До подобри оценки со препишување?
ОДИШ ЛИ уште во школо? Тогаш, веројатно познаваш некои што препишуваат само за да добијат подобри оценки. Овој проблем е доста раширен. Во 2008 год., Институтот за етика Џозефсон направил анкета во која биле вклучени речиси 30.000 средношколци од САД, а 64 отсто од нив признале дека таа година препишувале на тест. Меѓутоа, некои проценуваат дека реалната бројка е уште повисока — над 75 отсто.
Ваквата измама, а посебно плагијаторството, е сериозен проблем и во Европа. Во една статија објавена во електронскиот весник Digithum се вели дека „еден нов и сѐ позагрижувачки проблем се веб-страниците на кои се продаваат готови есеи, магистерски трудови и докторски дисертации“.
Зошто мамењето е толку голем проблем? Дали оние што мамат навистина имаат корист од тоа? Дали сѐ уште се исплаќа да бидеш чесен, макар и тоа да значи да добиеш послаби оценки?
Зошто го има толку?
Пад на моралните вредности. „Многу просветни работници велат дека препишувањето зема замав поради падот на моралните вредности во нашево себично општество“, вели American School Board Journal. Една средношколка која одела во клас за напредни ученици, во врска со децата од нејзиниот клас рекла: „Сите... препишувавме. Ни требаа добри оценки за да се запишеме на добри факултети. Бевме добри ученици со висок морал; не дека не ги почитувавме етичките норми... Сакавме само да се запишеме на добар факултет“. Дури и некои родители усвоиле ваков став. Желни нивните деца да станат „успешни“, или го одобруваат препишувањето или замижуваат пред него, со што уште повеќе ги спуштаат моралните вредности на своите деца.
Притисок да се биде успешен. Според Доналд Мек-Кејб, основач на Меѓународниот центар за чесност на академските граѓани, учениците што мамат мислат дека чесноста е пречка и дека оние што мамат си поминуваат подобро.
Улогата на технологијата. Современата технологија им овозможува на учениците да мамат уште полесно и поефикасно. На Интернет можат да ги најдат или да им ги даваат на другите прашањата за следната писмена работа и одговорите за домашните задачи. Обично малкумина ќе бидат фатени, а тоа им дава смелост на другите.
Влијанието на лошите примери. Мамењето стана вообичаено и меѓу возрасните — во бизнисот, во политиката, во спортот, па дури и дома, каде што може да се види како родителите притајуваат данок или нечесно бараат поголема отштета од осигурувањето. „Кога ќе видат дека со измама се служат луѓето на повисока положба или оние што се посочувани како пример“, вели Дејвид Калахан, автор на книгата The Cheating Culture, „младите добиваат претстава дека мамењето е во ред.“ Но, дали е? Дали желбата за подобри оценки го оправдува препишувањето?
Зошто да не препишуваш?
Прашај се: ‚Која е целта на образованието?‘ Зарем не е да ги подготви учениците за многуте одговорности што ги носи животот, на пример да ги анализираат и да ги решаваат проблемите на работното место? Учениците кои имаат навика да препишуваат се во опасност да не ги научат тие вредни вештини. Според тоа, луѓето што се служат со измама ги прикриваат своите слабости и се лишуваат од можноста да успеат на многу подрачја во животот.
Освен тоа, „оние што уште рано во животот ќе научат да одат по линија на помал отпор — на пример да препишуваат на училиште — истата навика ќе ја имаат и кога ќе се вработат“, вели Калахан. Во некоја смисла, тие се како фалсификат брендирана облека или како часовник што изгледа како да е оригинал, но на крајот само ќе те разочара.
Се разбира, оние што препишуваат ризикуваат да бидат фатени и да ги трпат последиците. Во најмала рака, може да бидат посрамени. Но, може да бидат и исклучени од училиштето или да добијат некоја уште полоша дисциплинска мерка. Библијата јасно предупредува: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Меѓутоа, стравот дека ќе бидеш фатен не треба да е главната причина да бидеш чесен. Има многу поважни причини.
Чесноста е вистинскиот пат до успех
Младите што постапуваат мудро се трудат да развијат особини што ќе им користат цел живот, а не само додека се на училиште. Затоа, вредно учат и се трудат да стекнат вредности кои ќе им ја зголемат самопочитта, ќе им помогнат да ја стекнат почитта на идните работодавачи и ќе им донесат трајна среќа.
Тие вредности се наоѓаат во Библијата, а младите што живеат според нив не губат ништо. Напротив, како што читаме во 2. Тимотеј 3:16, 17, тие стануваат ‚вистински способни и потполно опремени за секое добро дело‘. Еден тинејџер по име Хорхе вели: „Моите врсници препишуваат затоа што сакаат да добијат добри оценки без мака. Но, јас сакам да го радувам Бог. Во Изреки 14:2, Библијата вели дека оној ‚кој живее справедливо, се бои од Јехова, а кој е расипан на своите патишта, го презира‘. Знам дека ништо не можам да скријам од Бог. Затоа не препишувам и не им потшепнувам на другите“.
Точно е дека учениците кои се трудат да живеат во склад со библиските начела можеби се, а можеби и не се најинтелигентните во класот. Но, тие се најмудрите затоа што својот успех го градат на најдобар и најцврст темел (Псалм 1:1-3; Матеј 7:24, 25). Што е уште поважно, знаат дека нашиот Творец ги сака и ги поддржува.
[Рамка/слика на страница 28]
КОРИСНИ НАЧЕЛА
● „Вистинољубивите усни ќе постојат засекогаш, а лажливиот јазик само за миг“ (Изреки 12:19)
● „Верниот човек добива многу благослови“ (Изреки 28:20)
● „Вистинскиот Бог ќе донесе суд за секое дело и за сѐ што е скриено, и ќе каже дали е добро или е зло“ (Проповедник 12:14)
● „Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евреите 13:18)
[Слика на страници 26 и 27]
Современата технологија им овозможува на учениците да мамат уште полесно и поефикасно
[Слика на страница 28]
Учениците што препишуваат се како фалсификат часовник — добри се само на изглед