Да се пасе Божјето стадо во единство
Некои прашуваат: ”Кој го води тоа светско собрание на Јеховините сведоци?“ Ние одговараме: Водството е поставено по примерот на христијанското собрание од првиот век.
Во 1870-те Чарлс Т. Расел и неговите другари презеле иницијатива за ширење на резултатите од своето проучување на Библијата со помош на предавања и печатени публикации. Оние кои сакале да се придружат во ова дело, на Расел и на неговите блиски соработници гледале како на тело од луѓе најискусни за извршување на Господовата работа и како на луѓе од кои би можеле да бараат совет во врска со своите активности.
Во 1884 година Друштвото Сионска стражарска кула и трактати било основано во согласност со законите на Комонвелтот на Пенсилванија. Расел и неговите соработници биле најтесно ангажирани околу управувањето со работите на Друштвото, како и со активностите на Истражувачите на Библијата. Во 1909 година својата централа ја преселиле во Бруклин, Њујорк. Во текот на годините управителите на Друштвото Стражарска кула и други блиску поврзани духовно способни, помазани мажи служеле како Водечко тело на Јеховините сведоци.
Водечкото тело се состои од група помазани христијански мажи (во 1986 г. биле 13), од кои седуммина служат како управувачки одбор на Друштвото Стражарска кула. Тие ја надгледуваат светската активност на Јеховините сведоци. Тие не се инспирирани од Бог, па затоа не се непогрешиви, туку имаат темелно познавање на Божјата непогрешива реч, а зад себе имаат животно искуство на подложување на Божјата волја. Секој од нив има поминато повеќе од 40 години во полновремената служба на проповедање со Јеховините сведоци.
Водечкото тело го надгледува она што Друштвото го објавува. Она што се пишува се темели на духовните потреби на стадото и е резултат на исцрпно проучување и истражување на Божјата реч кое се врши под молитва. Како што овие луѓе продолжуваат да ја проучуваат Библијата и да го набљудуваат напредното извршување на Божјата намера, исполнувањето на пророштвата во светските настани и состојбата на Божјиот народ во светот, повремено можат да најдат за потребно да дадат дополнително осветлување на разбирањето на одредени учења. На тој начин спознанието на вистината станува сѐ поизобилно (Псалми 97:11; Изреките 4:18; Даниел 12:4).
Водечкото тело во секоја од повеќе од 94-те подружници ширум светот наименувало тројца или повеќе духовно способни мажи како Одбор на подружницата за да ја надгледува активноста во повеќе од 200 земји и острови. Подружниците соработуваат со собранијата кои се под нивни надзор. Постои редовно контактирање меѓу Водечкото тело со Одборите на подружниците, а членовите на Водечкото тело лично секоја година посетуваат многу подружници за да се запознаат со тамошните прилики.
Овие луѓе не се господари над верата на другите, туку се слуги кои тешко и напорно работат за да можат другите да научат за Божјата реч. Тие не служат поради финансиска корист, туку своите материјални потреби ги задоволуваат на ист начин како и сите други членови на Бетелските фамилии. Доказот дека тие верно служат е видлив во ревноста, единството, високите морални мерила и оддаденоста на библиските учења, како што тоа се забележува кај Јеховините сведоци ширум светот (1. Коринтјаните 3:5-9; 4:1, 2; 2. Коринтјаните 1:24; 3:1-3; 1. Петрово 5:2, 3).
● Каков распоред на управа е развиен?
● Кој денес служи во Водечкото тело, и какви се нивните одговорности?
● Како се надгледува делото во другите земји?
[Карта на страница 26]
(Види во публикацијата)
Подрачја на кои проповедаат Јеховините сведоци
[Слики на страница 26]
Претседатели на Друштвото Стражарска кула
Ч. Т. Расел, 1884-1916
Џ. Ф. Ратерфорд, 1916-1942
Н. Х. Нор, 1942-1977
Ф. В. Франц, 1977-1992
[Слики на страница 27]
Неколку од над 90 подружници преку кои се надгледуваат активностите на Јеховините сведоци ширум светот
Канада
Замбија
Германија
Јапонија
Австралија
Бразил