служам како патувачки проповедник. Јас и жена ми посетуваме стотици собранија на Јеховините сведоци од шпанско говорно подрачје низ целата територија на САД.

До ден-денес, не памтам дека сум имал психички или емоционални проблеми поради војните во кои сум се борел. Не сум страдал од трауми од битките, непријатни спомени или кошмари. Сепак, откако се зближив со Јехова Бог, искрено жалам што одзедов човечки животи за време на војната.

Направив голема промена, но мило ми е што го сторив тоа. Имам чувство дека Бог ми простил за она што го правев во минатото. Наместо да оздемам животи, сега мојата цел е да им помогнам на луѓето да стекнат надеж за вечен живот во рај на Земјата. Како маринец, постапував во незнаење, воден од погрешно насочена ревност. Како Јеховин сведок, знам што учи Библијата и ме води цврстата увереност дека постои еден вистински и жив Бог кој многу нѐ сака и дека на крајот, на оние што му се послушни и го сакаат ќе им се случуваат само добри работи.

[Истакната мисла на страница 25]

Седум дена во седмицата, речиси 24 часа на ден или пукав или пукаа на мене, или поставував заседа или ми поставуваа заседа

[Истакната мисла на страница 27]

Откако се зближив со Јехова Бог, искрено жалам што одзедов човечки животи за време на војната

[Слики на страница 24]

Додека ги обучував новите регрути (горе) и како пешадинец во Виетнам (лево)

[Слика на страница 25]

Поради повредите, бев одликуван со медалот Пурпурно срце, но овие повреди не беа доволно сериозни за да ме спречат да се борам

[Слика на страница 26]

Во текот на овие 36 години брак, јас и Кристин го посветивме својот живот за да им помагаме на другите да дознаат повеќе за Библијата

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели