Можеш да си го подобриш здравјето
РУСТАМ, кој живее во Русија, е многу зафатен човек. Во минатото имал некои лоши навики, но сфатил дека му штетат на здравјето. Затоа, престанал да пуши и прекумерно да пие. Но, поради тоа што минувал многу време пред компјутерот, се чувствувал малаксано.
Иако почнувал со работа во осум часот наутро, ретко се чувствувал потполно буден пред десет часот и често се разболувал. Затоа, го сменил начинот на живот. Со каков резултат? „Последниве седум години, немам земено повеќе од два дена боледување“, вели тој. „Се чувствувам одлично — буден и спремен за работа — и многу порасположен!“
Рам со жена му и двете ќеркички живее во Непал. Во нивното место нема санитарна мрежа и има многу комарци и муви. Порано, Рам и неговото семејство често имале проблеми со дишењето и инфекции на очите. И тие направиле промени што многу им го подобриле здравјето.
Направи нешто за здравјето!
Мнозина, сеедно дали се богати или сиромашни, не сфаќаат дека нивното здравје е поврзано со нивните навики. Можеби сметаат дека доброто здравје зависи од случајноста или дека малку зависи од нив. Таквото гледиште спречува голем број луѓе да направат нешто за да си го подобрат здравјето и да водат продуктивен живот.
Реално гледано, каква и да е твојата финансиска состојба, можеш да преземеш неколку основни чекори за да го подобриш и своето здравје и здравјето на твоето семејство. Ќе ти се исплати ли трудот? Се разбира! Така можеш да си го направиш животот поубав, наместо непотребно да си го скратиш.
И со збор и со пример, родителите можат да им пренесат на своите деца добри навики кои ќе им помогнат да имаат подобро здравје. Времето и парите што дополнително ќе ги вложат, ќе им се исплатат затоа што така помалку ќе страдаат, поретко ќе земаат боледување и ќе имаат помали здравствени трошоци. Што би се рекло: Подобро да се спречи отколку да се лечи.
Во следните статии ќе разгледаме пет основни чекори што им помогнале на Рустам, Рам и на многу други. Истите чекори можат да ти помогнат и тебе!
[Слика на страница 3]
Рустам
[Слика на страница 3]
Рам и семејството се трудат да пијат чиста вода