Како да трошиш со мерка
Освен што сме изложени на притисок од рекламите, и нашите чувства и навики може да бидат причина за претерано трошење. Еве шест предлози што можат да ти помогнат да внимаваш колку трошиш.
Не купувај импулсивно. Ја сакаш ли возбудата кога одиш во шопинг или кога ќе најдеш нешто по супер цена? Ако тоа те возбудува, можеби си склон да купуваш импулсивно. За да се спротивставиш на таа склоност, закочи малку и размисли реалистично какви ќе бидат последиците ако го купиш, го поседуваш и го одржуваш она што планираш да го купиш. Застани за момент и сети се на некои работи што си ги купил, а за кои подоцна си се каел. Остави малку време да ти спласнат емоциите, па потоа донеси конечна одлука.
Не купувај само за да си го подобриш расположението. Шопингот може за кратко да ти го крене расположението. Но, кога ќе се вратат негативните мисли, може да чувствуваш уште поголем притисок да бараш олеснување преку трошење пари. Наместо да го користиш купувањето за да си го подобриш расположението, побарај поддршка од пријателите или зафати се со некоја физичка активност, на пример, оди на прошетка.
Не купувај чисто од забава. Големите шопинг центри го претворија купувањето во еден вид забава. Можеби одиш по продавниците или пребаруваш на Интернет чисто од забава, но голем дел од она што го гледаш таму е така осмислено за да роди во тебе желба да купуваш. Оди на купување само кога ти треба нешто конкретно и купи го само она што ти треба.
Внимателно избирај го друштвото. Животниот стил и разговорите на твоите пријатели многу влијаат врз твоите желби. Ако трошиш премногу само за да бидеш како нив, тогаш избери пријатели кои не ставаат голем акцент на парите и на материјалните работи.
Мудро користи ги кредитните картички. Со кредитните картички многу е лесно да купуваш без да мислиш на последиците. Труди се секој месец да ги вратиш потрошените средства навреме. Биди информиран колкава е каматната стапка и месечниот минимум за плаќање на твојата картичка. Исто така, разгледувај други понуди за да најдеш картичка што најмногу ќе ти се исплати. Биди претпазлив со премиум картичките кои имаат поголем кредитен лимит и кои нудат поволности кои, всушност, не ти се потребни. Наместо да купуваш на кредит, кога сакаш да купиш нешто поскапо, заштеди си пари и плати во готово.
Биди свесен за својата финансиска состојба. Многу е полесно да трошиш ако не си свесен за својата финансиска состојба. Затоа, редовно проверувај си ги сметките. На темел на тоа колкави примања имаш и колку си трошел претходно направи си реалистичен план колку да трошиш месечно. Запишувај си колку трошиш и провери дали се држиш за планот. Замоли некој пријател да ти помогне да ги разбереш работите поврзани со финансиите што не ти се добро познати.