ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Можеме ли да им веруваме на медиумите?
МНОГУ луѓе се сомневаат во она што го објавуваат медиумите. На пример, при едно истражување на Галуп во 2012 год. во САД, луѓето биле прашани дали имаат доверба дека вестите на телевизија и на радио се точни, искрени и целосни. Шест од десет испитаници одговориле со „не многу“ или „воопшто не“. Дали ваквата недоверба е оправдана?
Многу новинари и новински агенции тврдат дека чувствуваат обврска да објавуваат точни и информативни извештаи. Сепак, постои реална причина за загриженост. Размисли за следниве фактори:
МЕДИУМСКИ МАГНАТИ. Водечките медиумски куќи се во рацете на мал број корпорации со голема моќ. Овие медиумски куќи имаат големо влијание врз тоа кои вести ќе бидат објавени, како ќе бидат објавени и колкав публицитет ќе им се даде. Бидејќи главна цел на повеќето корпорации е да дојдат до профит, одлуките на медиумските куќи може да бидат мотивирани од економски интерес. Затоа, информациите што може негативно да се одразат врз профитот на сопствениците на новинските агенции можеби нема ни да бидат објавени.
ВЛАДИ. Голем дел од она што го дознаваме преку медиумите се однесува на политичарите и на активностите на одредена влада. Владите сакаат да ја придобијат поддршката на народот во однос на нивната политика и нивните претставници. А бидејќи медиумите добиваат информации од властите, новинарите и изворите блиски до владата понекогаш меѓусебно соработуваат.
РЕКЛАМИ. Во повеќето земји, медиумските куќи мораат да имаат постојан прилив на средства за да опстанат, а најголемиот дел од средствата ги добиваат од рекламите. Во САД, од 50 до 60 отсто од приходот на списанијата доаѓа од реклами. За весниците оваа бројка е 80 отсто, а за приватните телевизиски куќи и радиостаници е 100 отсто. Се разбира, компаниите што се рекламираат не сакаат да спонзорираат емисии што ги прикажуваат во лошо светло нивните производи или нивниот начин на работење. Ако не им се допадне она што го објавува медиумската куќа, ќе се рекламираат на друго место. Бидејќи се свесни за тоа, уредниците може да забранат да се објавуваат вести што ги оцрнуваат нивните спонзори.
НЕИСКРЕНОСТ. Сите новинари не се искрени. Некои од нив пласираат измислени приказни. На пример, пред неколку години, еден репортер од Јапонија сакал да направи прилог за тоа како нуркачите ги уништуваат коралите во Окинава. Бидејќи не нашол никакви докази, самиот оштетил неколку корали и потоа ги фотографирал. Исто така, сликите може да се обработат за да се измами јавноста. Сега фотомонтажата е толку усовршена што некои лажни фотографии не можат ни да се препознаат.
ИЗВРТУВАЊЕ ФАКТИ. Дури и кога станува збор за добро основани факти, начинот на кој ќе бидат презентирани зависи од личното гледиште на новинарот. Кои факти треба да се вклучат во прилогот, а кои да се изостават? На пример, еден фудбалски тим може да го изгуби натпреварот со два гола разлика. Тоа е факт. Но, зошто тимот бил поразен е нешто што новинарот може да го раскаже на многу начини.
ИСПУШТАЊЕ ДЕТАЛИ. Кога ги изнесуваат фактите за да создадат сензационална вест, новинарите честопати испуштаат детали што би можеле да ја засенат веста или да остават неодговорени прашања. Со тоа некои факти се преувеличуваат, а други се минимизираат. Бидејќи водителите и репортерите понекогаш треба да раскажат долга приказна за една-две минути, можеби ќе испуштат важни детали.
КОНКУРЕНЦИЈА. Во последниве неколку децении се зголеми бројот на телевизиски куќи. Поради тоа, гледачите минуваат сѐ помалку време гледајќи само еден телевизиски канал. За да го задржат нивното внимание, телевизиските куќи се принудени да понудат нешто уникатно и забавно. Во врска со ова, книгата Media Bias вели: „Вестите [на телевизија] станаа вистинско шоу. Постојано се вртат слики избрани да шокираат или да привлечат внимание, а извештаите се кратат бидејќи гледачите сѐ помалку можат да останат сконцентрирани“.
ГРЕШКИ. Бидејќи и новинарите се луѓе, нормално е да прават ненамерни грешки. Погрешно напишан збор, запирка ставена на погрешно место, граматичка грешка — сето ова може да ја смени смислата на една реченица. Може да се направи пропуст и ако фактите не се проверат темелно. Освен тоа, ако брза да заврши на време, новинарот може многу лесно да ги згреши бројките и, на пример, од 100.000 да испадне 10.000.
ПОГРЕШНИ ЗАКЛУЧОЦИ. Да се пренесат точни вести не е толку лесно како што можеби си мислат некои. Она што денес изгледа како факт, утре можеби ќе се докаже дека не е. На пример, некогаш се верувало дека Земјата е центар на Сончевиот систем. Но, денес знаеме дека Земјата се врти околу Сонцето.
Потребна е рамнотежа
Мудро е да не веруваме во сѐ што ќе чуеме, но тоа не значи дека не треба да веруваме во ништо. Иако е важно донекаде да бидеме скептични, треба и да сме спремни непристрасно да ги одмериме фактите.
Библијата вели: „Зарем увото не ги испитува зборовите како што непцето ја вкусува храната?“ (Јов 12:11). Еве неколку прашања кои ќе ни помогнат да ги испитаме информациите што ни се сервираат:
МЕДИУМ: Дали веста доаѓа од меродавна личност или организација? Дали програмата или публикацијата е на глас дека пренесува точни информации или, пак, е позната по тоа што од секоја вест прави сензација? Кој го финансира медиумот?
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИТЕ: Има ли докази дека е направено темелно истражување? Дали информациите се добиени само од еден извор? Дали изворите се сигурни, непристрасни и објективни? Дали информациите се урамнотежени и сеопфатни?
ЦЕЛ: Прашај се: ‚Дали веста е од информативен или од забавен карактер? Дали нејзината цел е да нѐ убеди во нешто или да застапува нечии интереси?‘
ТОН: Дали веста е изнесена со гнев, омраза или содржи премногу критики? Тогаш можеби се работи за напад или оцрнување, а не за логични аргументи.
ПРОТИВРЕЧНОСТИ: Дали во други статии или извештаи се изнесени поинакви факти во врска со истата вест? Ако информациите си противречат, внимавај!
ФАКТОРОТ ВРЕМЕ: Дали информациите се доволно нови за да ги прифатиш како вистинити? Нешто што се сметало за точно пред 20 години може да не биде точно денес. Од друга страна, ако станува збор за најнови вести, можеби информациите нема да бидат целосни и детални.
Според тоа, можеме ли да им веруваме на медиумите? Во изреките на Соломон ја наоѓаме следнава мудра изјава: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).