Животна приказна
Напрегањето на Јеховиниот пат е нашата сила и радост
РАСКАЖАЛ ЛУИЏИ Д. ВАЛЕНТИНО
„Тоа е патот, одете по него“, опоменува Јехова (Исаија 30:21). Следењето на овој совет ми беше цел уште од времето кога се крстив, пред 60 години. Оваа цел ми беше поставена уште рано преку примерот на моите родители, имигранти од Италија, кои се населиле во Кливленд (Охајо, САД), во 1921. Таму изгледаа три деца — мојот постар брат Мајк, помалата сестра Лидија и мене.
МОИТЕ родители испитувале различни религии, но на крајот разочарани се откажале. Потоа, еден ден во 1932, татко ми слушал една радиопрограма на италијански. Тоа била емисија на Јеховините сведоци, и на татко ми му се допаднало тоа што го чул. Пишал писмо барајќи повеќе информации, па нѐ посети еден Сведок Италијанец од главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). По една жива дискусија, која траеше сѐ до зори, моите родители беа убедени дека ја пронашле вистинската религија.
Татко ми и мајка ми почнаа да ги посетуваат христијанските состаноци и својот дом го отворија за патувачките надгледници. Иако уште бев дете, овие мажи ми дозволуваа да ги придружувам во делото на проповедање. И така почнав да размислувам да му служам на Јехова полновремено. Еден таков посетител беше Кери В. Барбер, сега член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Набрзо, во февруари 1941, се крстив на 14 годишна возраст, а во 1944 почнав да служам како пионер во Кливленд. Мајк и Лидија исто така го прифатија патот на библиската вистина. Мајк му служеше на Јехова сѐ до својата смрт, а Лидија 28 години го придружуваше својот сопруг Харолд Виднер во патувачката служба. Денес тие служат како специјални полновремени министри.
Затворот ја продлабочува мојата решеност да се напрегам
Во почетокот на 1945, се најдов во федералниот затвор Килкот во Охајо бидејќи мојата библиски школувана совест ме поттикна да постапам во согласност со Исаија 2:4, каде што се зборува за прековување на мечевите во плугови. Едно време, затворските власти им дозволувале на затворените Сведоци да имаат ограничена количина библиска литература што ја издаваат Јеховините сведоци. Меѓутоа, Сведоците од едно собрание во близината им помагале. Понекогаш, во нивите близу до затворот ќе фрлеле по неколку публикации. Следното утро, кога затворениците биле носени на работните места, ги барале тие публикации и потоа успевале да ги внесат во затворот. Во времето кога стигнав јас, ни беше дозволено да имаме повеќе литература. Сепак, научив повеќе од кога и да било порано да ја ценам духовната храна што ја обезбедува Јехова — лекција на која сѐ уште се потсетувам секојпат кога ќе добијам ново издание од Стражарска кула или Разбудете се!
Иако ни беше дозволено во затворот да ги одржуваме собраниските состаноци, на оние што не беа Сведоци не им беше дозволено да присуствуваат. Сепак, некои затворски службеници и затвореници доаѓаа тајно, а неколку од нив дури ја прифатија вистината (Дела 16:30-34). Посетите од брат А. Х. Мекмилан беа извонреден извор на утеха. Тој секогаш нѐ уверуваше дека времето што го минуваме в затвор не е залудно бидејќи нѐ обучува за идните доделби. Тој драг постар брат ми го трогна срцето и ја продлабочи мојата решеност да чекорам по Јеховиниот пат.
Добивам придружник
Со завршувањето на II светска војна затворската капија се отвори и продолжив со пионерењето, со полновремената служба. Но, во 1947 умре татко ми. За да го издржувам семејството најдов световна работа, а исто така се оспособив да правам медицинска масажа — вештина која ми помогна во текот на еден тежок период со кој се соочивме со мојата сопруга околу 30 години подоцна. Но, веќе излегов од редоследот. Најпрвин, дозволете ми да ви кажам за мојата сопруга.
