Преземи чекори за да си го подобриш здравјето
СЕ СЕЌАВАШ ли на Рам, кого го спомнавме во првата статија? Како многу други низ целиот свет, и Рам не бил свесен колку се важни за здравјето правилната исхрана и другите секојдневни навики. Тој вели: „Статијата од Разбудете се! со наслов ‚Хранливи производи што ви се на дофат‘ (8 август 2002) ми помогна да разберам зошто треба да водиме сметка како се храниме“.
Рам објаснува: „Како семејство, се трудевме да го примениме она што го научивме од статијата. По некое време увидовме дека имунитетот ни се зајакна. Пред да почнеме да внимаваме како се храниме, многу често нѐ фаќаа настинки, а сега тоа ретко се случува. Благодарение на статијата од Разбудете се! со наслов ‚Шест начини да го заштитите своето здравје‘ (8 јануари 2004), научивме и како на евтини и лесни начини да дојдеме до питка вода.
И една друга статија ми помогна да го подобрам здравјето на моето семејство. Тоа беше статијата ‚Сапунот — „вакцина“ што си ја давате сами‘ која излезе во Разбудете се! од 8 март 2004. Почнавме да ги применуваме советите веднаш штом ги прочитавме. Сега немаме очни инфекции како порано.
Луѓето од нашето место не обрнуваат внимание на роевите муви и комарци. Но, од видеокасетата Библијата — нејзината моќ во вашиот животa како семејство научивме дека треба да се пазиме од тие инсекти. Тие информации исто така ни помогнаа да останеме здрави“.
Не се откажувај! Што и да треба да менуваш, ќе има повеќе шанси да успееш ако почнеш да ги правиш промените една по една и ако не си поставуваш недостижни цели. На пример, за почеток пробај да јадеш помалку храна што не е толку здрава наместо нагло да престанеш да ја јадеш. Гледај да си легнуваш малку порано и да вежбаш малку повеќе. Подобро е да правиш нешто отколку ништо. Обично е потребно некое време — неколку седмици или месеци — пред некоја нова, корисна навика да стане дел од тебе. Но, не се разочарувај ако веднаш не видиш резултати од трудот што го вложуваш. Ако истраеш и покрај повремените неуспеси, има големи шанси здравјето да ти се подобри.
Во овој несовршен свет невозможно е некој да има совршено здравје. Кога ќе се разболиме, не значи дека тоа е секогаш резултат на наш пропуст, туку се должи на грешноста што сме ја наследиле. Затоа, не дозволувај грижите околу здравјето или што и да е друго да ти предизвикаат непотребен стрес и немир. „Кој од вас може со својата загриженост барем малку да си го продолжи животниот век?“ прашал Исус (Лука 12:25). Наместо тоа, едноставно труди се да не правиш некои работи со кои непотребно ќе си го скратиш и загорчиш животот. Тоа ќе ти помогне да си го одржиш здравјето толку колку што е во твоите можности додека, во Божјиот нов свет, не дојде денот кога „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци. Ја нема на македонски јазик.