Библијата — книга со точни пророштва — дел 8
„Да дојде царството твое“
Во оваа серија од осум статии е разгледано едно извонредно обележје на Библијата — пророштвата запишани во неа. Статиите ќе ти помогнат да дојдеш до одговорот на овие прашања: Дали библиските пророштва се едноставно производ на некои паметни луѓе? Или, пак, се дело на Бог? Испитај што велат доказите.
ВЕЌЕ речиси 2.000 години, луѓето што се изјаснуваат како христијани се молат да дојде Божјето Царство. Самиот Исус го дал тој поттик. Тој ги поучил своите ученици да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10).
Кое е ова Царство за кое се молат толку многу луѓе? Тоа е Божја небесна влада која ќе ги замени сите други влади. Исус Христос, кого Бог го поставил за Цар на тоа Царство, ја извршува Божјата волја на небото и на Земјата (Даниел 2:44; 7:13, 14). Во времето што го одредил, Бог ќе одговори на оваа молитва така што ќе стави крај на сето зло и страдање и ќе избави едно неброено „големо мноштво“ од свои верни слуги (Откровение 7:9, 10, 13-17). Потоа, „праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
Дали постои некаков начин поконкретно да дознаеме какви услови ќе има на Земјата под Христовото владеење? Да, постои! Кога Исус бил на Земјата, покажал дека има желба да ги реши проблемите на човештвото, но и дека има моќ да го направи тоа. Да разгледаме четири библиски пророштва и на кој начин во мала мера Исус покажал што сѐ ќе направи по целата Земја како Цар на Божјето небесно Царство.
Пророштво 1
„Јехова... ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“ (Псалм 46:8, 9).
Исполнување: Исус Христос, ‚Кнезот на мирот‘, ќе донесе траен мир на Земјата. Преку едно мирољубиво образовно дело и глобално разоружување, Божјето Царство ќе ги обедини сите луѓе во едно вистинско меѓународно братство (Исаија 2:2-4; 9:6, 7; 11:9).
Што вели историјата:
Исус ги поучувал своите следбеници да не земаат оружје в рака, туку да живеат во мир едни со други. Кога еден од неговите ученици се обидел да го одбрани со меч, Исус му рекол: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:51, 52). Исус рекол дека вистинските христијани ќе се препознаваат по љубовта што ќе владее меѓу нив (Јован 13:34, 35).
Пророштво 2
„На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16).
Исполнување: Божјето Царство ќе им стави крај на недостигот од храна и на гладот. За секого ќе има изобилство здрава храна.
Што вели историјата:
Јасно можело да се види дека Исус искрено сочувствувал со гладните, а неговата способност со чудо да нахрани огромен број луѓе била нешто неверојатно. Еден очевидец напишал: „[Исус] му заповеда на народот да испоседне на тревата. Потоа ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото и кажа благослов, па ги раскрши лебовите и им ги раздели на учениците, а учениците на народот. И сите јадоа и се наситија. Потоа ги собраа преостанатите парчиња — дванаесет полни кошници. А оние што јадеа беа околу пет илјади мажи, не сметајќи ги жените и децата“ (Матеј 14:14, 19-21).
Пророштво 3
„Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). „Ќе им се отворат очите на слепите и ќе им се отнат ушите на глувите. Тогаш сакатиот ќе скока како елен, а јазикот на немиот радосно ќе извикува“ (Исаија 35:5, 6).
Исполнување: Божјето Царство ќе ја искорени секоја болест и хендикеп. Слепите ќе гледаат, глувите ќе слушаат и немите ќе зборуваат. Никому веќе нема да му требаат лекови, болници или лекари.
Што вели историјата:
Кога Исус ги поучувал луѓето за Божјето Царство, тој со задоволство ги лекувал сите нивни болести и инвалидитети. Така, само во мала мера Исус покажал што ќе направи по целата Земја како Цар на небесното Царство (Лука 7:22; 9:11).
Пророштво 4
Бог „ќе ја уништи смртта“ (Исаија 25:8).
Исполнување: Кога Христос ќе владее како Цар на Божјето Царство, „оние што се во гробовите“ ќе бидат воскреснати за живот на рајската Земја (Јован 5:28, 29). Исус ќе ја победи смртта, нашиот најсуров непријател, и ќе ни даде можност да живееме вечно (Псалм 37:29).
Што вели историјата:
Во најмалку три прилики, Исус покажал колкава моќ има со тоа што воскреснал мртов човек (Лука 7:11-15; 8:41-55; Јован 11:38-44). По смртта на Исус, околу 500 очевидци можеле да потврдат дека Исус воскреснал од мртвите (1. Коринќаните 15:3-8).
Во оваа серија од осум статии беа разгледани многу библиски пророштва што се исполниле. Сите тие пророштва, и уште многу други, покажуваат дека Библијата не е производ на некои паметни луѓе. Напротив, постојат непобитни докази дека таа е дело на Бог. Не постои никаков сомнеж дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тимотеј 3:16).
Бидејќи Библијата е книга на веродостојни пророштва, имаш силни причини да веруваш дека „уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).