Едно попладне во 1949, додека бев во Салата на Царството, заѕвони телефонот. Се јавив и чув како еден сладок глас вели: „Се викам Кристин Генчур. Јас сум Јеховин сведок. Се преселив во Кливленд за да најдам работа, и сакам да се поврзам со собранието“. Нашата Сала на Царството беше далеку од местото каде што живееше таа, но ми се допадна нејзиниот глас, така што ѝ дадов упатства како да дојде до нашата сала и ја охрабрив тоа да биде таа недела — денот кога требаше да имам јавно предавање. Во неделата дојдов прв во Салата на Царството, но не се појави ниедна непозната сестра. Во текот на предавањето цело време се загледував во влезот, но никој не влезе. Следниот ден ѝ се јавив, и таа ми рече дека сѐ уште не е запозната со автобуските линии. Затоа, доброволно се понудив да се најдам со неа за да ѝ објаснам подобро.
Дознав дека нејзините родители, имигранти од Чехословачка, се поврзале со Библиските студенти откако ја прочитале брошурката Where Are the Dead? (Каде се мртвите?). Се крстиле во 1935. Во 1938, татко ѝ на Кристин станал слуга на друштвото (денес се нарекува претседавачки надгледник) на собранието на Јеховините сведоци во Клајмер (Пенсилванија, САД), и во 1947, Кристин се крстила на 16 години. Не ми требаше многу време за да се вљубам во оваа прекрасна, духовно настроена сестра. Се венчавме на 24 јуни 1950, и оттогаш Кристин ми е верна партнерка, секогаш спремна интересите на Божјето Царство да ги стави на прво место. Благодарен сум му на Јехова што оваа способна придружничка се сложи својот живот да го спои со мојот (Пословици 31:10, NW).
Големо изненадување
На 1 ноември 1951 почнавме да пионериме заедно. По две години, на еден конгрес во Толидо (Охајо), браќата Хуго Ример и Алберт Шредер разговараа со група пионери заинтересирани за мисионерска служба. Меѓу нив бевме и ние. Бевме охрабрени да продолжиме да пионериме во Кливленд, но токму следниот месец добивме големо изненадување — покана да присуствуваме на 23. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower, со почеток во февруари 1954!
Додека се возевме кон школата Гилеад, тогаш во Саут Ленсинг (Њујорк), Кристин беше толку нервозна што цело време ми велеше: „Вози побавно!“ Ѝ реков: „Кристин, ако возиме малку побавно, ќе се паркираме“. Но, набрзо откако стигнавме во студентскиот дом, се чувствувавме поопуштено. Брат Натан Нор ја пречека групата студенти и нѐ прошета наоколу. Исто така, ни објасни како можеме да штедиме вода и струја, нагласувајќи дека економичноста е доблест кога се грижиме за интересите на Царството. Тој совет ни се врежа во мислите. Сѐ уште живееме според него.
Слетување во Рио
Наскоро дипломиравме, и на 10 декември 1954 се качивме на авион во зимскиот Њујорк Сити, возбудени од изгледот да слетаме на нашата нова доделба во сончевиот Рио да Жанеиро (Бразил). Со нас патуваа Питер и Били Карбело, исто така мисионери. Летот требаше да трае 24 часа, со пауза во Порторико, Венецуела, и Белем во северен Бразил. Меѓутоа, поради проблеми со моторот, потребни беа 36 часа додека под нас не го здогледавме Рио де Жанеиро. Но, каква само величествена глетка! Градските светла блескаа како пламени дијаманти на кадифен ќилим, а сребрената светлина на месечината трепереше на водите на заливот Гуанабара.
На аеродромот нѐ пречекаа неколку членови на бетелската фамилија. Откако ни изразија срдечно добредојде, нѐ одвезоа до канцеларијата на подружницата, и околу три часот наутро се одвлечкавме до креветот. По неколку часа, будилникот нѐ потсети дека нашиот прв мисионерски ден започна!
Прва лекција
Набрзо научивме една важна лекција. Една вечер бевме на гости кај едно семејство Сведоци. Кога сакавме пешки да се вратиме во подружницата, домаќинот приговори: „Не, не можете да си одите; врне“, и се обиде да нѐ наговори ноќта да останеме кај нив. „Во местото од каде што доаѓаме исто така врне“, му реков, отфрлајќи ги неговите зборови со смеа. И си заминавме.
