„Досаден си како стеница!“
КОН средината на 20 век, се чинеше дека човекот успеа да ја добие војната против стениците. Некои го знаеја зборот „стеница“ само од познатата изрека: „Досаден си како стеница“. Но, во 1970-тите многу земји решија да ја забранат употребата на инсектицидот ДДТ — главно оружје против стениците — затоа што беше отровен и штетен за околината.
Со текот на времето, стениците станаа отпорни на други хемиски препарати. Освен тоа, луѓето почнаа повеќе да патуваат и несвесно да ги разнесуваат стениците со себе. Каков е резултатот од тоа? Во еден извештај за контрола на инсектите од 2012 год., се вели: „Во изминативе 12 години, добивме извештаи дека стениците повторно се појавиле во САД, Канада, на Блискиот Исток и во неколку европски земји, во Австралија и во делови од Африка“.
Во Москва (Русија) во една од последниве години имаше десетпати повеќе поплаки за појава на стеници отколку претходно. Во исто време, на другиот крај на светот, во Австралија, појавата на стеници се зголеми околу 5.000 отсто од 1999 год.!
Некои луѓе несвесно носат дома стеници од продавниците, киносалите или хотелите. „Секако ќе си понесете стеници“, вели управникот на еден хотел во САД. „Во нашиов бизнис, неизбежно е одвреме-навреме да се бориме со овие штетници.“ Зошто е толку тешко да се истребат стениците? Како можеш да се заштитиш? Ако и твојот дом го нападнат стеници, што би можел да направиш за да ги истребиш и да спречиш повторно да се појават?
Издржливи бубачиња
Стениците се големи колку семче од јаболко и имаат сплескано тело, па затоа можат да се скријат речиси секаде. Може да ти се удомат во душекот, во мебелот, во штекерите, па дури и во телефонот. Стениците обично се движат во радиус од 3 до 6 метри од креветите и мебелот за седење. Зошто? За да бидат близу до својот извор на храна — до тебе!a
Стениците често ги касаат своите жртви додека тие спијат. Меѓутоа, повеќето луѓе никогаш не го чувствуваат тоа бидејќи стениците им вбризгуваат еден вид анестетик што им овозможува да си се насладуваат десетина минути без некој да им пречи. Иако стениците може да јадат секоја седмица, познато е дека можат да издржат без храна и неколку месеци.
Точно е дека стениците, за разлика од комарците и некои други инсекти, не пренесуваат заразни болести. Сепак, нивните убоди можат да предизвикаат чешање и отоци, а многу луѓе страдаат и емоционално. Каснатиот може да има несоница, да чувствува срам, па дури и „замислени убоди“ долго откако стениците ќе ги снема. Во еден извештај од Сиера Леоне, се вели дека стениците се „извор на голема раздразливост и бессони ноќи“ и дека „човек може да биде обележан во својата средина поради нив“.
Не пуштај ги дома
Стениците може да се појават во сечиј дом. Со нив е полесно да се справиш ако ги откриеш навреме. Затоа, научи кои работи се знак дека имаш стеници дома или таму каде што престојуваш. Проверувај го мебелот, лајсните и багажот за да видиш да не има мали јајца со големина на семе од афион или дамки од крв. Користи батериска ламба за да можеш подобро да ги забележиш.
Не оставај им на стениците место каде што ќе се кријат. Затвори ги пукнатините во ѕидовите и во касите на вратите. Иако нечистотата не привлекува стеници, полесно ќе ги забележиш и ќе ги држиш под контрола ако редовно чистиш со правосмукалка и ако куќата ти е уредна. Кога престојуваш во хотелска соба, можеш да ги намалиш шансите да понесеш стеници со себе ако куферот го чуваш подалеку од подот и од креветот.
Ако ти се појават стеници дома
Ако најдеш стеници дома или во хотелската соба, можеби ќе те фати паника, па дури и срам. Додека биле на одмор, Дејв и жена му биле каснати од стеници. „Се преплашивме“, вели Дејв. „Што ќе им кажеме на пријателите и на роднините кога ќе се вратиме дома? Ако почне нешто да ги чеша или ако им се иритира кожата, дали ќе помислат дека тоа е затоа што ни дошле дома?“ Иако ваквата реакција е нормална, не дозволувај срамот да те спречи да побараш помош. Од Институтот за здравје и ментална хигиена на град Њујорк ја даваат оваа гаранција: „Тешко е, но не и невозможно да се ослободиш од стениците“.
Проверувај да не има стеници и преземи мерки да не ти влезат дома
Меѓутоа, не потценувај ја таа задача. Ако најдеш стеници дома, помош можеш да добиеш од службата за заштита од штетници. Иако повеќе не се користат хемиските препарати што беа спомнати претходно, оваа служба сега користи комбинација од неколку ефикасни методи за отстранување на инсекти. Ентомологот Дини М. Милер вели: „За справување со стениците потребна е добра соработка меѓу станарите, куќниот совет и службата за заштита од штетници“. Со тоа што ќе се држиш за упатствата на службата и ќе преземеш разумни мерки на претпазливост, ќе го направиш својот дел и нема да им дозволиш на стениците ‚да бидат досадни како стеници‘!
a Ентомолозите известуваат дека стениците се хранат со крвта на луѓе и на други цицачи, вклучувајќи ги и домашните миленичиња.