Поради планините околу Рио, дождовницата брзо се собира и се слева во градот, честопати предизвикувајќи поплави. Наскоро цапавме во вода до коленици. Во близина на подружницата, улиците се претворија во поројни реки, при што водата ни досегаше до градите. Кога конечно стигнавме во Бетелот бевме жива вода. Следниот ден на Кристин ѝ беше ужасно, и се разболе од стомачна треска, поради што долго време беше болна. Излишно е да се каже дека, како нови мисионери, требаше да внимаваме на советот на искусните локални Сведоци.
Првите чекори во мисионерското и патувачкото дело
Иако не ни тргна баш најдобро, сепак, ревносно почнавме со службата на теренот. На секого кого ќе го сретневме ќе му прочитавме една презентација на португалски, и се чинеше дека подеднакво напредуваме. Некој станар ќе ѝ речеше на Кристин: „Тебе те разбирам, но него не можам да го разберам“, посочувајќи кон мене. Друг станар ќе ми речеше: „Тебе те разбирам, но неа не“. Сепак, бевме возбудени што во текот на првите неколку седмици направивме повеќе од 100 претплати на Стражарска кула. Всушност, неколкумина од нашите библиски студенти се крстија уште во текот на нашата прва година во Бразил, што ни даде предвкус за тоа колку ќе биде плодоносна оваа мисионерска доделба.
Кон средината на 1950-тите, многу собранија во Бразил немаа редовни посети од покраински надгледници поради недостиг на квалификувани браќа. Затоа, иако сѐ уште го учев јазикот и немав одржано ниту едно јавно предавање на португалски, во 1956 бев доделен во покраинското дело во државата Сао Паоло.
Со оглед на тоа што првото собрание што го посетивме две години немало посета од покраински надгледник, сите имаа високи очекувања од јавното предавање. За да го подготвам тоа предавање, исеков пасуси од статии во Стражарска кула на португалски и тие исечоци ги залепив на листови хартија. Таа недела, Салата на Царството беше преполна. Луѓето седеа дури и на подиумот, сите во исчекување на големиот настан. Предавањето, или поточно речено читањето започна. Одвреме навреме погледнував, и на мое запрепастување не мрдаше никој, дури ни децата. Сите гледаа во мене со ококорени очи. Си помислив: ‚Па, Валентино, твојот португалски ептен се подобрил! Овие луѓе внимаваат‘. По неколку години, кога повторно го посетив тоа собрание, еден брат кој беше присутен и при првата посета ми рече: „Се сеќаваш ли на јавното предавање што го изнесе? Ниту еден збор не разбравме од него“. Признав дека ни јас не разбрав многу од тоа предавање.
Таа прва година во покраинското дело, честопати го читав Захарија 4:6. Зборовите ‚не со снага туку со Мојот дух‘ ме потсетуваа дека Јеховиниот дух е единствената причина за напредокот на делото на Царството. И тоа навистина напредуваше и покрај нашите очигледни ограничувања.
Предизвици и благослови по патот
Покраинското дело значеше да ја поминуваме земјата надолж и нашир натоварени со машина за пишување, пакети литература, куфери и актовки. Кристин мудро го пребројуваше нашиот багаж за да не превидиме некој предмет додека трчавме од еден автобус до друг. Не беше необично да патуваме по 15 часа со автобус по земјени патишта за да стигнеме до нашата следна станица. Понекогаш беше вознемирувачки особено кога два автобуса, кои одеа во спротивен правец, истовремено ќе поминеа на некој расклатен мост, доближувајќи се толку еден до друг што меѓу нив едвај имаше место да се стави тенка хартија. Патувавме исто така со воз, брод и на коњ.
Во 1961 почнавме да служиме во обласното дело, патувајќи од покраина до покраина наместо од собрание до собрание. По неколку вечери седмично прикажувавме филмови во продукција на Јеховината организација — секојпат на различно место. Честопати моравме многу брзо да дејствуваме за да го надмудриме локалното свештенство, кое се обидуваше да ги спречи овие претстави. Свештеникот во еден град извршил притисок врз сопственикот на една сала да го повлече договорот со нас. По неколку дена барање, пронајдовме друго место, но никому не му кажавме и цело време сите ги каневме на првобитната локација. Пред да започне програмата, Кристин отрча до салата и со шепот ги упати на новата локација оние што сакаа да го гледаат филмот. Таа вечер, 150 луѓе го гледаа филмот, кој имаше пригоден наслов Општеството на новиот свет во акција.
Иако патувачкото дело во изолирани подрачја понекогаш беше заморно, понизните браќа кои живееја таму толку ги ценеа нашите посети и беа толку гостољубиви во делењето на своите скромни домови со нас што секогаш му благодаревме на Јехова што можевме да бидеме со нив. Спријателувањето со нив ни донесе радосни благослови (Пословици 19:17; Агеј 2:7). Затоа бевме многу жалосни што откако служевме во Бразил повеќе од 21 година, нашите мисионерски денови завршија!
Во криза Јехова ни го покажа патот
Во 1975 Кристин имаше операција. Продолживме со патувачкото дело, но нејзиното здравје се влоши. Се чинеше дека е најдобро да се вратиме во Соединетите Држави за да добие медицинска нега. Во април 1976 пристигнавме на Лонг Бич (Калифорнија), и останавме кај мајка ми. Бидејќи две децении живеевме во странство, не бевме сигурни како да излеземе на крај со оваа ситуација. Почнав да правам масажи, и се издржувавме со заработката од таа работа. Државата Калифорнија ѝ обезбеди на Кристин место во болница, но таа таму секој ден се чувствуваше сѐ послабо бидејќи лекарите одбија да ја лекуваат без крв. Очајни, го преколнувавме Јехова за водство.
Едно попладне, додека бев во служба на теренот, забележав канцеларија на еден лекар и, без размислување, решив да влезам внатре. Иако лекарот се спремаше да си оди, ми дозволи да влезам и два часа разговаравме. Потоа ми рече: „Го ценам вашето дело како мисионери, и вашата сопруга ќе ја лекувам без пари и без трансфузија на крв“. Не можев да си верувам на ушите.
Овој љубезен лекар, кој испадна дека е почитуван специјалист, ја премести Кристин во болницата каде што тој работеше, и под неговата вешта грижа, нејзината состојба се подобри. Колку само му бевме благодарни на Јехова што ни го покажа патот во текот на тоа тешко време!
Нови доделби
Кога на Кристин ѝ се врати силата, служевме како пионери и ја имавме радоста да им помогнеме на неколку луѓе на Лонг Бич да станат обожаватели на Јехова. Во 1982 бевме замолени да служиме во патувачкото дело во Соединетите Држави. Секој ден му благодаревме на Јехова што повторно нѐ користеше во патувачкото дело — служба што ја сакавме. Служевме во Калифорнија, а потоа во Нова Англија, каде што покраината вклучуваше и некои собранија што зборуваа португалски. Подоцна ги вклучуваше и Бермудските Острови.
По четири освежувачки години, добивме друга доделба. Бевме замолени да служиме како специјални пионери таму каде што сакавме. Иако ни беше жал што требаше да го напуштиме патувачкото дело, бевме решени да се напрегаме на нашата нова доделба. Но, каде? Во патувачкото дело забележавме дека на португалското собрание во Њу Бедфорд (Масачусетс) му треба помош — па затоа се упативме кон Њу Бедфорд.
Кога пристигнавме, собранието ни приреди голема забава за добредојде. Колку само тоа нѐ направи да се чувствуваме потребни! Нѐ трогна до солзи. Еден млад брачен пар со две бебиња љубезно нѐ зеде во својот дом сѐ додека не си најдовме свој стан. Јехова навистина ја благослови оваа специјална пионерска доделба повеќе отколку што очекувавме. Од 1986 наваму, на 40 различни лица во овој град им помогнавме да станат Сведоци. Тие се наше духовно семејство. Освен тоа, јас ја имав радоста да набљудувам како пет локални браќа растат во грижливи пастири на стадото. Беше како да се служи на плодна мисионерска доделба.
Кога ќе се осврнеме наназад, се радуваме што уште од младоста му служиме на Јехова и што вистината ја направивме свој начин на живот. Секако, сега нѐ погодуваат староста и немоќта, но напрегањето на Јеховиниот пат сѐ уште е нашата сила и радост.
[Слика на страница 26]
Новопристигнати во Рио де Жанеиро
[Слика на страница 28]
Нашето духовно семејство во Њу Бедфорд (Масачусетс)